/ Прочитано:

6.380

ПРОДОЛЖУВАЊЕ НА ПОРОДИЛНОТО ОТСУСТВО: Иницијативата и Предлог-законот за измени на ЗРО, поднесени од 11 868 граѓани, пред пратениците

Предлогот-законот за изменување на Законот за работни односи, прво читање, поднесен од 11 868 избирачи, е поднесен во Собранието на Република Македонија. Главна цел поради која се покренува оваа иницијатива и се поднесуваат овие измени на Законот за работни односи, се вели во иницијативата, е унапредување на севкупната состојба на мајките и родителите кои даваат грижа и заштита на психофизичкото здравје на новороденчињата во Република Македонија.

Во иницијативата се предлагаат измени на Законот за работните односи во насока на продолжување на породилното отсуство од 9 на 18 месеци. Продолжувањето на периодот на породилното отсуство е во најдобар интерес на мајките, децата, поширокото семејство и работодавците, се образложува во текстот на граѓанската иницијатива.

Состојбата со која се соочува секоја мајка, се вели во иницијативата, е иста. Периодот на породилно отсуство е премногу мал за да се создаде здрав психофизички развој на бебето. Со измената на Законот за работните односи, односно со продолжување на периодот на породилно отсуство, ќе се решат многу проблеми со кои се соочуваат мајките.

Погрешно е да се гледа на градинките, се вели понатаму во иницијативата, како на место број еден во растењето на нашите деца. Секако, мајките треба да работат и да ги остават децата некому – некогаш на своите родители, некогаш на дадилки, но не секое семејство, се разбира поголем дел, може да си го дозволи тоа.

„Останува последното решение во низата – она нужно зло што се принудени да го прифатат – градинката. Таму ги пресретнува полна хоспитална каде што е невозможно една или две воспитувачки да се посветат на бебето. Потоа тука доаѓа несоодветната исхрана со која се хранат бебињата, храна што соодветствува на поголема возраст се дава на помало бебе итн. Како мајки особено сакаме да укажеме на проблемот со неразвиениот имун систем на нашите бебиња. Според имунолозите, имунолошкиот систем на децата се гради до петтата година од животот. Тука спаѓаат: респираторниот систем, системот за варење, отпорноста на алергии итн. Најчести се респираторните инфекции, потоа кожните, стомачните и уринарните. Од респираторните најчести се оние предизвикани од вируси. Проблемот се продлабочува бидејќи со секое земено боледување се намалува и бруто-платата која се добива на крајот од месецот што дополнително го осиромашува и онака сиромашното младо македонско семејство“, се вели во иницијативата на 217 граѓани за донесување на закон за изменување на Законот за работните односи.

Со гласањето на измените од страна на пратениците, се образложува во иницијативата за донесување на закон за изменување на Законот за работните односи, мајките ќе можат севкупно да се посветат на своите новороденчиња, додека пак мајките со патолошка бременост ќе го решат проблемот со периодот поминат со новороденчињата.

„Бебињата сепак добиваат најмногу. Тие, нашите најмили, ќе го добијат она што им е најпотребно, а тоа е нивната мајка. Таа им е потребна во целиот нивен живот, но се согласуваме дека куќата се гради од темелите, па така и најраниот период е од суштинска важност за нивниот психофизички развој“, се образложува во иницијативата.

Основен проблем, се додава во иницијативата, е и проблемот со самото доење. Мајчиното млеко е основен двигател што придонесува за здравјето на нашите најмили. Без мајчиното млеко, се нагласува во иницијативата, се доведува сериозно под знак прашалник севкупното здравје на нашите деца.

„Во периодот кога најмногу му требаме на бебето, ние тогаш тргнуваме на работа. За да немаме проблем со мајчиното млеко кое и понатаму истекува, принудени сме да пиеме лекови кои ја спречуваат лактацијата. Паузата што законски следува поради практични причини не може да се искористи, иако како можност постои во законот. Сепак, ако земеме предвид дека секој од работното место живее бар на половина час и повеќе оддалеченост, јасно е дека оваа можност има свои слабости. За крај, нека ни бидат пример земјите во кои породилното отсуство трае минимум една година“, се образложува во Иницијативата.

Во инцијативата упатена до пратениците се нагласува и дека иницијативата е од интерес за работодавците затоа што со зачестеното боледување на мајката која се грижи за своето новороденче се зачестува и нејзиното отсуство од работа. Нововработениот кој за тие нови 18 месеци би ја заменувал мајката, се аргументира во иницијативата, секако дека ќе даде постабилни резултати во работата што ја извршува. Со донесувањето на измените, се посочува во иницијативата, ќе се спречи и дискриминацијата врз мајките кои користат породилно отсуство.

М.В