/ Прочитано:

1.054

ПРЕСУДА: По 20 години затвор за сопружниците обвинети за убиството на тригодишната Мевљана

Петок, 27 март 2015 – Казни затвор од по 20 години добија обвинетите Џемаил Браими и Јасмина Махмуд за убиството на тригодишната Мевљана што се случи лани во куќа на Бит-пазар, во Скопје.

Пресудата ја објави денеска Основниот суд Скопје 1 – Скопје. Воедно Кривичниот совет по предлог на јавниот обвинител му ја продолжи мерката притвор на Џемаил Браими и ги продолжи мерките за претпазливост за обвинетата Јасмина Махмуд до правосилноста на пресудата, односно до започнување на издржувањето на казната затвор.

Мевљана, според обвинението, била претепана до смрт со електричен кабел оти се измокрила на тепихот. Џемаил и Јасмина ги чувале трите деца додека нивната мајка, со која делеле ист покрив, била на работа. 

По трагедијата ѝ се јавиле и ѝ рекле дека девојчето паднало по скали, но резултатите од обдукцијата покажаа дека смртта кај малото девојче била насилна.

„Иако обвинетите се обидоа да докажат дека тригодишното девојче паднало по скали, вештаците потврдија дека повредите не можеле да се случат од пад по тесни и стрмни скали. Ударите во главата и скршените ребра како и многуте подливи докажуваат дека девојчето е крвички тепано“, појасни судијата образложувајќи ја пресудата.

Обдукцијата покажа дека повредите на девојчето не се од пад по скали

На минатото рочиште, кога се изнесуваа завршните зборови, застапникот на обвинението истакна дека сите докази неспорно потврдуваат дека станува збор за убиство, а дека двајцата соизвршители, Браими и неговата сопруга, учествувале заедно во делото и се обиделе да го прикријат.

„За среќа, целиот случај добива вистински димензии по извршената обдукција, со која неспорно се покажува дека повредите на девојчето не се од пад по скали, туку се нанесени со удари од тупаници, со дланки, клоци и со нагмечување со нога“, рече обвинителот.

Во овој случај, потенцираше Обвинителството, доминираат отежнителните околности, бидејќи се посегнува по живот на тригодишно девојче, како и отсуството на покајување на обвинетите во текот на процесот.

Наспроти обвинителот, одбраната на обвинетите остана на тврдењето дека станува збор за несреќен случај – пад по скали, што, како што истакна адвокатот, се покажало од вештачењето што го нарачале тие.

Според бранителот на обвинетите, надвор од секаква логика е лица, кои се исто така родители, да претепаат тригодишно девојче.