/ Прочитано:

1.220

ПРЕСУДА НА ИТАЛИЈАНСКИ СУД: Крадењето мало количество храна во услови на прегладнетост не претставува кривично дело

Крадењето храна не претставува криминал кога се работи за мало количество храна во моменти на очај и прегладнетост. Судот во италијанскиот град Џенова го ослободи од обвинение бездомникот Роман Остријаков, кој во 2011 година бил фатен како краде храна во вредност од 4,5 евра од еден локален супермаркет.

akad 1

Тој влегол во продавницата со намера да купи нешто за јадење, па откако зел еден леб кој го платил на касата, бил фатен со сирење и месо кои ги скрил во внатрешноста на капутот. Потоа, бил задржан од обезбедувањето на супермаркетот, бил пријавен и бил приведен од полицијата.

Во 2013 година бил обвинет за кражба и бил осуден на 6-месечна казна затвор.

Сепак, оваа недела Апелациониот суд во Џенова ја повторил кривичната постапка и донел пресуда дека крадењето мало количество храна во услови на прегладнетост на обвинетиот не претставува кривично дело.

Во образложението на пресудата по завршувањето на повторената постапката, Судот навел дека условите во кои живее обвинетиот и околностите во кои била извршена кражбата, покажале дека станувало збор за нужна потреба за храна како на секое човечко битие и во такви моменти на голема потреба и очај, како што се покажало кај обвинетиот, во никој случај не смее да стане збор за извршено кривично дело.

Јавноста во Италија ја поздравила оваа одлука на Судот и оваа пресуда е претставена како акт на хуманост за сиромашниот бездомник.

Карло Ренци, претседател на групата „Кодаконс“, изјавил дека во последните неколку години на економска криза во државата драстично е зголемен бројот на граѓани кои се принудени да крадат храна по супермаркетите за да ги задоволат своите егзистенцијални потреби.

Според статистиката, како што пренесува италијанскиот весник „Кориере дела сера”, бројот на сиромашни граѓани во Италија во просек се зголемува за повеќе од 600 дневно.

Што се однесува до просекот на извршени кривични дела поврзани со имотот (кражби, разбојништва, оштетувања на имот), според статистиката на Европската комисија, помеѓу 2007 и 2012 година тие се зголемиле за 14 % на ниво на целата Европска Унија. Од земјите членки на ЕУ, најголем процент од тие кривични дела се забележани во Грција (76 %), Шпанија (74 %), Италија (42 %), Романија (41 %) и во Хрватска (40 %).