/ Прочитано:

1.480

ПРИСТАП НА ЖЕНИТЕ ДО ПРАВДАТА: Дискриминацијата, родовото насилство и неприменувањето на законите го отежнуваат пристапот на жените до правдата

Здружението за еднакви можности „Еднаков пристап“, во соработка со Македонското здружение на млади правници, ја промовираше анализата „Пристап на жените до правда“. Анализата е изработена од страна на Јованка Тренчевска, Светлана Цветковска, Тања Кикерекова и Јасна Оровчанец-Аранѓеловиќ, во текот на 2015 . Таа вклучува квалитативна анализа на документи и информации добиени од основните судови во РМ, користејќи го Законот за пристап до информации од јавен карактер, интервјуа на стручни лица со полуструктуриран прашалник, анкета спроведена врз граѓани.

akademik foto 1

Анализата има за цел да ја идентификува состојбата со пристапот до правда на жените, со посебен фокус на жените жртви на родово засновано насилство и да ги воочи законските и процедурални пречки и практики кои се однесуваат на пристапот на жените до правдата во сите сегменти на општественото живеење.

Според истражувањето,  најголем е бројот на кривичните постапки за кривичното дело телесна повреда при вршење на семејно насилство – член 130 став 1 и 2 од Кривичниот законик и загрозување на сигурноста при  вршење на семејно насилство – член 144 став 1 и 2, додека чест проблем е откажување на жртвите на семејно насилство од постапките против сторителите поради праксата во која најчесто се упатуваат на граѓанска постапка.

Анализирајќи го пристапот до правда, авторите заклучуваат дека, иако во РМ постои широка правна рамка со која се овозможуваат еднакви можности на жените и мажите во различни области од општественото живеење, сепак постои недоволна примена на постојните закони.

Друга причина која го оневозможува и/или го отежнува пристапот на жената до правдата е дискриминацијата која постои кон жената, а која е заснована на родови стереотипи, стигма, патријархални норми и родово засновано насилство.

Како начини за унапредување на пристапот до правда за жените, анализата ги посочува: поголемата информираност, намалување на географската оддалеченост на институциите, пониските судски трошоци, поедноставни правни процедури.

Конечно, се посочува во анализата, потребно е да се забрза постапката за ратификација на Конвенцијата на Советот на Европа за превенција и борба против насилство врз жената и домашно насилство, т.н. Истанбулска конвенција, односно да се пристапи кон натамошно доусогласување на Кривичниот законик на РМ со Истанбулската конвенција.

Авторките на анализата препорачуваат да се обезбеди ефективно спроведување на законската регулатива, што ќе овозможи темелна родово сензитивна истрага на случаите на секаков вид на насилство, вклучувајќи го домашното насилство и казнување на сторителите.

„Потребно е натамошно доусогласување на Кривичниот законик на РМ со Истанбулската конвенција преку воведување на посебно кривично дело: убиство на жена (femicide), генитално обрежување, демнење, насилство врз жената, што ќе обезбеди заштита од економско и психолошко насилство и целосно редефинирање на содржината на кривичното дело силување од членот 186 со цел негово усогласување со Конвенцијата и со праксата на Европскиот суд за човекови права. Во случаи на семејно насилство, со лесна телесна повреда, во кривичното дело: лесната телесна повреда од членот 130 став 2 од КЗ гонењето да се презема екс официо и притоа истрагата да не зависи од согласноста на жртвата за прогон“, се истакнува во анализата.

Во анализата, исто така, се препорачува да се обезбеди родова еднаквост, односно еднаквост меѓу мажите и жените, не само де јуре туку и де факто, што ќе овозможи еднаков пристап на жените и мажите до правда преку образование.

Потребно е на жртвите да им се обезбеди да имаат пристап до ефективни правни лекови и средства за заштита, вклучувајќи и соодветен број на функционални засолништа за итно сместување, достапни во сите делови на земјата, во соработка и јавно приватно партнерство со граѓанските организации и приватниот сектор.

„Исто така, неопходно е центрите за социјална работа да им даваат поддршка на жртвите со цел надминување на стравот за да добијат целосна и бесплатна здравствена заштита, независно дали имаат или немаат здравствено осигурување и да бидат ослободени од партиципација. Потребно е и континуирано спроведување на општи и специјализирани обуки на сите нивоа за стручни лица кои постапуваат со жртви или со сторители на насилство спрема жената, вклучително и семејното насилство, за спречување и откривање на таквото насилство, за еднаквоста меѓу жените и мажите, за потребите и правата на жртвите, како и за спречување на секундарна виктимизација“, се вели во анализата.

Во анализата се додава и дека потребно е да се иницираат измени и дополнувања на Законот за бесплатна правна помош во согласност со европските искуства, во насока на подобрување на системот на бесплатна правна помош во РМ, со вградување на родово сензитивен аспект на жртвите на семејно насилство.

Авторките препорачуваат и да се изземе семејното насилство во Законот за одредување на видот и одмерување на висината на казната и да не влијае на ублажување на казната кај сторителите на семејно насилство и родово заснованото насилство, со што ќе се испрати јасна порака за нулта толеранција на семејното насилство и да се воспостави систематско следење на здравствената состојба (психолошки надзор) на полициските службеници поради злоупотреба на оружјето и силата од страна на овластените службени лица (последните инциденти на убиства на жени од нивна страна).

„Потребно е да се обезбеди спроведување на законската регулатива која се однесува на поседување и носење оружје со цел превенција и заштита на животот и сигурноста на жртвата и децата и потребна е интензивна работа со сторителите на семејно насилство, особено во контекст на постојните програми за насилници. Истата мерка е признаена во Кривичниот законик, но проблем е нејзина имплементација. Потребно е програмите да се применуваат на целата територија на РМ и да се предвидат родово сензитивни мерки за вработување во согласност со членот 12 од Законот за превенција од семејно насилство, како и да се работи на подигање на свеста на работодавците при вклучувањето на жените жртви на родово засновано насилство на пазарот на трудот, нивна поддршка и охрабрување за вработување од страна на највисокиот менаџмент во приватниот сектор“, се вели во анализата.

Како крајно, се истакнува во анализата, за пристапот на жените до правда потребно е да се обезбеди функционалност на веќе формираните мултисектроски тимови според новите стандарди, што ќе овозможи ефикасно процесирање на случаи на семејно насилство и да се зајакнат капацитетите на ЦСР и да се унапреди меѓуинституционалната соработка и соработката со граѓанскиот сектор, да се формира фонд за обесштетување на жените жртвите на семејно насилство во согласност со Законот за кривична постапка, да се донесе и да се усвои на нова стратегија за превенција и борба со семејното насилство во РМ.

Анализата може да се преземе тука.

(M.В)