/ Прочитано:

2.602

Проект за управување со природните ресурси во заштитените подрачја во Македонија

Во рамки на проектот „Подобрување на управувањето со заштитените подрачја“, што ќе се спроведува во наредните 28 месеци, ќе бидат доделени 20 грантови, како за поголемите заштитени подрачја, како што се националните паркови „Галичица“, „Пелистер“, „Маврово“, така и за помалку развиените заштитени подрачја. Со грантовите ќе се подобрува управувањето со природните ресурси, а проектите ќе бидат имплементирани и реализирани од страна на управувачките тела на националните паркови, локалните самоуправи и невладините организации. Планирана е изградба и на неколку мали пречистителни станици.

4,3 милиони евра изнесува проектот финансиран од страна на Европската Унија и УНДП за заштита на македонската природа. Министерот за животна средина и просторно планирање Садула Дураку, шефот на делегацијата на ЕУ во Република Македонија, Самуел Жбогар и постојаниот претставник на Програмата за развој на ОН-УНДП, Луиза Винтон, претставувајќи го овој проект, нагласија дека ќе бидат доделени 20 грантови, како за поголемите заштитени подрачја, како што се националните паркови „Галичица“, „Пелистер“, „Маврово“, така и за помалку развиените заштитени подрачја. Со грантовите ќе се подобрува управувањето со природните ресурси, а проектите ќе бидат имплементирани и реализирани од страна на управувачките тела на националните паркови, локалните самоуправи и невладините организации. Планирана е изградба и на неколку мали пречистителни станици.

„Проектот ‘Подобрување на управувањето со заштитените подрачја’ ќе се спроведува во наредните 28 месеци. Веруваме дека овој проект ќе помогне да се заштити богатиот биодиверзитет на земјата и заштитените подрачја, истовремено подобрувајќи ги животите на луѓето. Ова е уште еден доказ дека Европската Унија е тука и можете да сметате на нашата поддршка и во иднина“, истакна амбасадорот на Европската Унија, Самуел Жбогар.

Постојаната претставничка на УНДП во Македонија, Луиза Винтон, истакна дека Македонија во светот ја препознаваат како земја со несомнено многу богат биодиверзитет, а овој проект уште повеќе ќе придонесе за негова заштита.

„Луѓето често претпоставуваат дека не може да имате паралелно и економски развој и заштитена природа. Ние во УНДП сме почестени што ја имаме оваа нова можност да работиме заедно со нашите национални партнери, со цел да обезбедиме ова природно богатство да биде зачувано за сите идни генерации“, нагласи Винтон.

Според министерот за животна средина и просторно планирање, Садула Дураку, успешната имплементација на овој проект ќе придонесе за подобро и поодржливо управување со природните ресурси во заштитените подрачја во државата.

„Ќе покажеме со конкретни примери дека инвестирањето во заштитата на природата ќе донесе економски придобивки за општините“, истакна Дураку.

Како што нагласуваат од ресорното министерство, веќе се поставени амбициозни цели во врска со заштитата на природата бидејќи мрежата од 86 заштитени подрачја покрива околу девет проценти од државната територија. Но, како што велат оттаму, прогласувањето на одредена територија за заштитено подрачје секогаш не подразбира и целосно спроведување ефикасни мерки за негова заштита и за заштита на природните богатства на државата.

Во рамки на проектот, предвидено е да се изградат и неколку мали пречистителни станици, со кои ќе се демонстрира нивниот потенцијал како евтино решение за справување со предизвиците за заштита на животната средина, со кои се соочуваат многу локални заедници во близина на заштитени подрачја. Со проектот ќе се поддржат приоритетните потреби во подобрување на управувањето со заштитените подрачја, промовирањето поодржлив развој за користење на природните ресурси и практични примери за заштита на природата и локалниот економски развој. 

А. Б.