/ Прочитано:

3.145

Претседателот Иванов ги повлече одлуките за аболиција на 22 политички експонирани лица

„Сите други лица, во согласност со законските измени, имаат можност да поднесат лични барања за поништување на нивните одлуки за помилување. Не сакам веќе никој да има сомнеж. Ниту еден политичар не е над законот. Ниту еден политичар не е недопирлив. Напротив, секој ќе одговара за своите постапки“, рече Иванов во своето обраќање.

????????????????????????????????????

По месец и половина од донесувањето на одлуката за аболиција на повеќе од 50 лица, политичари и нивни блиски соработници, претседателот Ѓорге Иванов во денешното обраќање соопшти дека донел одлука да ги поништи одлуките за аболиција на 22 лица, меѓу кои има и лица кои досега не со обратиле до Кабинетот со такво барање.

„Во согласност со Законот за дополнување на Законот за помилување, донесов одлука за поништување на одлуките за помилување – ослободување од гонење без спроведување на постапка за сите политички експонирани лица, вкупно дваесет и двајца. Сите други лица, во согласност со законските измени, имаат можност  да поднесат лични барања за поништување на нивните одлуки за помилување. Не сакам веќе никој да има сомнеж. Ниту еден политичар не е над законот. Ниту еден политичар не е недопирлив. Напротив, секој ќе одговара за своите постапки“, рече Иванов во своето обраќање. Кои лица се на оваа листа сè уште не е познато.

Иванов вели дека на 12 април, кога ја донел одлуката за помилување – ослободување од гонење без спроведување на постапка за поголем број лица, таа била донесена во согласност  со Уставот и со Законот за помилување и била донесена исклучиво во интерес на државата и на граѓаните на Република Македонија.

„Многумина, за жал, не ја разбраа оваа идеја или, можеби, не сакаа да ја разберат. Дебатите и во домашната и во меѓународната јавност отидоа во друг правец. Бев обвинуван дека сум сакал да ги заштитам политичарите, дека сум креирал селективна правда, дека политичарите се над законите. Најсовесно изјавувам дека немав таква намера“, рече Иванов.

За разлика од 12 април, денеска имаме нова реалност во Македонија. Во услови на надворешни закани и безбедносни ризици, имаме функционални институции кои можат да се справат со предизвиците од мигрантската криза, особено во пресрет на најавите за новиот бран на бегалци и мигранти, додава тој во своето обраќање.

„Сакам да потенцирам дека искрено верував и сѐ уште верувам дека одлуката за помилување беше најдобрата можност за излез од политичката криза. Убеден сум дека без враќање на меѓусебната доверба и без помирување во која било форма, оваа криза ќе трае уште долго, што не е од интерес ниту за граѓаните, ниту за државата. Сакам да порачам дека, како и досега така и во иднина, секогаш сум подготвен да помогнам за надминување на кризата“, завршува Претседателот.

Минатата недела, откако Собранието продолжи со работа, беа изгласани измените и дополнувањата на Законот за помилување кои предвидуваа Претседателот во рок од 30 дена од донесувањето на Законот да ги повлече одлуките за аболиција за оние кои ќе го побараат тоа.

Пред законските измени, до Кабинетот на Претседателот пристигнаа лични барања во писмена форма за повлекување на одлуката од Никола Груевски, Бранко Црвенковски, Зоран Заев,  Трајко Вељановски,  Фатиме Фетаи, Гаврил Бубевски, Лиле Стефанова, Бедредин Ибраими, Живко Пејковски, Владимир Талески и Божидар Јанковски.

М. С.