/ Прочитано:

2.781

Претставките на родителите и учениците за заштита на правото на основно и средно образование според извештајот на Народниот правобранител

Според годишниот извештај на Народниот правобранител, значителен број претставки биле поднесени од родители и ученици за заштита на правото на основно и средно образование во повеќе училишта, укажувајќи на повреда од страна на наставниот или раководниот кадар на училиштата, поради необезбедени услови за непречено следење на наставата.

„Имено, родители на ученици од четврта година во скопско средно училиште побараа интервенција за заштита на правата на учениците повредени од страна на професор кој воедно беше и класен раководител, затоа што им допишувал изостаноци за часови кога учениците биле присутни на настава. Со цел заштита на правата на поголема група ученици, Народниот правобранител писмено се обрати до директорот на училиштето со укажување неодложно да преземе мерки за целосно испитување на случајот и утврдување на основаноста на наводите на родителите, а заради заштита на правата на учениците побара Државниот просветен инспекторат да изврши вонреден надзор во училиштето. Училиштето покрена постапка за испитување на случајот во кој беше вклучен и надлежен просветен инспектор, а при вонредниот инспекциски надзор било потврдено неуредно водење на педагошката евиденција во дневникот на паралелката поради што со решение на Државниот просветен инспекторат директорот беше задолжен да ги отстрани овие неправилности. При непосредниот увид во училиштето, Народниот правобранител констатира дека во целост е постапено по задолженијата на Државниот просветен инспекторат, со што класниот раководител извршил целосна корекција на изостаноците на учениците, а го опомена професорот за таквото однесување, при што во текот на учебната година постојано ја следеше неговата работа“, се посочува во годишниот извештај.

„Не изостанаа претставките за насилство врз децата во повеќе основни училишта, при што особено загрижуваат сознанијата за нетрпеливост на родителите насочено кон ученици кои покажуваа одредено антисоцијално однесување, а во тој контекст и непреземањето мерки или несоодветното решавање на проблемот од страна на надлежните органи во училиштето“, посочува Народниот правобранител.

Имено, појаснува Правобранителот, родителите во име на децата бараа заштита на правата и очекуваа Народниот правобранител да ги поддржи во барањето за отпишување на „проблематичното“ дете од тоа училиште или, пак, негово префрлување во друго одделение.

„Во постапувањето по ваквите претставки, Народниот правобранител се раководеше секогаш од најдобриот интерес на детето и правото на секое дете на непречено образование. Во тој контекст, препорачуваше и им укажуваше на директорите и стручните служби во училиштата да имаат проактивна улога во контактите со учениците и нивните родители, вклучително и со учениците кои покажуваат антисоцијално однесување. Во таа насока бараше вклучување и на надлежните служби од меѓуопштинските центри за социјална работа, со цел континуирано и во координација сите заедно да изнајдат најсоодветен начин за подобрување на однесувањето на учениците, со активна улога на семејството. Според Народниот правобранител, училиштето како воспитно-образовна установа, меѓу другото, е должно да обезбеди грижа и заштита на децата и за таа цел да презема, пред сè, превентивни мерки за спречување на каков било вид насилство не само врз децата туку и меѓу децата, особено за време на нивното присуство во училиштето, како и мерки поради занемарување или немарен однос спрема децата од лицата коишто се одговорни да се грижат за нив“, се истакнува во Годишниот извештај.

Народниот правобранител вели дека препораките и укажувањата во практика резултираа со позитивен исход и во поголем дел, учениците што имале определено негативно однесување го променија, а во дел стручните служби ја продолжија работата со семејството и ученикот/учениците.

„Народниот правобранител уште во 2015 година отвори постапка во врска со лошите услови во кои се остварува образовниот процес на ученици од гимназијата „Кирил Пејчиновиќ“ – Тетово и со цел изнаоѓање на просторно решение за следење на наставата во соодветни услови се обрати до Министерството за образование и наука и до градоначалничката на Општина Тетово. Во извештајниот период продолжи во континуитет со повеќе писмени барања и укажувања да интервенира до надлежните органи заради преземање мерки за решавање на проблемот, по што на крајот на овој извештаен период писмено е известен од градоначалничката дека како привремено решение било договорено Општина Тетово да ги реновира објектите на старото медицинско училиште и учениците во овој обjeкт да ја следат наставата во една смена, до реализирање на доградба/надградба во централниот објект на гимназијата“, се вели во извештајот.

До Народниот правобранител било доставено известување дека се констатирани неправилности во осум училишта во кои се изучува италијанскиот јазик спротивно на утврдената наставна програма донесена од Бирото за развој на образованието.

„Имајќи го предвид изнесеното, Народниот правобранител укажа на повреда на правата на децата ученици во основните училишта, затоа што беа задолжени да изучуваат странски јазик кој не е опфатен со наставната програма. Меѓу другото, учениците беа оценувани за овој предмет, иако не е дел од задолжителните образовни предмети, а дополнително оценката влијаеше врз нивниот успех, со што беа тројно оштетени. Ниту Министерството за образование и наука, ниту Бирото за развој на образованието не се произнесоа дали изучувањето на италијанскиот јазик ќе се опфати со наставната програма како задолжителен втор странски јазик. Постапувајќи по две претставки од средношколки кои изразија незадоволство од добиената оценка по странски јазик (англиски јазик), Народниот правобранител утврди состојба која негативно се одразува на учениците кои полагаат државна матура, затоа што по доставен приговор и увид во тестот само усно се информираат за причините поради кои тој се прифаќа или одбива од надлежните комисии“, се вели во извештајот.

Народниот правобранител покренал и постапка по сопствена иницијатива заради заштита на правата и интересите на учениците кои полагаат испити од државна матура, затоа што на лицето кое приговара му се дозволува увид во тестот во Државниот испитен центар, но усно добива објаснување за причината поради која ја добил оценката.

„Во Законот за средното образование и Правилникот за начинот на полагање и оценување на резултатите на учениците на испитите од државна матура во гимназиското, стручното и средното уметничко образование не се предвидува Државниот испитен центар да доставува писмени известувања на учениците кои се жалат за начинот на оценување или, пак, на спроведување на испитите од државната матура, со што според Народниот правобранител се врши повреда на правата на учениците. Во таа насока тој достави препорака до Државниот испитен центар за преземање мерки со цел изменување и дополнување на Правилникот за начинот на полагање и оценување на резултатите на учениците на испитите од државна матура во гимназиското, стручното и средното уметничко образование. Во тој контекст, Народниот правобранител препорача уредување на постапката по доставување на приговорот, со цел на ученикот кој поднел писмен приговор да му се овозможи увид во одговорите, односно тестот, а по разгледување на приговорот писмено да биде известен за одлуката по него со образложение за причината за прифаќање или одбивање, со цел непречена натамошна заштита на правата. За наведеното Народниот правобранител одржа средба со претставници на Државниот испитен центар“, се посочува во извештајот.

М.В