/ Прочитано:

939

Продолжи судењето за насилните протести за „Монструм“: Сведочеа двајца полициски службеници

Вторник, 22 јули 2014 – На денешното продолжение од судскиот процес против осуммината демонстранти обвинети дека на 4 јули за време на насилните протести во Скопје против пресудата за „Монструм“ со камења повредиле дваесетина полицајци и ги оштетиле фасадите на двата основни скопски суда, по предлог на Обвинителството сведочеа двајца полициски службеници.

Полициските службеници кои тој ден ги обезбедувале протестите објаснија што се случувало пред судовите, но не посочија директно ниту еден од обвинетите дека фрлале камења кон судот и полицијата, бидејќи, како што рекоа, имало многу луѓе во толпата.

„Почнаа да фрлаат со разно-разни предмети, да го кршат Судот, да напаѓаат колеги“, рече првиот сведок, кој исто така наведе дека учествувал во апсењето на првообвинетиот Аријан Беџети.

„Лицето беше забележано на улицата Цветан Димов. Беше мокар, најверојатно од водените топови, и држеше капа во раката“, рече сведокот.

 Вториот сведок наведе дека најпрвин бил распореден кај МАНУ, но кога дошло до каменување на полицијата пред Судот, тој и неговите колеги биле повикани да помогнат.

 „Почнаа најпрвин колегите да ги маваат со секакви предмети и тогаш не’ викнаа да помогнеме“, објасни сведокот. Иако не можеше да се сети на имињата, додаде дека привеле три – четири лица кои фрлале предмети кон полициските службеници. Објасни дека лицата биле внимателно следени во толпата, а едно од нив бил препознаено од снимката на телевизија „Телма“.

 Одбраната реагираше на притворот на обвинетите. Бранителите, но и самите обвинети побараа да бидат ослободени за време на бајрамските празници.

Судскиот процес и утре ќе продолжи со доказна постапка.

На вчерашното рочиште сите обвинети се изјаснија за невини. Судовите пријавија вкупно отштетно побарување од 25 илјади евра.
Е. П.