/ Прочитано:

1.009

„ПРИСТАП ДО ПРАВДА ВО МАКЕДОНИЈА“: Над 1.800 граѓани од ранливите групи добиле бесплатни правни совети

Вторник, 15 септември 2015 – Над 1.800 граѓани од ранливите групи во текот на изминатите 18 месеци колку што траеше проектот „Пристап до правдата во Македонија“, имале можност да добијат бесплатни правни совети. 

„Околу 159 граѓани аплицираа за бесплатен адвокат од државата. Од нив 51 граѓанин успеаја да добијат адвокат кој ќе биде платен од државата и ќе ги застапува во решавањето на нивните правни проблем пред судовите во Македонија“, изјави денеска пред одржувањето на Завршната конференција, координаторот на проектот Александар Стојановски.

Додаде дека се покренати административни спорови против 13 одлуки со кои се одбива барање за бесплатна правна помош пред Управниот суд.

Стојановски со забелешка дека буџетските средства за имплементирање на Законот за бесплатна правна помош се мали и дека има мал интерес од адвокатите за да бидат дел од бесплатната правна помош.

„Немаме увидено селективност и дискриминација при одобрувањето на бесплатна правна помош во прва инстанца“, рече Стојановски и посочи дека барателите кои немаат добиено бесплатна правна помош можат да поднесат жалба пред Управен суд.

Претставникот од Министерството за правда Миљазим Мустафа нагласи дека со Законот за бесплатна правна помош е направен прв исчекор за овозможување еднаков пристап на граѓаните до правдата и институциите на системот.

„Со цел адресирање на препораките од Извештајот на Европската комисија за напредокот на Република Македонија во 2014 година, со кој се бара покомплексно подобрувања на системот за бесплатна правна помош во изминатиов период преземени се повеќе активности за изменување на Законот за бесплатна правна помош, кој е донесен во 2009 година, а се применува од 2010 година“, рече тој.

Министерството за правда, како што истакна, во соработка со Делегацијата на ЕУ во ноември 2014 година до Европската комисија има поднесено TAIEX барање за експертска помош и ангажирање експерти од различни земји кои треба да дадат препораки за подобрување на системот за бесплатна правна помош. Тој најави дека TAIEX работилницата би требало да се одржи кон крајот на ноември оваа година.

За подобрување на системот за бесплатна правна помош, како што рече претставникот од Министерството за правда, во рамки на ИПА твининг проектот кој ќе започне во декември оваа година предвидени се низа активности.

„Активностите за измени на Законот за бесплатна правна помош ќе започнат по реализацијата на TAIEX работилницата, со цел да се земат во предвид препораките кои ќе произлезат од неа“, рече Мустафа.

Мартин Клауке од Делегацијата на Европската унија рече дека за да постои систем кој што добро функционира неопходно е да постои општество кое се базира врз правото.

„Развиени беа многу анализи и следниот чекор во однос на подобрување на ситуацијата со бесплатната правна помош е сите елементи да се состават во една целина“, рече тој.

Проектот „Пристап до правдата во Македонија“ беше спроведен со финансиска поддршка од Европскиот инструмент за демократија и човекови права на Европската унија. Проектот вклучи активност за мониторинг и спроведување на Законот за бесплатна правна помош, врз основа на методлогијата развиена и применета од страна на Фондацијата отворено општество Македонија и мрежа од шест здруженија за обезбедување бесплатна правна помош.

Препорачани акции што треба да се преземат во насока на подобрување на механизмот за бесплатна правна помош се:

  • Да се организира транспарентен процес на реформи за подобрување на Законот за бесплатна правна помош, со значајно учество и придонес од сите засегнати страни;
  • Да се земат предвид критериумите и судската практика воспоставени од Европскиот суд за човекови права во случајот Airey v. Ireland;
  • Да се воспостави унифициран систем за подобрен пристап до правда кој, дополнително на механизмот за бесплатна правна помош, ќе се осврне и на проблемот со судските трошоци за маргинализираните групи на граѓани;
  • Да се подобрат административните и техничките капацитети на Министерството за правда, со цел да се овозможи брзо и ефективно работење од страна на неговите подрачни единици во однос на обезбедување бесплатна правна помош за граѓаните, како и квалитетно управување со системот за бесплатна правна помош;
  • Да се направат анализи и истражувања во областа на пристап до правда и бесплатна правна помош, особено од страна на Министерството за правда, граѓанските организации и академската заедница, коишто треба да придонесат за подобрување на Законот за бесплатна правна помош;
  • Да се овозможи потесна интеграција на овластените здруженија во системот за бесплатна правна помош, со цел да се промовира подобро искористување на овој систем;
  • Да се воспостави и да се одржува соработка и размена на искуства меѓу сите релевантни засегнати страни во обезбедувањето на бесплатна правна помош;