/ Прочитано:

3.274

ПРЕСУДА: Осудени во „Детонатор“ добија по две години затвор за закани до судијката Димишкова

Четврток, 4 декември 2014 – Скопскиот Кривичен суд ги прогласи за виновни им им изрече по две години затвор на првостепено осудените во случајот Детонатор“, Јорданчо Михајлов и Жан Железарски за закани кои за време на објавата на пресудата и’ ги упатиле на судијката во овој случај, Весна Димишкова. 

Oд судењето за „Детонатор“

На судењето кое почна и заврши со пресуда денеска, судијката Димишкова детално опиша што се случило и какви закани и упатиле обвинети од случајот „Детонатор“. Негодувањата, како што рече, започнале уште кога почнала со читањето на казните на обвинетите.

„И вие ќе седнете на ова место, каде ќе ви оди душата, ова го судите по директива и вие имате семејство, ќе ви ставиме бомба и вие ќе летнете“, рекол, според нејзините зборови, Јорданчо Михајлов.

Жан Железарски, како што наведе, и’ порачал: „по дваесет години, кога ќе излезам од затвор, ќе ве исечам на парчиња од глава до доле“. 

Иако судијката претходно ги опоменала, на начин што ги погледнала директно во очи за да не го нарушуваат редот во судницата, негодувањата продолжиле, а кога судечкиот совет се повлекол за да одлучува за притворот на обвинетите тие продолжиле да и’ се закануваат и да ја навредуваат и обвинителката, упатувајќи закани и по нејзиниот живот.

Судијката рече дека за заканите од медиумите дознале и членовите на нејзиното семејство, па нејзиното дете не сакало да оди на училиште.

„Другарчињата во училиште го прашувале дали навистина мајка му ќе ’летне’. Додека траеше целиот процес, секогаш кога ќе го ставев во погон мојот автомобил си велев ’Фала ти Боже, не летнав’. Секогаш измислував причини моето дете да не влезе веднаш во автомобилот со мене“, рече Димишкова, која се плашела да не биде монтирана бомба под нејзиниот автомобил, имајќи предвид дека на дел од обвинетите им се судеше под обвинение дека двапати му подметнале бомба на кочанчанецот Драганчо Стојменов.

По објавата на пресудата, истакна судијката, припадници на МВР ја предупредиле да не го напушта судот без нивно обезбедување, бидејќи имале сознанија дека околу судот имало групи блиски на обвинетите кои ја чекале. Била спроведена со обезбедување, а една група ја чекала на раскрсницата на Македонската радио телевизија. Потоа одреден период била обезбедувана од полицијата.

Димишкова која на денот на објавата на пресудата за „Детонатор јавно проговори за притисоците со кои била соочена во врска со овој случај, денеска ги појасни овие тврдења.

Притисоците, како што рече, почнале уште пред да почне судењето. На 12-ти  септември 2012 година во нејзината канцеларија дошло лице кое и’ објаснувало дека и’ ќе и се јавило друго лице од Австрија кое сакало да и’ пренесе на судијката дека тој ги знае обвинетите од мали нозе дека биле мирни деца и дека „ни на мравка не згазнале’.

Таа исто така истакна дека дури за време на судскиот процес, пред да влезат медиумите, ги опоменала роднините на обвинетите со зборовите: „ да престанeте да ми праќате ’сватови’, оти со тоа ништо нема да постигнете“.

Судењето за „Детонатор“, не беше тонски и визуелно снимано, но во својство на сведоци на Обвинителството говореа припадници на Судската полиција, кои изјавија дека ги слушнале заканите. Обвинетите, пак, обвинија дека сведоците лажат.

„Во ниту еден момент не сме и’ упатиле закани на судијката“

Обвинетите се бранеа тврдејќи дека било точно дека биле револтирани од пресудата, но дека во ниту еден момент не упатиле закани до судијката. Михајлов рече дека за време на советувањето на судскиот совет околу притворот, во афект и се обратил на обвинителката со зборовите: „не е човечки ова што го правите, секој може да седне на оваа клупа и тие што го монтираат ова, конкретно Драганчо Стоименов, ќе ви кажат само едно фала. Господ е голем и еден ден ќе излезе ова на виделина. Како ќе спиете вие после ова“.

„Не бегам од тоа дека сум го кажал ова спрема Обвинителството. Можеби не требало, но навистина на судијката и на другите членови на Советот не сум им се обратил во ниту еден момент. За ова обвинителот и јавно има кажано дека го разбира мојот револт. Не се чувствувам виновен и ако сум погрешено сфатен, се извинувам“, рече Михајлов.

Железарски, пак, рече дека не изустил ниту збор, туку по изрекувањето на пресудата само се свртел кон своето семејство.

„Кога се изрекуваше пресудата мислев само на моето семејство кое седеше позади мене. Очекував ослободителна пресуда и кога ја слушнав пресудата само се свртев кон моето семејство. Не сум упатил ниту погрдни, ниту пофални зборови“, рече Железарски.

Од страна на одбраната, за време на доказната постапка, не  беа предложени сведоци, но како материјален доказ беше изведен текст на АКАДЕМИК од денот на објавата на пресудата со наслов: Судијката во „Детонатор“: Не ви се плашам! И да летнам како гулаб, друг судија ќе ви суди“.

Само што заврши  доказната постапка, обвинетиот Железарски истакна дека сака како сведоци да ги повика адвокатите во процесот „Детонатор“, но судскиот совет донесе одлука со која се одбива предлогот на обвинетиот поради тоа што доказната постапка веќе беше завршена.

Димишкова нема да бара надомест на нематеријална штета

Обвинителството во завршни зборови порача дека психолошкиот мир и спокојство на човекот се предуслов за сите негови слободи и права, како и тоа дека се докажало дека обвинетите го сториле кривичното дело „загрозување на сигурноста“.

„Судот има доволно докази за да се донесе осудителна пресуда“, рече застапникот на обвинението.

Судијката Димишкова, пак, рече дека никој нема право никому да му го нарушува личниот спокој. Таа истакна дека иако се чувствува оштетена, нема да пристапи кон поднесување на тужба за надомест на штета во граѓанска постапка.

„Иако се чувствувам оштетена, имотноправно барање нема да припремам бидејќи било кој износ нема да го надомести немирот и несигурноста која ја доживеав јас, како и моето семејство“, рече таа и ги запраша обвинетите, што доколку и обвинителката во предметот, Вилма Русковска, поднела пријава.

Бранителите во завршни зборови истакнаа дека не е спорно дека имало дофрлање за време на објавата, но дека обвинетите биле револтирани од пресудата, како и тоа дека се работи за недоразбирање. Сведоците ги нарекоа контрадикторни и побараа во најмала рака условна осуда.  Обвинетите останаа на завршните зборови на своите адвокати.

Престедателот на советот кон објавата на пресудата образложи дека од исказот на оштетената, како и од исказите на сведоците се утврдило дека обвинетите се виновни за кривините дела што им се ставаат на товар.

За случајотДетонатор“, во кој им се судеше на 16 лица за сериозни кривични дела како злосторничко здружување, обид за убиство, измама, лихварство…, Жан Железарски беше осуден на затворска казна во траење од 14,5, а Јорданчо Михајлов 13,5 години затвор. Во моментов се чека на одлуката на Апелација.

Е. П. / pavlovskae@akademik.com.mk