/ Прочитано:

1.456

Продолжен куќниот притвор за Савески и Куновски за нови 30 дена

Тие повеќе од еден месец, под обвинение дека учествувале во толпа што ќе изврши кривично дело, се наоѓаат во куќен притвор и го чекаат почетокот на нивното судење.

????????????????????????????????????

Кривичниот суд им го продолжил куќниот притвор за нови 30 дена на членовите на Левица Здравко Савески и Владимир Куновски. Тие повеќе од еден месец, под обвинение дека учествувале во толпа што ќе изврши кривично дело, се наоѓаат во куќен притвор и го чекаат почетокот на нивното судење.

Судењето беше одложувано двапати поради некомплетна документација – недоставено вештачење за висината на штетата предизвикана од демолирањето на Народната канцеларија на Претседателот на Република Македонија.

Судењето на Савески и Куновски треба да почне на 31 мај.

Последното рочиште беше одложено поради две процесни пречки за започнување на судењето: првата пречка беше тоа што предметот физички не се наоѓал кај судијата поединец бидејќи бил во Апелациониот суд, кој одлучуваше по жалбата на Обвинителството на решението на судијата поединец да не определи ефективен притвор, туку куќен притвор по приемот на обвинителниот предлог, и втората пречка беше тоа што Државното правобранителство како застапник на Република Македонија сè уште ѝ го немаше доставено на одбраната одамна изготвеното вештачење за висината на штетата.

Во рамките на судењето за други демонстранти, Државното правобранителство достави вештачење на вкупната штета која е проценета за 522 илјади денари.

Според полицискиот извештај и поднесената кривична пријава, било утврдено дека Савески го извршил кривичното дело на тој начин што влегол во демолираната канцеларија заедно со дел од толпата, запалил фотографија од претседателот Ѓорге Иванов и фрлил предмет кон Народната канцеларија, додека Куновски го извршил кривичното дело на тој начин што, додека се наоѓал во внатрешниот дел од Народната канцеларија на Претседателот на РМ, преку искршениот прозорец исфрлил неколку канцелариски столчиња на тротоарот.