/ Прочитано:

1.374

Презентирана научноистражувачката студија за „македонскиот извоз“, изготвена од Виенскиот институт за меѓународни економски односи

Научноистражувачката студија „Македонскиот извоз“, која по барање на Стопанската комора на Македонија е изработена од страна на Виенскиот институт за меѓународни економски студии, беше презентирана пред повеќе од 250 претставници од компании членки на Стопанската комора на Македонија, претставници од Владата на РМ и од други државни институции, како и од дипломатскиот кор, информираат од Стопанската комора Македонија.

„Студијата, покрај обработката на извозот како главен сегмент во анализите, вклучува поширок преглед на потенцијалите и можностите на македонската економија, со цел да се утврди вистинското место на приватниот сектор во македонското стопанство, врз која основа e потребно да се креира модел што ќе ги поттикне економскиот раст и развој“, истакна д-р Јелисавета Георгиева- Јовевска, извршен директор на Стопанската комора на Македонија.

Аналитичко-научниот пристап на изготвената студија, која се карактеризира со констатации не само за состојбите во македонската економија во тој период, туку и за економските прилики во поширокиот регион, ја вклучува и економијата на земјите од ЕУ и ЦЕФТА, со чии состојби е компарирано и е направена паралела со состојбите во македонската економија, констатираше д-р Јелисавета Георгиева-Јовевска.

Студијата изобилува со доста податоци, приказ на состојбите и движењата во повеќе сегменти, како што се: увозот, извозот, производството, понудата и побарувачката на пазарот на производи и услуги, влијанието на констатираните состојби врз вработеноста и миграциските движења на работната сила, иновативноста како фактор на стопанскиот раст, состојби во макроекономската и монетарно-финансиската сфера, значењето и влијанието на странските инвестиции врз извозот и неговото учество во БДП, важноста на регионалната интеграција и интернационализацијата на односите за натамошен економски раст, потенцијалите на МСП, што на изготвувачот му служи како основа да даде и свои констатации и предвидувања за идниот економски раст на македонската економија, посочи извршниот директор на Комората.

Изготвувачот на научноистражувачката студија „Македонскиот извоз“, д-р Владимир Глигоров, експерт од Виенскиот институт за меѓународни економски студии, ги презентираше економските параметри изразени преку потенцијалната стапка на раст, растот на извозот и на увозот, инвестициите, трговскиот дефицит и дефицитот на тековната сметка, а ги посочи и препораките под кои услови тоа би се реализирало.

Во студијата е констатирано дека Македонија има траен проблем со ниска вработеност и висока невработеност, затвореноста на домашната економија што се анализира преку малиот извоз во споредба со вкупното производство во земјата, нестабилноста на земјата изразена преку големата разлика меѓу активните и пасивните каматни стапки. Во делот на стопанската политика, во услови на фиксен курс на денарот, има можност за зголемување на конкурентноста на домашната економија.

Во услови на ригидна макроекономска политика, развојот на земјата зависи од извозот и од надворешната трговија, констатира д-р Глигоров. Во целата оваа активност клучна улога има понудата на македонски производи за европските пазари. Колку поголема понуда, толку поголеми шанси за зголемен извоз и намалување на трговскиот дефицит на земјата. Сегашната структура на македонската економија покажува доминација на преработувачката индустрија, но потребно е реиндустријализација на економијата, бидејќи преработувачкиот сектор се сели кон големите држави, а фокусот треба да биде на развој на услугите. Пречки постојат и во даночниот систем и недоволниот пристап до финансиски средства.

Како заокружување на анализата на студијата, д-р Владимир Глигоров порачува дека постојат два основни проблеми.
– Компаниите се ориентираат кон производство за домашен пазар, што значи дека речиси целокупното производство се троши во земјата, а средства за инвестиции се чекаат од странски инвеститори.
– Нема доволно развиеност на иновативност во претпријатијата.

За да има развој, потребно е најмалку 20 до 25 проценти од бруто-домашниот производ да се инвестира во нови производи, иновативност, конкурентност. Глигоров потенцира дека извозот е генератор на растот и на вработувањето. Со 4 отсто стопански раст, под претпоставка стопанскиот раст на ЕУ да биде 2 отсто, по 30 години македонскиот БДП по глава на жител би требало да биде околу 90 отсто, што значи дека идната генерација граѓани би можеле да живеат со европски стандард.

Препораките кои се дадени и во студијата упатуваат во стопанската политика да се одржи фиксен курс со антициклична фискална политика и конкурентен реален курс со постојани надворешни биланси.

Основните цели и мерки за да се реализираат препораките се: поттикнување на иновативноста; зголемување на интернационализацијата; активна политика на вработување; реформа на даночниот систем; научно и технолошко поврзување; активно учество во Берлинскиот процес и јакнење на јавното и приватното партнерство.

Премиерот на Владата на Република Македонија, Зоран Заев, констатираше дека препораките во студијата се значителен придонес во креирањето на економскиот раст на земјата. Најави дека е подготвен и план за економски развој чија цел е создавање успешна економска приказна, со што земјата побргу ќе се приклучи на патот кон интеграција на Европската Унија, како и со регионот.  Клучни во креирањето на економската политика на Владата, како што истакна премиерот Заев, ќе бидат инвестициите, извозот, малите и средните претпријатија, подигнување на конкурентноста на приватниот сектор.

Македонија е мала држава и мала економија. За да има успешен економски развој, потребна e извозна ориентација, посочи д-р Кочо Анѓушев, заменик на претседателот на Владата на РМ задолжен за економски прашања.

Македонскиот извоз учествува со 50% во бруто-домашниот производ. Ако не се зголеми тој процент на 60, па дури и до 70%, земјата не може да очекува сериозен раст. Анѓушев посочи дека мерките што се носеле во изминатите повеќе од 20 години не ги дале очекуваните резултати, но искуството од нив треба да биде база за мерките кои ќе се носат во иднина.

Во таа насока беше најавено дека економскиот раст оваа Влада ќе го фокусира на три столба. Прво ќе се обезбеди државна поддршка за компаниите кои ќе испорачаат раст и прогрес во Македонија. Второ, ќе се поддржи извозот и трето, ќе се креира значителна државна помош на малите и средните компании, потенцираше заменикот на претседателот на Владата на РМ, задолжен за економски прашања.

Елизабет Хаген, извршен директор на Виенскиот институт за меѓународни економски студии, го претстави организациски Институтот, посочувајќи дека тој е рангиран на 5. место од 25 светски меѓународни истражувачки институти.

M.В