/ Прочитано:

1.841

ПРЕСУДИ КОИ НОСАТ ОПШТЕСТВЕНИ ПРОМЕНИ: Интервју со Јасна Оровчанец-Аранѓеловиќ за првите пресуди со кои се утврдува дискриминација

Пресудите со кои се утврдува дискриминација ќе придонесат кон општествени промени во државата, што е една од целите на стратешкото застапување. Граѓаните преку позитивната судска пракса можат да стекнат поголема доверба во судството и да се охрабрат да бараат заштита на нивните права кога постои дикриминација. Сепак, потребно е поголемо информирање на граѓаните за можностите да ги заштитат своите права, а судовите треба да воспостават стандарди и да се унифицира судската пракса во однос на примената на прописите за заштита од дискриминација, вели во интервјуото за Академик, Јасна Оровчанец Аранѓеловиќ, која како адвокат има работено на повеќе предмети од областа на заштитата од диксриминација, а денес работи како проектен координатор во Македонското здружение на млади правници. Таа заедно со колегите кои работат на заштита на човековите права спроведува еден од проектите во чии рамки  се донесени првите пресуди каде е утврдена дискриминација.

За почетоците како адвокат и за првите проекти и постапки на МЗМП во однос на антидискриминацијата

„Член сум на Македонското здружение на млади правници од 2006 година, адвокат од 2007 година, до пред една година, кога ја ставив дејноста во мирување. Како адвокат работев во областа на стопанското право и заштита на човековите права во рамки на проекти кои ги спроведуваше Здружението. Од 2010 година, поточно пред и по донесувањето на Законот за спречување и заштита од дискриминација во рамки на МЗМП започнавме со обуки од областа на дискриминацијата. Обуките беа наменети за вработените и тимот на адвокати кои соработуваат со Здружението. Првиот проект започна во 2011 година, и веќе во 2012 година ги поддржавме првите судски постапки од областа на дискриминацијата“, вели Оровчанец-Аранѓеловиќ.

Оровчанец-Аранѓеловиќ објаснува дека во рамки на проектите и активностите поврзани со примената на Законот за спречување и заштита од дискриминација, во Здружението биле иницирани судски постапки од областа на работните односи, мобингот, пристапот до добра и услуги, како и за познатите случаи на недозволување Ромите да ја преминат границата и да излезат од државата.

„Постапките за мобинг беа поведени пред донесувањето на Законот за мобинг. Што се однесува до дискриминацијата по основ на етничка припадност и расното профилирање на Ромите на граничните премини кое започна пред околу четири години, поднесовме претставки до Народниот правобранител, барања за заштита на слободите и правата до Уставниот суд, предлози за заштита на слободите и правата до Управниот суд и потоа поведовме граѓанска судска постапка за утврдување на  дискриминацијa“, истакнува проектниот координатор во Македонското здружение на млади правници, Оровчанец-Аранѓеловиќ.

Граѓанската постапка како најефикасен механизам на заштита од дискриминација

Таа објаснува дека по поднесените барања за заштита на слободите и правата Уставниот суд не одлучил мериторно, а во една од одлуките имал издвоено мислење, додека пак, Управниот суд ги одбил предлозите.

„Управниот суд ги одби предлозите поради тоа што не сме доставиле управен акт, а во конкретните случаи не постоеше акт односно одлука на МВР туку само печат на пасошот прецртан со две коси линии. Ваквите одлуки беа донесени од страна на Управниот суд иако согласно Законот за управни спорови, предлогот може да се поднесе и против определено дејствие на орган на управата“, образложува Оровчанец-Аранѓеловиќ.

Во таа насока, додава таа, одлучиле правдата да ја бараат пред основните судови и преку граѓанската постапка како „најефикасен механизам на заштита од дискриминација“, а претходно се обратиле и до Народниот правобранител и Комисијата за заштита од дискриминација.

„Иако Народниот правобранител и Комисијата за заштита од дискриминација во рамки на своите надлежности и работа утврдуваат повреда на правата и дискриминација, мислењата и препораките на овие институции не се правно обврзувачки. Поради тоа констатиравме дека граѓанската постапка е најефикасен систем на заштита во однос на правната сила на одлукитеи решивме да се фокусираме на стратешкото застапување и водење судски постапки пред основните судови согласно Законот за спречување и заштита од дискриминација“, образложува Оровчанец-Аранѓеловиќ.

Застапник во повеќе постапки за утврдување на дискриминација

„Јас како адвокат застапував во повеќе постапки за дискриминација, од кои во два случаи е утврдена дискриминација и пресудите се веќе правосилни. Едната пресуда е на Основниот суд Скопје каде што е утврдена дискриминација по основ на виктимизација во областа на работните односи, а другата на Основниот суд Делчево каде е утврдена дискриминација по основ на телесна и ментална попреченост. Првата пресуда во Република Македонија со која се утврдува дискриминација е на Основен суд Скопје 2, поддржана од МЗМП и  се однесува на ограничувањето на правото на слобода на движење на Ромите на граничните премини. Неодамна оваа пресуда стана правосилна, односно беше потврдена од Апелациониот суд Скопје. Во поново време, исто така донесена и уште една првостепена пресуда од страна Основен суд Битола со кој се утврдува дискриминација, а тоа е случајот со сторена дискриминација од страна на МВР, исто така за случај на Роми – брачен пар на кој не му било дозволено да ја премине границата“, појаснува Оровчанец-Аранѓеловиќ.

Таа додава дека во однос на другите постапки за дискриминација на Ромите на граничните премини има и две  негативни пресуди донесени во основните судови во Велес и Скопје, против кои се поднесени жалби и се чека одлука на повисокиот суд , а МЗМП од 2012 година до денес има поддржано околу 45 постапки за заштита од дискриминација во рамки на повеќе проекти каде е вклучена активноста на стратешкото застапување.

Проект „Заштита на човековите  права на маргинализираните групи во РМ“

„Проектот со кој раководам јас е „Заштита на човековите  права на маргинализираните групи во РМ“. Посебни фокус-групи на проектот се припадниците на ЛГБТ-заедницата, Ромите и лицата со телесна и ментална попреченост,  истакнува Оровчанец Аранѓеловиќ. Таа појаснува дека припадниците на ЛГБТ-заедницата најмалку пријавуваат случаи на дискриминација, иако, како што вели, таа постои, додека пак кај Ромите  расте свеста за нивното право на слобода на движење и недозволувањето да ја напуштат државата. Во однос на прашањето за лицата со хендикеп, проектниот координатор Аранѓеловиќ-Оровчанец, посебно го издвојува прашањето на децата со ментална и телесна попреченост и нивните родители, кои не се доволно информирани за можностите и механизмите за заштита на нивните права.

Луѓето или родителите на децата со хендикеп многу често немаат доволно информации“ 

„Луѓето или родителите на децата со хендикеп немаат доверба во системот и многу често немаат доволно информации каде да се обратат и кој може да им даде помош во оставарувањето на правата“, нагласува Оровчанец-Аранѓелковиќ, посочувајќи на еден од проблемите, конкретно во образованието, со кои се соочуваат родителите на децата со ментална и телесна попреченост.

„Има ситуации кога родителите не се запознаени доволно со нивните права и со законските прописи за инклузијата во образовниот систем каде што постои можност училиштата во основното образование да обезбедат дефектолог, па така не знаејќи за ова свое право самите плаќаат дефектолог да го придружува детето за време на наставата. Оние што се подобро информирани, бараат заштита на своите права“, истакнува таа.

Заштита на правата на луѓето во поширок општествен контекст

„Затоа и велам дека потребна е поголема свест и информирање. Од тие причини и ова наше застапување се нарекува  стратешко застапување затоа што целта не е единствено заштита  на индивидуални права. Покрај индивидуалните права, ние ги штитиме и правата на луѓето во поширок општествен контекст, односно сакаме со ваков тип на постапки да направиме промена во општеството, во смисла на промена на определена неповолна пракса и постапување, потребни законски измени и дополнувања. Целта е да се добијат што повеќе пресуди со што луѓето ќе се охрабрат да ги заштитат своите права и тоа да има влијание понатаму на постапувањето на извршаната власт, како и да се формира позитивна судска пракса“, додава Оровчанец-Аранѓеловиќ, која упатува и пофалби за ажурноста на судовите во источна Македонија во однос на нивната ефикасност во постапките за утврдување на дискриминација.

Со позитивната судска пракса луѓето стануваат похрабри

„Ги поздравувам одлуките со кои се утврдува дискриминација каде што постои основ, се разбира. Посебно кога се работи за случаи на очигледната дискриминација  кон Ромите со недозволувањето да ја преминат границата. Со вакво креирање на позитивна судска пракса, луѓето стануваат посигурни и похрабри, се зајакнува довербата во судството. Луѓето кога доаѓаат кај нас се разочарани и понекогаш уплашени. Тие треба да бидат свесни дека доколку постојат докази, правдата ќе биде на нивна страна. Во РМ судиите веќе подолго време се обучуваат во областа на заштита на човековите права и дискриминацијата и секако дека има судии кои правично судат и имаат сензибилитет и познавање што е дискриминација, кои се основните човекови права, без разлика на општата негативна перцепција за судството, која не треба да биде единствената слика“, истакнува Оровчанец- Аранѓеловиќ.

Проектниот координатор во МЗМП подвлекува дека во насока на јакнење на свеста постојат различни начини граѓаните да се информираат и тоа преку дебати, средби, брошури, споделување на информациите и медимуско третирање на проблематиката. Но, како што вели, медиумите не треба овие пресуди да ги доведуваат во негативен или критичко-политички контекст, или пак да ги заштитуваат институциите сфаќајќи ја некоја пресуда како нивна критика.

„Мора да постои унифицирана судска пракса, а не да има  противречни одлуки за иста или слична ситуација“

„Ваквата судска пракса претставува спроведување на Уставот и законите, во непосреден интерес на граѓаните. Суверенитетот на државата произлегува токму од нив. И затоа ваквите пресуди означуваат внесување на општествени промени, на нова етапа во судското правораздавање и во она што значи градење на довербата кон судството. Затоа тука треба особено да се нагласи дека мора да постои унифицирана судска пракса, а не да има  противречни одлуки за иста или слична ситуација, со ист правен основ, како и различна примена на законите во судските предмети. Се надевам дека позитивната судска пракса, која веќе се етаблира, нешто ќе промени во тој поглед“, вели Јасна Оровчанец-Аранѓеловиќ,  координатор на прокетот „Заштита на човековите  права на маргинализираните групи во РМ“ во рамки на Македонското здружение на млади правници.

М.В / veljanoskim@akademik.mk

2.12. 2015