/ Прочитано:

3.440

Примања за кои нема да се плаќа персонален данок на доход според предложените законски измени

Група пратеници во Собранието на РМ ги поднесоа најавуваните измени на Законот за персоналниот данок на доход, во кои, меѓу другото, се уредуваат и видовите примања за кои нема да се плаќа данок.

Конкретно, во предложените законски измени се предлага да не се плаќа персонален данок на доход на: помошта за претрпени штети настанати од елементарни непогоди и други вонредни настани исплатени од Буџетот на Република Македонија и буџетите на Градот Скопје и единиците на локалната самоуправа; финансиската помош за лекување во земјата или во странство, во висина на реалните трошоци на лекувањето, документирани со сметки на здравствените установи кои го извршиле лекувањето; надоместоците за учество во органите за спроведување на избори и други форми на непосредно изјаснување на граѓаните, како и надомест за работа во врска со пописот на населението; надоместоците на трошоците за сместување и превоз за лица кои немаат статус на вработени кај исплатувачот, а се ангажирани од негова страна за извршување на работи кои се во функција на неговата дејност; надоместоците на трошоците за сместување, храна и превоз за лица кои се учесници или ангажирани на настани организирани во рамки на активностите на организација основана во согласност со Законот за здруженија и фондации, како и надоместоците на трошоци за сместување, храна и превоз за членови на синдикатот кои се учесници или ангажирани на настани организирани во рамки на активностите на синдикатот и примањата на членови на синдикатот исплатени од средствата на синдикатот во согласност со Статут, програма и одлуки на органите на синдикатот.

М.В