/ Прочитано:

957

Превентивни мерки на Конвенцијата на ОН против корупцијата

Четврток, 27 ноемри 2014 – Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК) во соработка со ОБСЕ Мисијата во Скопје денеска организираше конференција на тема „Барања и практики во имплементацијата на одредбите за превентивните мерки и за враќање на имотот на Конвенцијата на ОН против корупцијата“.

Заштита на државите од коруптивни кривични дела и изнесување на материјалните добра во други земји, како и обесхрабрување на изврштелите на такви дела односно да немаат простор каде да го сокријат противзаконски стекнатиот имот се мерките за кои треба да се создаде правна основа за поефикасна борба против корупцијата.

Министерот за правда Аднан Јашари појасни дека една од обврските на министерството е и усогласување на законодавството во однос на корупцијата со сите одредби од Конвенцијата на ОН.

„Како министер за правда правам напори за целосно усогласување на нашето законодавство со одредбите на оваа Конвенција против корупцијата. Веќе оформивме работна група со цел внесување одредби со кои ќе се конкретизира или операционализира познатиот систем на јавноста, а тоа е системот на идеите“, истакна Јашари.

Според претседателот на ДКСК Ѓорѓи Сламков со конференцијата ќе се стави тежиште на имплементацијата на одредбите од Конвенцијата на ОН.

„Станува збор за процес кој што е врзан со механизмот за оценка на имплементација на Конвенцијата кој што е во две фази на евалуација, секој од по пет години. Првата фаза се однесува на криминализација и меѓународна соработка, која завршува во 2015 година и во исто време ќе започне процесот на евалуација на одредбите за превентивни мерки за враќање на имот“, рече Сламков.

Во однос на превентивните мерки, додаде дека секоја држава членка на ОН треба да создаде специјализирана независна институција за превенција од корупцијата која ќе биде кадровски екипирана, материјално обезбедена и заштитена од влијанија.

„Во вториот дел на одредбата, која се однесува на враќање на имотот, кој е меѓународна кривична соработка со која што се настојува да се спречи враќање на добрата кои по пат на извршување на коруптивно кривично дело од една земја биле трансферирани во друга земја. Станува збор за материја врзана со замрзнување на имот, конфискација и враќање на имот. Тоа подразбира меѓународна кривична соработка, постоење договори, а се разбира оваа конвенција е основа за создавање такви правни обврски“, додаде Сламков.

На конференцијата презентации на кои ги пренесоа искуствата од своите држави имаа директорите на Агенцијта за борба против корупција во Србија и Агенцијата за превенција од измами на Каталонија.