/ Прочитано:

2.382

ПРЕВЕНЦИЈАТА ОД КОРУПЦИЈА И ЗАШТИТАТА НА УКАЖУВАЧИТЕ: „Синдромот на заробена држава оневозможува ефикасна борба против корупцијата“

 

Во организација на Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК), во соработка со инструментот „TAIEX“ на Европската комисија и во партнерство со Антикорупциската агенција на Република Италија, денеска во Скопје започна дводневната работилница „Превенција на корупцијата, судир на интереси и заштита на укажувачите“.

Денешната конференција во Скопје е продолжение на конференцијата во јули на самитот во Трст, одржана како дел од Берлинскиот процес за борбата против корупцијата и превентивните мерки против оваа појава. Заклучоците од денешната конференција, на која учествуваат претставници од Словенија, Шпанија и Италија, како и од релевантните тела од Западен Балкан, ќе бидат составен дел на Берлинскиот процес.

Борбата против корупцијата, беше истакнато на денешниот настан, подразбира и заштита на јавниот интерес и во таа насока од исклучително значење е прашањето за превенцијата.

„Нашата заложба и нашиот дел во превенција против корупцијата во најдобар дел се исполнуваат. Борбата со корупцијата никаде не престанала, исто како и во нашата држава. Тоа е едно современо зло. Корупцијата секогаш се јавува и на пониско, но и на повисоко ниво. Нашите заложби се да се дојде до оној степен каде што корупцијата ќе биде на најниско можно рамниште и да се дестимулира тоа зло“, истакна на денешниот настан претседателот на ДКСК Игор Тантуровски.

Со корупцијата, нагласи Слаѓана Тасева, претседател на „Транспаренси интернешнл Македонија“, имаме многу сериозен проблем. Особено сериозен проблем, додаде Тасева, имаме со борбата против корупцијата, начинот на координираност и постапување на институциите што треба да се борат со корупцијата.

„Проблем имаме и со синдромот на заробена држава, што всушност оневозможува ефикасност во борбата против корупцијата. И затоа мислам дека сега треба сите, првенствено Владата и сите институции, да ги зајакнат сите можни активности за ослободување на системот за борба против корупција од сите стеги што оневозможуваа да се води борбата против корупцијата“, истакна Тасева, според која сè уште е рано да се каже дека почнува што било да се подобрува во делот на борбата против корупцијата.

Во таа насока, Тасева потсети дека според извештајот на Прибе потребно е за борбата против корупцијата да има посебен извештај и планирање посебни мерки.

Во однос на соработката за борба против корупцијата на меѓународно и регионално ниво, на денешната конференција беше нагласено дека е многу важна соработката на Италија и на земјите од ЕУ со државите од Западен Балкан во однос на размена на искуствата во борбата против корупцијата.

„Препораките за државите треба да се соодветно креирани според нивните потреби, бидејќи на секоја земја ѝ се потребни различни решенија. Италијанската Антикорупциска агенција е целосно подготвена да соработува со македонските власти во борбата против корупцијата. Нема земја која е имуна на корупција бидејќи таа е својствена на човечкото битие. За разлика од други земји, станавме малку посвесни за проблемот и користиме механизми кои спречуваат луѓето да корумпираат и да бидат корумпирани“, истакна Лука Трифоне од Антикорупциската агенција на Република Италија.

М.В