/ Прочитано:

1.505

ПРЕСУДА НА ЕСЧП ЗА СЛУЧАЈОТ „ВАСИЛЕВСКИ ПРОТИВ РМ“: Одземањето на товарното возило од страна на државата е попречување на мирното уживање на сопственоста

Европскиот суд за човековите права донесе пресуда за случајот „Василевски против Република Македонија“ кој се однесува на губење на правото на сопственост врз товарно возило, одземено од страна на државата. Пресудата е во корист на жалителот Василевски од Кавадарци. Враќањето на возилото во состојбата во која било кога било одземено ќе го доведе апликантот во состојбата во која би бил доколку не настанела повредата, се вели во пресудата на ЕСЧП.

foto

Заднината на случајот

Судот во Стразбур посочува дека случајот бил инициран со апликација против Република Македонија поднесена до Судот од страна на апликантот Љупчо Василевски од Кавадарци, кој купил товарно возило од  одредено правно лице. Правното лице, пак, во април 2000 година го купило товарното возило од лицето И. А. Во тој период, против И. А. се водела кривична постапка, која на 13 јуни резултирала со пресуда против него за шверцување на без малку 9 тони шеќер, што тој ги транспортирал во товарното возило во ноември 1997.

Меѓутоа, Судот одбил да го одземе товарното возило од причина што  И. А. изјавил дека тој веќе го отуѓил. Судот сметал дека не биле исполнети условите за одземање на товарното возило од членот 68 (2) од Кривичниот законик од 1996, особено не била утврдена опасноста товарното возило повторно да биде употребено за извршување на кривично дело; ниту дека тоа го бараат интересите на општата безбедност или причините на моралот; ниту пак било утврдено дека товарното возило било посебно приспособено за извршување на ваков вид кривични дела.

На 20 ноември 2001, по посебните жалби поднесени од страна на И. А. и јавниот обвинител, Апелациониот суд во Скопје ја прогласил жалбата на Јавното обвинителство за беспредметна и ја укинал во целост нападнатата пресуда. Но, на 17 септември 2003, судечкиот суд го осудил И. А. во отсуство. Притоа, му била изречена парична казна и било наредено, во согласност со членот 278 (3) од Кривичниот законик од 1996, одземање на товарното возило и на шеќерот. Во отсуство на жалба, пресудата станала правосилна на 29 октомври 2003.

„На 6 септември 2004 правното лице го продало товарното возило на апликантот, кој подоцна го регистрирал товарното возило на свое име. На 12 јуни 2006 првостепениот суд во Кавадарци ја извршил одлуката за одземање од 17 септември 2003 против апликантот при што бил издаден записник за извршување. На 15 ноември 2006 апликантот поднел приговор против одлуката за извршување, тврдејќи дека И. А. починал на 21 март 2005 и дека од тие причини одлуката за одземање не може да се изврши. Не била изречена времена мерка за забрана за отуѓување на товарното возило. Тој бил законски сопственик на товарното возило и со возилото заработувал за живот. На крајот, тој истакнал дека во посебна граѓанска постапка барал враќање на товарното возило. На 20 ноември 2006 судијата за извршување на санкции од судечкиот суд го отфрлил приговорот како недозволен, со констатација дека апликантот немал активна легитимација. Тој утврдил дека одземањето било извршено во согласност со членот 355 од Законот за извршување на санкциите. Понатаму констатирал дека апликантот, како трето лице од кого било одземено товарното возило, своите права можел да ги остварува во согласност со членот 129 (5) од Законот за кривична постапка. Апликантот поднел жалба. На 6 декември 2006 тричлен судски совет на судечкиот суд ја одбил жалбата на апликантот повторувајќи дека тој нема право да приговара за извршувањето на наредбата за одземање. Сепак, тој имал право да бара, во граѓанска постапка, враќање на товарното возило. Граѓанските судови имале надлежност, во согласност со членот 129 (5) од Законот за кривична постапка, да ја изменат правосилната одлука за одземање, донесена во кривичната постапка и да наредат враќање на одземениот предмет“, се вели во пресудата на ЕСЧП.

Граѓанската постапка за утврдување на правото на сопственост и враќање на товарното возило

На 19 јуни 2006 апликантот поднел граѓанска тужба со барање првостепениот суд да утврди дека тој е сопственик на товарното возило и да ѝ нареди на државата да го врати возилото во негова сопственост.

„Алтернативно, апликантот барал државата да му ја надомести вредноста на предметите кои тој ги вградил во товарното возило. Во контекст на последноспоменатото, тој ги идентификувал предметите кои ги вградил во товарното возило. Тој исто така тврдел дека бил bona fide и законски сопственик на товарното возило. Понатаму тврдел дека надлежните органи пропуштиле да го одземат товарното возило на лице место по сторувањето на кривичното дело и да ја прибележат забраната за отуѓување во сообраќајната дозвола на предметното товарно возило. Со оглед на тоа што тој заработувал со товарното возило за сопствена егзистенција, побарал изрекување на времена мерка со забрана државата да го отуѓува или на друг начин да располага со товарното возило до конечното решавање на спорот. Со одлука од 29 јуни и 16 ноември 2006 соодветно, првостепениот суд и Апелациониот суд во Скопје го отфрлил барањето за изрекување на времена мерка поради отсуство на докази дека без таквата мерка неговото тужбено барање би било значително доведено во прашање или дека тој би претрпел ненадоместлива штета“, се посочува во пресудата на ЕСЧП.

Како што појаснува ЕСЧП во врска со случајот, на 2 март 2007 апликантот го информирал првостепениот суд дека И. А. починал во Австрија во 2005. На 10 мај 2007 првостепениот суд го одбил тужбеното барање на апликантот.

„Во релевантниот период, ниту управителот на правното лице, ниту апликантот знаеле дека товарното возило било употребено за извршување на кривично дело и дека тоа е предмет на наредба за одземање. Апликантот тврдел дека домашните органи пропуштиле да му изречат забрана на  И. А. за располагање со товарното возило, или да го одземат возилото во моментот на откривањето на кривичното дело. Тој исто така тврдел дека бил совесен, односно bona fide сопственик и дека првостепениот суд неправилно го применил членот 129 став 5 од Законот за кривична постапка“, се вели во пресудата на ЕСЧП, каде што се додава дека на 19 октомври 2007 Апелациониот суд во Скопје ја одбил жалбата поднесена од апликантот не наоѓајќи причини да отстапи од утврдената фактичка состојба.

„Државата треба да му го врати возилото  на апликантот“

Во врска со овој  случај, ЕСЧП забележува дека суштината на наводите на апликантот се однесува на извршувањето на одлуката за одземање од страна на државата, што резултирало со тоа апликантот да го изгуби правото на сопственост врз товарното возило и врз деловите кои ги вградил во него.

„Неспорно е помеѓу странките во постапката дека постоело попречување на правото на апликантот на мирно уживање на сопственоста. Во врска со ова, Судот констатира дека одлуката за одземање била донесена во 2003 и се однесувала на И. А. кога товарното возило веќе не било во негова сопственост, туку во сопственост на правното лице. Меѓутоа, одлуката за одземање била извршена во 2006, откако апликантот се стекнал со правото на сопственост од правното лице. Оттука, извршувањето на одлуката за одземање резултирала со де факто одземање од апликантот и претставувала попречување во мирното уживање на неговата сопственост. Судот исто така забележува дека одлуката за одземање вклучувала трајно пренесување на сопственоста“, се посочува во пресудата на ЕСЧП.

Судот смета дека враќањето на возилото, во состојбата во која било кога било одземено, ќе го доведе апликантот во состојбата во која би бил доколку не настанела повредата. Државата треба да му го врати на апликантот, во рок од три месеци од денот кога пресудата ќе стане правосилна, одземеното товарно возило, во состојба во која било кога било одземено. Алтернативно, се вели во пресудата на ЕСЧП, доколку таквото враќање е невозможно, Судот му досудува на апликантот 5 400 евра за надомест на материјалната штета, плус сите давачки кои можат да бидат наплатени на овој износ.

M.В