/ Прочитано:

2.952

Пресуда на ЕСЧП во корист на македонски граѓанин за должината на постапката за денационализација за конфискуван хотел

Европскиот суд за човековите права донесе пресуда за случајот „Петровиќ против Република Македонија“.

Пресудата на Европскиот суд за човековите права е во корист на сега починатиот жалител Душан Петровиќ, државјанин на Република Македонија и Република Србија, односно во корист на неговите синови Александар Петровиќ и Жика Петровиќ. Постапката пред ЕСЧП ја водел српскиот адвокат А. Босиљковиќ кој има адвокатска канцеларија во Белград.

Петровиќ, како што образложуваат од ЕСЧП, до Судот во Стразбур се жалел за должината на постапката за денационализација на конфискуван имот – хотел во Скопје, кој од страна на државата бил конфискуван во 1948 година. Жалителот Петровиќ постапката за денационализација ја започнал во 2002 година.

Како што образложува Судот во Стразбур, во изминатите години неговиот предмет за конфискуваниот имот поминал низ повеќе административни и судски постапки. За предметот, велат од ЕСЧП, се чека пресуда од Вишиот управен суд.

Петровиќ во жалбата до Судот во Стразбур истакнал дека должината на временскиот период за одлучување по неговиот предмет не била разумна и  била прекумерна, со што била во директна спротивност со Европската конвенција за заштита на човековите права и слободи.

Конкретно, жалителот посочил дека во конкретниот случај има прекршување на членот 6, став 1 од Европската конвенција, кој се однесува на право на правична судска постапка. Секој, се вели во ставот од членот 6 на Конвенцијата, има право правично и јавно, во разумен рок, пред независен и непристрасен суд воспоставен со закон да бидат разгледани и утврдени неговите граѓански права и обврски.

Според Европскиот суд за човековите права, во случајот „Петровиќ против Република Македонија“ имало прекршување на членот 6, став 1 од Европската конвенција за заштита на човековите права и слободи.

M.В