/Прочитано:

1.762

Пресуда на Судот во Стразбур во корист на Центарот за развој на аналитичка психологија

Европскиот суд за човековите права донесе пресуда за предметот „Центар за развој на аналитичка психологија против Република Македонија“.

 
Пресудата е во корист на Центарот за развој на аналитичка психологија против Република Македонија кој во Република Македонија повел судски постапки против Фондот за здравствено осигурување поради непочитување на заемно потпишаниот договор и обврските што произлегуваат од договорот.

Конкретната постапка пред Европскиот суд за човековите права во 2010 година е поведена за постапките што се воделе пред домашните судови за долгот од страна на Фондот за здравствено осигурување кон жалителот.

Повикувајќи се на член 6 кој се однесува на правото на правична судска постапка, Центарот за развој на аналитичка психологија се жалел на правото на пристап до суд, како и на повреда на правото на заштита на сопственоста, уредено со член 1 од првиот Протокол кон Конвенцијата за заштита на човековите права и основни слободи.

Застапникот на жалителот до ЕСЧП, адвокатката Павлина Зефиќ, во врска со случајот кој го водеше пред ЕСЧП образложува дека Првостепениот суд најпрво делумно го усвоил тужбеното барање, а за судечкиот судија не била спорна активната легитимација на тужителот. Тужителот водел и други постапки против Фондот каде што за истиот суд кој одлучувал во спорните 2 предмети, активната легитимација не претставувала пречка за да донесе одлука во корист на тужителот.

„За разлика од Првостепениот суд, Апелациониот суд ги зема предвид само жалбените наводи на тужениот кој наведува дека тужителот е различен правен субјект и поради тоа нема право да биде водител на постапката. По дадените упатства на Апелациониот суд да се испита активната легитимација во повторените постапки, тужителот не успева, а поради вредноста на споровите овие предмети не се преиспитани од страна на Врховниот суд во постапка за ревизија. Како резултат на спротивставените гледишта на домашните судови, жалителот целосно бил попречен од утврдување на основот на неговото тужбено барање од страна на суд, што претставува повреда на член 6, став 1 од Европската конвенција за човекови права“, вели Зефиќ.

„Според Европскиот суд за човекови права, правото на пристап до суд не вклучува само право на поведување постапка, туку исто така и право на одлучување во спорот од страна на судот, што беше и главен аргумент кој го истакнавме пред Европскиот суд за човекови права“, додава Зефиќ.

M.B