/ Прочитано:

938

Претседателот Иванов помилува 24 лица

Четврток, 25 декември 2014 – Претседателот на Република Македонија, Ѓорге Иванов, по повод Новата 2015 година, помилува 24 осудени лица.  

„Од нив 3 целосно, а 21 делумно се ослободуваат од натамошно извршување на казната затвор“, се вели во соопштението од Кабинетот на претседателот Иванов.

Листата на осуденици што се помилуваат од претседателот ја разгледува Комисијата за помилување, работно тело на Претседателот на Република Македонија  и е  составена од единаесет члена, од кои еден е претседател на Комисијата.

Комисијата за помилување работи на седници кои ги свикува претседателот на Комисијата по сопствена иницијатива и врз основа на заклучокот на Комисијата. Комисијата на седницата поединечно ја разгледува секоја молба за помилување и дава мислење по сите предлози што ги поднел министерот за правда и по предлозите за помилување што ги поднел по службена должност. Своето мислење Комисијата го утврдува со мнозинство гласови од присутните членови. При подготвувањето на предлозите Комисијата се води по следните критериуми:

• природата, видот и тежината на извршеното кривично дело; • личноста на осудениот и неговиот поранешен  живот, поведението на осуденото лице по осудата и за време на издржувањето на казната, односот спрема извршеното кривично дело, поранешната осудуваност, постигнатиот степен на ресоцијализација, возраста и здравствената состојба на осудениот и неговите семејни прилики; • влијанието на актот за помилување врз средината од каде што го извршил кривичното дело; • возраста на извршителите на кривични дела и • за осудените жени се зема предвид дали се тоа мајки на малолетни и незгрижени деца.

 Предлозите и мислењата членовите на Комисијата ги доставуваат до претседателот на Република Македонија кој ја донесува конечната одлука. Претседателот на Република Македонија дава помилување на поединечно определени лица за кривични дела предвидени со законите на Република Македонија, во согласност со одредбите на Кривичниот закон и со одредбите на Законот за помилување.

 Претседателот на Република Македонија со помилување дава ослободување од гонење, или потполно или делумно ослободување од извршување на казната, ја заменува изречената казна со поблага казна или со алтернативни мерки, или определува бришење на осудата, или ја укинува, односно определува пократко траење на определена правна последица од осудата или на казната. Со помилувањето може да се определи укинување или пократко траење на овие казни: забрана на вршење професија, дејност или должност, забрана на управување со моторно возило на сторителите кои се возачи по занимање и протерување на странец од земјата.

Претседател на актуелниот состав  на Комисијата за помилување е Василка Јурукоска, а членови се: проф. д-р Никола Јанкуловски, Марко Зврлевски, Благородна Дулиќ, Бекир Исени, проф. д-р Методија Каневчев, Љупка Арсениевска, Стојанче Рибарев и проф. д-р Нуман Аруч.