/ Прочитано:

1.950

Превенцијата е најефикасниот облик на борба против злоупотреба на децата

Светскиот ден за превенција од насилство врз децата – 19 ноември се одбележува во 88 земји, а годинава Првата детска амбасада во светот „Меѓаши“, ќе алармира за влошувањето на состојбата со насилството врз децата. Посебен акцент ќе биде ставен на превенција од зависностите и злоупотребата на наркотични супстанци. Во Македонија бројот на случаи на педофилија и родосквернавење е зголемен, велат „Меѓаши“ и укажуваат дека превенцијата е најефиксен облик на борба против злоупотребата на децата.  

МЕЃАШИ: Влошувањето на состојбата со насилството врз децата

„Оваа година наша цел е да алармираме за влошувањето на состојбата со насилството врз децата, да ги поттикнеме граѓанските организации, државните институции и другите меѓународни чинители да се активираат во изготвување на старатегии и програми за превенција од насилтво, како и да ја поттикнеме Меѓународната заедница во нејзината заложба за елиминирање на насилството врз децата. Секоја година на овој ден се става акцент на одредна форма на злоупотреба на децата. Оваа година посебен акцент е ставен и на превенција од зависностите и злоупотребата на наркотични супстанци. Она што е загрижувачки и на кое што ние како Детска амбасада сакаме исто така да обрнеме внимание на јавноста е дека голем е и бројот на деца во нашата земја кои што употребуваат и неконвенционални наркотични супстанци, како што се лепилото и слични други. За овие деца кои што се зависници од дрога и психотропски супстанци не постои прифатен центар во нашата земја и овој податок е забележан во извештајот кој Детската амбасада Меѓаши го достави до Комитетот за правата на детето во Женева“, велат од Меѓаши.

Од Детската амбасада Меѓаши велат дека децата и нивната заштита од секаков вид на насилство се примарни цели на нивната агенда на која активно и посветено работат.

Сексуалната злоупотреба е особено трауматична

„За потребата од постојаната посветеност на овој проблем говорат и статистичките податоци според кои околу 150 милиони девојчиња и 73 милиони момчиња во целиот свет се силувани или се сексуално злоупотребувани секоја година од страна на некој свој близок или родител/старател. Во Република Македонија бројот на случаи на педофилија и родосквернавење е зголемен, но многу од жртвите не ги пријавуваат овие случаи затоа што извршителите најчесто се нивни блиски роднини или пријатели. За нас, како Детска амбасада, загрижувачки е податокот дека на СОС телефонот за деца и млади 0800 1 2222 добиваме и дојави во кои малолетници под 14 годишна возраст се јавуваат како осомничени за сексуална злоупотреба на дете. Сексуалната злоупотреба е особено трауматична за детето и остава далекусежни последици врз севкупниот развој. Затоа потребно е децата да се едуцираат за тоа како да постапат доколку се најдат во опасна ситуација и како да се заштитат од можна злоупотреба. Превенцијата е најефикасниот облик на борба против злоупотреба на децата. Но, таа бара мобилни и посветени родители, граѓански организации, медиуми, државни институции на кои приоритет во работата ќе им биде примената и почитувањето на правата на децата како и основниот принци на Конвецијата, а тоа е најдобриот интерес на детето. Исто така, почитувањето и спроведувањето на Факултативниот протокол кон Конвенцијата за правата на детето, а кој се однесува на продажба на деца, детска проституција и детска порнографија ќе придонесе за заштита на децата од сексуална злоупотреба“, истакнуваат од Детската амбасада.

Кога станува збор за другите форми на насилство, од Меѓаши велата дека  загрижувачки се податоците дека: помеѓу 133 и 275 милиони деца годишно се сведоци на семејно насилство.

Најчест вид на насилство – семејното насилство

„Во нашата земја според податоците кои ги добиваме од СОС телефонот за деца и млади 0800 12222 секоја година како најчест вид на насилство се јавува токму семејното насилство. Минатата година, според податоците на СОС телефонот за деца и млади, од 408 деца потенцијални жртви, 62 деца биле жртви на насилство во смејството. Најголем број од децата-жртви на семејно насилство се однесуваат на физичко и психичко насилство и негрижа врз дете. Овие податоци го потврдуваат фактот дека во минатото, но за жал и сега, родителите често физичкото и психичкото насилство ги користат како дисциплински мерки со кои се обидуваат да го наметнат својот авторитет и на таков начин да ги воспитаат и дисциплинираат своите деца“, велат од Првата детска амбасада.

Како што истакнуваат од таму, светските податоци говорат дека повеќе од половина (53 %) од 215 милиони деца- работници во светот работат во опасни услови.

Злоупотреба на детскиот труд

„Република Македонија иако на 31.05.2002 година ја ратификуваше конвенцијата бр.182 за итно спречување на најлошите форми на деткиот труд, состојбата со злоупотреба на детскиот труд е сеуште алармантна. Злоупотребата на детскиот труд е дирекно поврзана со сиромаштијата и невклучувањето на децата во редовен образовен процес. Некои сиромашни семејства не можат да си дозволат дирекни и индирекни трошоци за образување на своите деца. Според нашите сознанија, повеќе од 2000 децата во Република Македонија секојдневно денот го поминуваат на улица во субстандардни услови, живеејќи под ведро небо, без родителска грижа. Најчесто овие деца се жртви на најтешките форми на злоупотреба на детскиот труд. Загрижува и состојбата со децата без извод од матична книга на родените и деца кои се исклучени од редовниот и задолжителен образовен процес. Сепак она што е уште позагрижувачки е фактот што во нашата земја не постои официјална база на податоци за утврдување на точната состојба и бројот на овие деца и тоа е една од препораките во Извештајот за состојбата со правата на децата во Република Македонија“, нагласуваат од Меѓаши.

Од Меѓаши сметаат дека неопходно е превентивно да се делува и да се разработат ефективни стратегии за заштита на децата.

„Превенцијата не само што е потребна, таа е од суштинско значење. При изработка на превентивните програми потребно е да се вклучат повеќе релевантни чинители како: државни институции, граѓански организации, родители, воспитувачи, наставници, децата и целокупната заинтересирана јавност“, велат од таму.

Најважна е превенцијата

Правата детска амбасада во светот Меѓаши додава дека за да се превенира насилството на подолготрајна основа, потребно е навремено санкционирање и казнување на сторителите без разлика за каков вид на насилство станува збор и кој е вршителот на насилството.

„Доколку децата се јават како сторители, тогаш потребно е стручните лица од соодветните институции да ги преземат сите неопходни мерки и активности со цел да се рехабилитира детето-насилник и да се откријат подлабоките причини за појава на таков вид однесување. Сите они кои дирекно или индирекно, свесно или несвесно влијаеле и предизвикале такво однесување кај детето треба да се санкционираат. Потикнувањето на агресија, дискриминација и нетолеранција исто така треба да биде казнето и санкционирано. Доколку сторителите не се казнат, истите повторно ќе продолжат со својот модел на однесување и на индиректен начин институциите и тие кои се одговорни да го казнат и спречат таквото однесување всушност го одобруваат и му даваат поголема моќ на насилникот.Еден ваков ден не е доволен за да се заштитат децата од насилство, но е добра можност за да се потсети целокупната јавност за потребата од заштита која ја имаат децата и одговорноста која сите ние ја имаме“, посочуваат од Меѓаши.

20 ноември – Светски ден на детето

На 14 декември 1954 година Генералното собрание на ОН препорачува воведување годишен настан кој од 1956 година е познат како Универзален Детски ден со цел да се поттикне братство и разбирање помеѓу децата во целиот свет и унапредување на благосостојбата на децата. На 20 ноември 1959 година Генералното собрание на ОН ја усвои Декларацијата за правата на детето а на 20 ноември 1989 година ја усвои и Конвенцијата за правата на детето . Од 1990 година како Универзален Ден на детето се одбележува денот кога Генералното собрание на ОН ги усвои Конвенцијата за правата на децата и Декларацијата за правата на детето. Оваа година се навршуваат 25 години од усвојувањето на Конвенцијата за правата на детето. Целта на Обединетите Нации со воведување на овој ден на детето е да го привлечат вниманието за значењето на благосостојбата на децата низ целиот свет. Во 2013 година претставници на Обединетите Нации ги повикале сите земји- членки кои не ја ратификувале Конвенцијата за правата на детето и нејзините Факултативни протоколи да го направат тоа, истакнувајќи дека тој чекор е од витално значење за заштита на децата од злоупотреба и насилство во целиот свет.

Република Македонија ја ратификуваше Конвенцијата за правата на детето во ноември 1993 година како и двата протоколи: Факултативниот протокол на Конвенцијата за правата на детето за трговија со деца, детска проституција и детска порнографија ратификуван на 17 октомври 2003 година и Факултативниот протокол на Конвенцијата за правата на детето за инволвираност на деца во вооружени конфликти, ратификуван на 12 јануари 2004 година. Согласно член 118 од Уставот на Република Македонија: “Меѓународните договори што се ратификувани согласно со Уставот се дел од внатрешниот правен поредок и не можат да се менуваат со закон”. На овој начин нашата држава се обврза дека ќе постапува во согласност со истата и сите активности кои ќе ги превземе ќе бидат во насока на најдобриот интерес на детето.

Работата на Првата детска амбасада во светот Меѓаши се заснова токму на принципите и начелата на Конвенцијата за правата на детето и факултативните протоколи.

 Мониторинг на работата на државните институции

„Ние постојано вршиме мониторинг на работата на државните институции во процесот на заштита на децата и имплементација на Конвенцијата за правата на детето. Исто така сметаме дека потребно е државата да обезбеди подобра заштита на децата. Неопходно е синхронизирано дејствување на сите релевантни институции, преземање на обврските и одговорностите предвидени со Уставот и Конвенцијата. Би сакале да напоменеме дека Конвенцијата за правата на детето е еден вид рамка за минималните стандарди кои треба да ги почитува секоја држава. Дете е секое човечко суштество кое не наполнило 18 години возраст и тоа е носител на права и е рамноправен субјект со возрасните.Но, возрасните се оние кои се обврзани во секој момент да им пружаат поддршка на децата за да можат во целост да ги практикуваат своите права“, нагласуваат од Меѓаши.

Најважни принципи и конвенциски точки за заштита на децата

1. Сите деца и млади ги имаат истите права. Ниедно дете ниту млад човек не може да биде оштетен заради својот пол, боја на кожа, јазикот или религијата.

 2. децата и младите имаат право на најголем можен степен на здравје како и здравствена заштита и медицинска нега.

 3. децата и младите имаат право на бесплатно основно образование. Освен тоа треба да им биде овозможена посета на училишта на повисок степен.

 4. децата и младите имаат право на рекреација, слободно време, игра и учество на културни и уметнички активности.

 5. децата и младите имаат право да се информираат, слободно да го искажуваат своето мислење и да бидат слушнати.

 6. децата и младите имаат право на добро воспитување. Нивните родители или други воспитувачи не смеат да употребат сила, злоставување и злоупотребата е забранета.

 7. децата и младите имаат право да добијат посебна помош и заштита во војна и при бегство.

 8. децата и младите имаат право да бидат заштитени од експлоатирачка работа и сексуална злоупотреба.

 9. децата и младите имаат право да живеат со своите родители и да го одржуваат контактот со двата родитела, ако тие живеат одделно.

 10. децата и младите што се хендикепирани, имаат право на посебна поддршка и унапредување, како и активно учество во општествениот живот.

Компаративен преглед на домашното законодавство и меѓународно-правната заштита на децата

Во 1993 година Конвенцијата беше ратификувана и од Република Македонија, а во 2003 година следеше ратификацијата на двата факултативни протоколи. Со ратификацијата на Конвенцијата и на нејзините факултативни протоколи, Владата на Република Македонија се обврза да обезбеди исполнување и заштита на правата на децата.

„Заштитата на децата е организирана дејност заснована на правата на децата, како и на правата и обврските на родителите за планирање на семејството и на државата и единиците на локалната самоуправа за водење хумана популациона политика.

Заштитата на децата се остварува со обезбедување на услови и ниво на животен стандард што одговара на физичкиот, менталниот, емоционалниот, моралниот и социјалниот развој на децата.

Државата, како и единиците на локалната самоуправа се грижат за давање на соодветна материјална помош на родителите за издржување, подигнување, грижа и заштита на децата и организирање и обезбедување на развој на установи и служби за заштита на децата“, се стипулира во член 2 од Законот за зашита на децата, во кој дете во смисла на овој закон, се смета секое лице до наполнети 18 години живот, како и лица со пречки во телесниот и менталниот развој до наполнети 26 години живот.

Правата на децата во Македонија се остваруваат согласно Конвенцијата за правата на детето на Обединетите нации и законска регулатива во Република Македонија.

„Новото законодавство се развива и усвојува со многу брзо темпо. Само во последните две години беа започнати неколку правни реформи сврзани со децата. Новиот Закон за малолетничка правда беше усвоен во 2007; беа усвоени амандмани на следните закони: Законот за заштита на децата и Законот за семејството (2008), Законите за основното и средното образование (2008), Кривичниот законик (2008), а во 2009 беше усвоен новиот Закон за социјална заштита. Паралелно со ова беше развиена и усвоена и секундарната законодавна рамка. Меѓутоа, многу од законите и амандманите беа усвоени во многу ограничен временски период и на ограничени форуми, поради што изостана придонесот и коментарите на оние кои се директно вклучени во праксата, како и на јавноста воопшто. Делови од ова законодавство имаат ограничени одредби за спроведување“, се наведува во Студијата за компаративниот преглед на домашното законодавство и Конвенцијата за правата на детето.

19.11.2014/ М.В veljanoskim@akademik.mk