/ Прочитано:

1.511

ПРИДОНЕСИТЕ ЗА ХОНОРАРИТЕ ПРЕД УСТАВЕН СУД: Повредено е начелото на еднаквост на граѓаните и правната сигурност

Обврската за плаќање придонеси за хонорарите ќе се најде пред Уставниот суд. Подносителите на Иницијативата наведуваат бројни правни аргументации во нејзиниот нацрт-текст. Нееднаквиот третман на граѓаните, нарушувањето на принципите на правната сигурност, двојното плаќање придонеси, контрадикторноста на решенијата со институти од постојните закони од трудовата сфера и облигационите односи се само дел од аргументите што се наведуваат во Иницијативата.

Иницијативата на јавно место за потпис

Билјана Котевска, една од подготвувачите на Иницијативата, за Академик вели дека нацртот на Иницијативата ќе биде финализиран до 30 јануари и дека Иницијативата ќе биде ставена на јавно место за да ја потпишат сите што сакаат и, како што вели, најверојатно ќе се поднесе на 10 февруари. Котевска појаснува на кои правни аргументации се темели Иницијативата.

„Нееднаквиот третман може да се најде во тоа дали лицата кои плаќаат придонеси добиваат работнички права или не, потоа во однос на различното пресметување на персоналниот данок, потоа во однос на тоа дали парите за пензиско одат и во задолжителниот и во приватниот фонд или само во првиот и нормално големата дилема кои категории се изземени, а кои не се“, изјави Билјана Котевска, една од подготвувачите на иницијативата.

Повредено начелото на еднаквост на граѓаните

И Стамен Филипов, познатиот правник со рекорден број поднесени иницијативи до Уставниот суд, цени дека Иницијативата има издржани и цврсти правни аргументации.

Според Филипов, со ваквите законски измени граѓаните се ставаат во нерамноправна положба во смисла на тоа дека и вработените и хонорарно ангажираните се обврзани да плаќаат придонеси за социјално, здравствено и инвалидско осигурување, но немаат исти права, како правото на одмор, право на плата, туку само на надомест, право на свое работно место и отсуство поради боледување.

Хонорарците се дискриминирани

И според професорот по уставно право, Светомир Шкариќ, законските решенија за плаќањето придонеси за хонорарите се неуставни и мора да бидат оспорени пред Уставниот суд.

„Најзначаен е членот 9, каде што се повредува начелото на еднаквост на граѓаните пред Уставот и законите. Секој може да види дека оние што треба да плаќаат придонеси, хонорарците, се во нееднаква положба во однос на оние што се вработени. Да го имаат статусот на привремено вработени, тогаш не би имало проблеми. Значи тие се дискриминирани. Потоа дискриминирани се хонорарците што треба да плаќаат придонеси за здравствено и пензиско осигурување во државни, а не во приватни фондови. Има луѓе што се во работен однос, а плаќаат придонеси во приватни фирми. Еве уште еден знак дека државата преку овој начин има намера да направи споменик за цивилниот сектор. Тоа право е повредено. Доволно е Уставниот суд да го има тоа предвид за да ги прочисти законите“, вели Шкариќ.

Се оспоруваат одредби од пет закони

Инаку, во нацртот на Инцијативата се посочува дека се поднесува Иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста на  членовите 7, 8 и 10 став 4 од Законот за изменување и дополнување на Законот за работните односи („Службен весник на Република Македонија,“ број 113/2014), членовите 2, 3, 5, 6 и 7 со кој се додава член 28-г од Законот за изменување и дополнување на Законот за придонесите од задолжително социјално осигурување („Службен весник на Република Македонија“ брoј 113/2014), членовите 1,2,3,4, 5 и 8 од Законот за изменување и дополнување на Законот за пензиското и инвалидското осигурување („Службен весник на Република Македонија“, број 113/2014) и Законот за дополнување на Законот за врабoтувањето и осигурување во случај на невработеност („Службен весник на Република Македoнија“, број 113/2014), Законот за дополнување на Законот за здравственото осигурување („Службен весник на Република Македoнија“ број 113/2014).

Да се донесе решение за запирање на извршувањето на поединечните акти или дејствија

Воедно, во Иницијативата се  предлага Уставниот суд на Република Македонија, до донесување на конечна одлука, врз основа на приоритет и итност, во согласност со член 50 став 1 од Уставот, да донесе решение за запирање на извршувањето на поединечните акти или дејствија преземени врз основа на оспорените закони и оспорените одредби од наведените закони бидејќи со нивното извршување би можеле да настанат последици тешки за отстранување кои би биле ненадоместливи.

Правните аргументации во Иницијативата

„И покрај прокламираната цел на законодавецот за обезбедување рамнoправна положба на сите учесници на пазарот на трудот, тој, сепак, лицата кои остваруваат приход преку некој од посебните договори ги става во понеповолна положба поради неможноста да ги уживаат правата кои произлегуваат од работниот однoс. Декларативноста на целта на законодавецот се огледа и во тоа што тој не предвидел инструменти за самовработување на договорните лица кои не се во работен однос“, се вели во Иницијативата.

Понатаму во Иницијативата се наведува дека прокламираното уставно начело на еднаквост на граѓаните пред Уставот и законите значи обврска за законодавецот во законите да утврдува исти услови под кои граѓаните ќе ги остваруваат своите слободи, права и должности, без при тоа да прави разлика меѓу нив по основ на полот, расата, бојата на кожата, националното и социјалното потекло, политичкото и верското уверување; имотната и општествената положба.

„Принципот сите граѓани се еднакви пред Уставoт и законите посебно го обврзува законoдавецот со забрана во законите да внесува одредби со кои се прави разлика меѓу луѓето, како и обврска за органите, организациите и другите субјекти при примената на Уставот и закoните, примената да ја вршат еднакво спрема сите граѓани, што значи во исти случаи да донесуваат исти одлуки, а не како вo случајот со oспoрените законски одредби“, стои во Инцијативата.

Во Иницијативата се наведува дека новите законски решенија од Законот за изменување и дополнување на Законот за придонеси од задолжително социјално осигурување создаваат правна несигурност.

 „Оспорениот закон по многу нешта создава правна несигурност. Една од несигурностите која за прв пат се создаде со овој закон е начинот на кој се дефинираат обврзници кои остваруваат приходи како резултат на извршена физичка и/или интелектуална работа врз основа на договор за дело и/или авторски договор или друг договор. Двојно плаќање придонеси за вработените лица е особено нејасно ако се има предвид точката 1-а од членот 7 од Законот за задолжително социјално осигурување, каде што е утврдено дека за обврзник ќе се смета извршен член на одбор на директори во трговски друштва, член на управен одбор во трговско друштво, односно управител во трговско друштво, доколку не е осигурен по ниеден друг основ. Оттука, се поставува прашањето зошто законодавецот не го применил истото решение за лицата кои остваруваат приход, туку се решил за двојно плаќање  придонеси од страна на лицата кои оствариле приход од договор за дело и/или авторски договор или друг договор, а кои веќе се обврзници по основа на вработување?! Од вака поставените решенија произлегува дека суштинската идеја на законодавецот не е рамноправно регулирање на работните однoси, туку зголемување на средствата за финансирање на задолжителното социјално осигурување“.

 М.В / veljanoskim@akademik.mk 23.1. 2015