/ Прочитано:

892

Пресуда на ЕСЧП за случајот Николова против РМ: Непотребно пролонгирани постапки

Среда, 5 август 2015 – Европскиот суд за човекови права донесе пресуда за предметот Николова против Република Македонија, во корист на жалителката поради, како што се наведува во пресудата, непотребно пролонгирање на постапките кои траеле речиси дваесет години во три судски инстанции.

Како што образложува Судот, жалителката била сопственик на неизградено земјиште, со вкупна површина од 558 м2. На 30 јуни 1987 година Советот на Општина Кавадарци  го експроприрал земјиштето. Како што било наведено во налогот за експропријација, таа била спроведена во корист на Општината Кавадарци за потребите за изградба на стовариште.

Николова се жалела, поконкретно, дека должината на оспорените постапки за утврдување на вредноста на надоместокот за експроприраното земјиште претставувало повреда на членот 6 од Конвенцијата.

Во својата апликација жалителката се жалела дека не ѝ бил доделен надоместок за експроприраното земјиште, што претставува повреда на членот 1 од Протоколот бр. 1 на Конвенцијата, кој гласи:

Секое физичко или правно лице има право на непречено уживање на својата сопственост. Никој нема да биде лишен од својата сопственост освен кога е тоа во јавен интерес и под услови определени со закон и општите принципи на меѓународното право. Претходните одредби на никаков начин не го спречуваат правото на државата да ги примени оние закони кои се неопходни за да се контролира користењето на сопственоста, согласно општите интереси или да се обезбеди плаќање на даноците или други придонеси или парични казни.”

Жалителката се жалела и на повреда на барањето за „разумен рок”, во согласност со членот 6 од Конвенцијата, кој гласи:

„При определување на неговите граѓанските права и обврски секој има право на судење во разумен рок, пред независен и непристрасен трибунал…”

Судот забележува дека постапките започнале во јули 1989 година и завршиле во март 2009 година.

Така, постапките траеле речиси дваесет години во три судски инстанции, од кои дванаесет потпаѓаат под надлежност на Судот (по 10 април 1997 година, датум на ратификација на Конвенцијата од страна на тужената држава).

„Имајќи ги предвид критериумите наведени по судската пракса на Судот за утврдување на барањето за разумен рок предвидено во членот 6 став 1 од Конвенцијата, поконкретно сложеноста на случајот, однесувањето на жалителот и релевантните власти, како и она што било од важност за жалителот, Судот смета дека постапките биле непотребно пролонгирани, поради што одговорната држава има одредена одговорност. Поради тоа има повреда на членот 6 од Конвенцијата во поглед на должината на вонпарничните постапки за утврдување на висината на надоместокот“, се наведува во пресудата на Судот.

Жалителката барала 50.000 евра за нематеријална штета која ја претрпела поради долгото траење на постапките, додека, пак,  Владата ги оспорила ваквите барања како премногу високи и неосновани.

„Судот смета дека жалителката мора да претрпела нематеријална штета која не може да се надомести само преку наоѓање на повреда на Конвенцијата. Одлучувајќи на еднаква основа, Судот ѝ доделува на жалителката, по оваа глава, 3.600 евра, плус која било такса која би можела да биде наплатена“, се посочува во пресудата.

M.В