/ Прочитано:

1.793

ПРЕВЕДЕН ТЕКСТ НА ПРЕСУДИТЕ НА ЕСЧП: Случаите за постапката пред ФЗО, полициската бруталност и малтретирање

Преведен текст на пресудите за случајот Миткова против Р.М., случајот Аслани против Р.М. и случајот Хајрулаху против Р.М. и осврт на правните застапници на тужителите за повредите на правата и значењето на пресудите.

akad 3

ПРЕСУДА НА СТРАЗБУР ЗА ПОСТАПКА ПРЕД ФОНДОТ ЗА ЗДРАВСТВЕНО ОСИГУРУВАЊЕ: Охриѓанка ја доби правдата за постапка која траела 21 година

Европскиот суд за човекови права во врска со случајот „Миткова против Република Македонија“, на жалителката Маја Миткова од Охрид и  досуди надомест на нематеријална штета во врска со постапка која траела 21 година. Наведената пресуда од Судот за човекови права има големо значење за правниот поредок во Македонија, истакнаа за Академик адвокатите Драган Гоџо и Александар Гоџо од Адвокатско друштво Гоџо, Кичеец и Новаковски Охрид, кои се полномошници на жалителката.

Случајот на Маја Миткова од Охрид се однесува на постапките за надомест на трошоци за лекување во странство од страна на Фондот за здравствено осигурување. Предмет на спорот е повреда на право во управна постапка пред Фондот за здравствено осигурување. Миткова во тој спор барала надомест на трошоци за лекување во странство, а постапката за спорот траела цела 21 година…повеќе за пресудата.

Целосен и преведен текст на пресудата за случајот Миткова против Република Македонија

akad 3

ПРЕСУДА НА СТРАЗБУР: Вработен во ресенска пекара бил малтретиран од полициски службеник кој станал градоначалник на Ресен

Европскиот суд за човекови права донесе пресуда со која утврди дека македонски државјанин бил малтретиран и подложен на нехуман и деградирачки третман од страна на полициски службеник, кој, како што се вели во пресудата, подоцна станал градоначалник на Ресен.

Во пресудата на Европскиот суд за човекови права,  се образложува дека апликантот Е.А., кој работел во ресенската локална пекарница,  бил „однесен на испрашување“ во полициската станица во Ресен, откако претходно полицијата извршила контрола на пекарницата во врска со дозволите за работа. Во полициската станица тој бил подложен на нехуман и деградирачки третман од страна на полициски службеник, кој, пак, подоцна станал градоначалник на Ресен. Додека бил испрашуван во полициската станица, се вели во пресудата, Е.А. бил навредуван, малтретиран и удиран, притоа здобивајќи се со телесни повреди.

Адвокатот  Игор Кичеец во врска со оваа пресуда, за Академик истакна дека многу важно за овој случај е што врз основа на правилна и целосно утврдена фактичка состојба, со пресудата е утврдена повреда на членот 3 од Европската конвенција за човекови права.

„Многу значајна работа е што врз основа на правилна и целосно утврдена фактичка состојба, со пресудата е утврдена повреда на чл.3 од Европската конвенција за човекови права , односно дека апликантот Е.А. физички и психички злоставуван во ПС Ресен од страна на полициски службеник. Со тоа е повредена една темелна човекова вредност, заштитена со Конвенцијата“, вели адвокатот Кичеец…повеќе за пресудата.

Целосен и преведен текст на пресудата за случајот Аслани против Република Македонија 

akad 3

СТРАЗБУР СО УШТЕ ЕДНА ПРЕСУДА ЗА ТОРТУРА ВО МАКЕДОНСКИ ПРЕДМЕТ: Полициска бруталност при лишувањето од слобода

Европскиот суд за човекови права донесе уште една пресуда со која утврди дека Република Македонија е одговорна за повреда на член 3 од Европската конвенција за заштита на човековите права и основните слободи, кој се однесува на забраната на тортура.

Европскиот суд за човекови права (ЕСЧП) во предметот на апликантот Ферит Хајрулаху донесе пресуда со која утврди дека Република Македонија  е одговорна за повреда на член 3 (забрана на тортура) од Европската конвенција за заштита на човековите права и основните слободи (ЕКЧП) поради, како што стои во пресудата и како што образложува правниот застапник на апликантот во предметот, Зоран Гавриловски,, „пропустот на властите да ги истражат тврдењата на апликантот за полициско малтретирање“ и поради „малтретирањето од агенти на тужената држава“, како и повреда на член 6 став 1 (право на правично судење) од ЕКЧП.

Според пресудата на ЕСЧП, досуден е надомест за нематеријална штета на апликантот во износ од 7.000 евра. Во однос на жалбените наводи и фактичката состојба правниот застапник во предметот, Зоран Гаврилоски, За Академик истакна дека ЕСЧП утврдил дека тврдењата на апликантот биле поткрепени со наод од Институтот за судска медицина.

akad 3

„ЕСЧП утврди дека тврдењата на апликантот дека „бил подложен на полициска бруталност додека бил незаконски лишен од слобода меѓу 12 и 16 август 2005 година“ (став 63 од пресудата) се поткрепени со наод од Институтот за судска медицина од 19 август 2005 година (побаран од истражниот судија на истиот датум), во кој вештаците „констатирале модрици (вкупно 27) на апликантовиот грб, гради, стомак, двете раце и нозе и на левиот дел од задникот“, нанесени околу една недела пред прегледот (ставови 20, 72 и 90) и дека тие тврдења се конзистентни со описот на апликантовиот предмет во извештајот на Комитетот на Советот на Европа за спречување на тортура по неговата посета на РМ од 15 до 26 мај 2006 година, CPT/Inf (2008) 5, 13 февруари 2008, ставови 13 и 32 (ставови 58 и 88 од пресудата)“, посочи Зоран Гавриловски…повеќе за пресудата.

Целосен и преведен текст на пресудата за случајот Хајрулаху против Република Македонија

М.В