/ Прочитано:

1.240

ПРЕСУДА НА ЕСЧП ЗА СЛУЧАЈОТ ИЛИЕВСКА ПРОТИВ РМ: Полициските лисици на рацете на пациентката – нечовечки и понижувачки третман

Европскиот суд за човекови права пресуди во корист на македонска државјанка која до Судот се жалела дека била изложена на полициска бруталност за време на нејзиниот трансфер од Крива Паланка до Психијатриската болница Бардовци Скопје.

Во пресудата Судот образложува дека на 24 април 2009 година жалителката била оперирана од карцином на стомакот и потоа била подложена на хемотерапија. На 29 октомври 2009 година се почувствувала анксиозно и депресивно и нејзиниот сопруг побарал медицинска помош од болницата во Крива Паланка. Лекар по општа пракса дал мислење дека жалителката треба да се префрли во Психијатриската болница во Скопје. Специјалист по невропсихијатрија во болницата во Крива Паланка, исто така, дал мислење дека треба да се префрли во таа болница со полициска асистенција.

„На 29 октомври, околу 17.00 часот, медицинско возило пристигнало во домот на жалителката во селото Узем. Двајца полициски службеници асистирале во трансферот на жалителката до Психијатриската болница Бардовци во Скопје, каде што таа останала до 31 октомври 2009 година“, стои во пресудата.

Повреди на зглобовите на рацете

Жалителката се жалела дека третманот на кој била подложена од страна на полициските службеници за време на нејзиниот трансфер со амбулантното возило до болницата „Бардовци“ во Скопје, кога се здобила со повреди на зглобовите на рацете. Жалителката повторно изнесе наводи дека била тепана и удирана со тупаници за време на трансферот и била врзана со лисици.

Во врска со случајот, во „Специјалниот извештај“ на МВР се наведува дека полициските службеници негирале дека примениле каква било сила врз жалителката, а жалителката ги навредувала и викала гласно.

Европскиот суд забележува дека меѓу страните не е спорно дека на критичниот датум жалителката имала една епизода на душевно растројство и, како што подвлекува, таа имала такви епизоди откако била оперирана од карцином на стомакот и откако била подложена на хемотерапија.

Во пресудата се вели дека полициските службеници, кои биле ангажирани за да се обезбеди асистенцијата, исто така, биле предупредени за состојбата на жалителката .

 Судот истакнува дека има повреда на членот 3 од Конвенцијата за заштита на човековите права и слободи поради тоа што на рацете ѝ биле ставени лисици за време на нејзиниот трансфер од Крива Паланка до болницата Бардовци во Скопје.

„Судот веќе има утврдено дека жалителката имала хематоми на двата зглоба на рацете, секој со димензии 2 х 6 см. Овие повреди се опишани во лекарското уверение бр. 2131, издадено од болницата во Крива Паланка на 31 октомври 2009 година, истиот ден кога таа била отпуштена од болницата Бардовци. Владата не даде какво било објаснување за тоа како настанале овие повреди. Понатаму, Судот не смета дека повредите на зглобовите на рацете на жалителката можело да бидат нанесени во инцидентот од 27 октомври 2009 година, опишан од страна на д-р С.В. Во таа смисла, тој забележува дека Владата призна дека такви повреди разумно може да се предизвикани од лисици. Владата, исто така, не образложи дали жалителката не била врзана со лисици во амбулантното возило во условите што таа го опиша. Во такви околности, Судот наоѓа дека наводите на жалителката во однос на употребата на лисици се доволно убедливи и несомнено утврдени. Според тоа, тој мора да испита дали употребата на лисици, со оглед на околностите на случајот, била оправдана. Од тие причини тој смета дека во конкретниот контекст на случајот, Судот не може да препознае никаков основ за да се прифати дека било пропорционално жалителката да биде врзана со лисици, како што опишала таа, во текот на трансферот до болницата во Скопје. Од гореспоменатото Судот заклучува дека врзувањето со лисици на жалителката за време на нејзиниот трансфер до болницата во Скопје претставувало понижувачко постапување спротивно на членот 3 од Конвенцијата“, се наведува во пресудата.

Забрана за тортура и нечовечко или понижувачко постапување или казнување – независно од однесувањето на жртвата

Судот повторува дека членот 3 од Конвенцијата во апсолутна смисла забранува тортура и нечовечко или понижувачко постапување или казнување, независно од однесувањето на жртвата. Постапувањето од страна на Судот е оценето како „нечовечко” бидејќи, меѓу другото, било однапред смислено, било применето со часови и предизвикало или телесни повреди или интензивно физичко и ментално страдање.

„Постапувањето се смета за ‘понижувачко’ кога било такво, што кај жртвите предизвикало чувства на страв, болка и инфериорност, што може да ги понижи и да ги навреди и евентуално да го скрши нивниот физички или морален отпор. Со цел казната или постапувањето да бидат ‘нечовечки’ или ‘понижувачки’, страдањето или понижувањето мора на кој било начин да оди подалеку од неизбежниот елемент на страдање или понижување поврзано со одредена форма на легитимно постапување или казнување“, образложува Европскиот суд за човекови права.

М.В / veljanoskim@akademik.mk

7.8.2015