/ Прочитано:

1.593

Презентирани препораките за законски измени за поголема правна сигурност на граѓанските организации

„Препораките се однесуваат како на измени на Законот за персонален данок на доход и Законот за добивка од материјална природа (прецизирање што сè се подразбира под доход подложен на оданочување), така и на одредби кои директно го уредуваат начинот на водење надворешна (даночна) контрола“, изјави Гоце Коцевски од Македонското здружение на млади правници на денешната тркалезна маса наловена „Како до законска регулатива која ќе ги заштити граѓанските организации од арбитрарни инспекции и контроли во областа на даночното и финансиското работење“.

Македонското здружение на млади правници, Институтот за човекови права и Коалицијата „Сите за правично судење“ денеска ги презентираа препораките за законските измени кои се неопходни за зајакнување на правната сигурност на граѓанските организации. Препораките се засноваат врз детална правна анализа на спроведените инспекции и контроли на над 21 граѓанска организација во периодот од декември 2016 до мај 2017 година, со што се укажа на значителен број недоволно јасни одредби, кои не ја гарантираат правната сигурност на организациите.

Според Гоце Коцевски, проект-менаџер во Македонското здружение на млади правници, препораките се насочени, пред сè, кон појаснување и прецизирање на постојните законски одредби и јасно дефинирање на правата и должностите на граѓанските организации, во случај кога се предмет на инспекции и предистражни постапки од страна на надлежните органи и особено прецизно уредување на овластувањата на овластените лица кои ги вршат контролите, односно предистражните дејствија.

„Препораките се однесуваат како на измени на Законот за персонален данок на доход и Законот за добивка од материјална природа (прецизирање што сè се подразбира под доход подложен на оданочување), така и на одредби кои директно го уредуваат начинот на водење надворешна (даночна) контрола“, изјави Коцевски на денешната тркалезна маса наловена „Како до законска регулатива која ќе ги заштити граѓанските организации од арбитрарни инспекции и контроли во областа на даночното и финансиското работење“.

Оттука, како што беше нагласено, во законот треба прецизно да се регулираат обврските на граѓанските организации во однос на оданочувањето и даночното ослободување кои се разликуваат од јавниот сектор и стопанските субјекти.

„Проектниот тим, при своето истражување, констатираше и одредени слабости во законската рамка која ја уредува работата на финансиската полиција, како и на Законот за кривичната постапка. Основната цел на овие препораки за законски измени е да се спречат негативните ефекти од инспекциите и да се зајакне довербата меѓу самите граѓански организации за нивното правилно работење како основа за остварување на правото на здружување и изразување и секако, да се дејствува во насока на зајакнување на граѓанскиот сектор во општеството“, истакна Коцевски.

На настанот беше презентирана и предлог-иницијативата до Уставниот суд на РМ со која се оспорува членот 5 став 2 од Законот за персонален данок на доход со кој, како што велат организаторите, на нејасен и непрецизен начин се воспоставува обврска за плаќање на персонален данок на доход и за приходите „остварени во натура или на некој друг начин“.

А. Б.