/ Прочитано:

3.036

ПРЕСУДА: Осум години затвор за Топаловски за двојното убиство пред Зоолошката градина

Петок, 28 ноември 2014 – Скопскиот Кривичен суд го осуди на осум години затвор Ѓорѓи Топаловски, обвинет дека во 2007, кај Зоолошката градина во Скопје, ги убил Андреј Филип  (34) и  Новица Благоевиќ (30).  

Судот го огласи за виновен за две кривични дела „Убиство во миг“ од член 125 од КЗ  и го осуди на по 4 години и 6 месеци затвор односно единствена казна затвор во траење од 8 години затвор.  Како што рече судијката Васка Масевска, за таков вид на убиство затворската казна е од една до пет години, а судот го зел предвид и мислењето на вештите лица, кои нашле дека Топаловски го сторил двојното убиство во афект. Судот донесе решение со кое семејствата на убиените можат да побараат обесштетување во граѓанска постапка. 

Топаловски поради технички причини не беше спроведен од притвор од Шутка да ја чуе одлуката на Судот. На предлогот на јавниот обвинител, Судот одлучи на обвинетиот да му ја продолжи мерката притвор до правосилност на пресудата.

Убиствата се случија на 22 ноември 2007 година. Тој ден во непосредна близина на Зоолошката градина, Топаловски ги застрела Новица Благоевиќ (30) и Андреј Филип (33), откако претходно, според неговите кажувања, добивал закани и бил претепан. Психијатриското вештачење покажа дека Топаловски убиството го сторил во афект.

„Сакам да изразам сочувство до семејствата на убиените. До трагедијата дојде не по моја вина. Болката и тагата од оваа трагедија, што јас со ништо не ја предизвикав, ќе ме следат до крајот на животот. Во притвор сум две и пол години и ги пропуштам најубавите години од детството на мојот син. Го погазив моето достоинство и бегав. Го бранев својот живот и животот на моето семејство“, рече тој во својот завршен збор.

По извршување на двојното убиство Топловски избега од државава. За него беше распишана меѓународна потерница, која даде ефект во првата половина на август 2012 година. Тој беше пронајден во Доминиканска Република. Оттогаш Топаловски почна со издржување екстрадициски притвор, а по неговото екстрадирање во април годинава и со редовен притвор.