/ Прочитано:

2.857

ПРОФ. Д-Р АЛЕКСАНДАР КЛИМОВСКИ: „Регулирањето на финансиската зона со уставна норма не е само прерогатив, туку е нужна потреба“

Финансиските зони, во практиките, функционираат во рамките на уникатна и специфично изградена правна и регулаторна рамка чија што примарна цел е да се создаде добра средина за развој на финансискиот сектор. Ваквата правна рамка е постигната преку идеална синтеза на законски норми коишто претставуаат посебни граѓански и трговски закони создадени во согласност со меѓународни стандарди и принципи на common law системот.  Голема е веројатноста дека за потребите на еден ваков центар, или зона, ќе треба да се донесат нови закони, и тоа: Закон за компании (Закон за трговски друштва), Закон за облигациони односи, Закон за арбитража; Закон за стечај, Закон за заштита на личните податоци, Закон за заедничко инвестирање, Закон за инвестирање, и други законски норми коишто го регулираат работењето на финансиските институции. Не би било чудно и овој Финансиски центар, во иднина, да развие и свој пазар за хартии од вредност, односно берза, вели во интервјуто за Академик, Д-р Александар Климовски, професор по право на друштвата, корпоративно право, корпоративна етика и компаниско право на ЕУ на Правниот факултет „Јустинијан Први“ во Скопје.

Златна средина помеѓу финансиска зоната во Дубаискиот Меѓународен Финансиски Центар и финансиските зони во Луксембург и Обединетото Кралство

„Констатирам дека во јавноста по однос на  прашањето за финансиската зона нема стручно познавање и токму затоа кај многу луѓе со кои често комуницирам има интерес поврзан со тоа како ќе се операционализира овој концепт. Имено, ваквиот чекор на Владата на Република Македонија, според мене, е многу умешен и иновативен за нашите простори и ќе донесе квалитативен инпут во нашата домашна економија на повеќе начини. Во оваа фаза разговараме само за уставниот амандман и затоа не би можел да коментирам за конкретни законски норми кои понатаму би произлегле од овој проект, но моја стручна претпоставка е дека концептот кој ќе биде изработен ќе значи некоја златна средина помеѓу тоа што постои како финансиска зона во Дубаискиот Меѓународен Финансиски Центар (Dubai International Financial Center) како и посебната нормативна, законска рамка која децении назад ја има во Луксембург и Обединетото Кралство“, вели професорот.

Проф. д-р Александар Климовски

Тој посочува дека вакви зони има во повеќе земји кои стремат да привлечат инвестции од големиот број на финансиски корпорации и напоменува дека најквалитетно развиена од сите е таа во Дубаи и додава дека истовремено такви зони постојат и во Кина, и од пред неполн месец законодавна иницијатива за формирање на ваква зона била отпочната и во Доминканската Република.

Синтеза на законски норми коишто претставуаваат посебни граѓански и трговски закони

„Овие зони, во практиките, функционираат во рамките на уникатна и специфично изградена правна и регулаторна рамка чија што примарна цел е да се создаде добра средина за развој на финансискиот сектор. Ваквата правна рамка е постигната преку идеална синтеза на законски норми коишто претставуаваат посебни граѓански и трговски закони создадени во согласност со меѓународни стандарди и принципи на common law системот. Голема е веројатноста дека за потребите на еден ваков центар, или зона, ќе треба да се донесат нови закони, и тоа: Закон за компании (Закон за трговски друштва), Закон за облигациони односи, Закон за арбитража; Закон за стечај, Закон за заштита на личните податоци, Закон за заедничко инвестирање, Закон за инвестирање, и други законски норми коишто го регулираат работењето на финансиските институции. Не би било чудно и овој Финансиски центар, во иднина, да развие и свој пазар за хартии од вредност, односно берза“,  објаснува Климовски.

Тој посочува дека кога се гледа примерот во Дубаи, таму самиот центар е федерална финансиска слободна зона која што има за цел да создаде платформа за финансиски институции кои сакаат да допрат поблиску до растечки пазари во регионот. Примарно, зоната постои за да стимулира средина на економски развој во ОАЕ и поширокиот регион, преку обезбедување на потребната правна, деловна и физичка инфраструктура која е градена во целосна согласност со меѓународните стандарди.

Компаративни законодавноправни аспектиконцепт со големи предности и скоро никакви слабости

„Зоната има независна правна јурисдикција која како таква е определена согласно Уставот на Обединетите Арапски Емирати, и оттука има свои граѓански и трговски закони (покривајќи прашања од областа на корпоративното право, трговското право, граѓанското право, трудовото право, анти-монополското право)  кои се различни од тие коишто имаат правна важност на територијата на останатиот дел од ОАЕ. Законите, во својата оргинална форма, се донесени на англиски јазик и во случај на правна празнина се повикуваат на англиското закондавство. Зоната има посебни судови, каде што најчесто судиите потекнуваат од земјите на common law системот, како што се Велика Британија, Канада, Австралија и Сингапур. Битно е да се истакне дека во оваа зона кривичното закондавство и јурисдикцијата на кривичните судови на ОАЕ целосна ја покриваат работата на Центарот и за оваа област на правото нема никакво посебно закондавство или посебна форма на судство“, вели професорот, кој посочува дека следејќи ги информациите коишто излегуваат во јавноста, како и имајќи ги на ум компаративните искуства е на цврсто стојалиште дека еден ваков концепт има големи предности и скоро никакви слабости.

Привлекување на реномирани банки, инвестициски фондови, осигурителни друштва

„Некои критики што често ги слушам, и пред се, искрено морам да кажам, доаѓаат од индивидуи кои се лаици за оваа област, е дека се работи за решение кое ќе ја претвори Македонија во нова off-shore дестинација. Далеку од тоа, мое убедување е дека целта на Владата ќе биде Република Македонија да се претвори во регионален финансиски hub за корпорациите од овој сектор, што ќе се реализира преку привлекување на реномирани банки, инвестициски фондови, осигурителни друштва“, дециден е Климовски.

По однос на прашањето дали може ли да се очекуваат резултати на подолг рок како што се најавува или е тоа преоптимистичка проекција, професорот смета дека прерано е во оваа фаза да се зборува за конкретна проекција.

Според него, битно ќе биде да се донесат квалитетни норми коишто би ја издигнале оваа зона на ниво која ќе ја прави препознатлива и атрактивна за странските инвестотори која што ќе цели да ги привлече. Понатаму, ќе треба да се преземе добра платформа за привлекување на инвестотори.

„Но, доколку како споредба ги разгледаме резултатите коишто Владата ги има постигнато во процесот на привлекување на странски инвестиции, пред се во производствениот сектор, би рекол дека искрено имам високи очекувања и верувам дека доколку се работи со исто темпо можеме да очекуваме за најкасно неколку години да ги гледаме најпознатите финансиски корпорации претставени пред нашата јавност“, вели професорот Климовски, додавајќи дека со привлекувањето на ваквите корпорации Република Македонија би имала бенефит од многу аспекти.

Ќе има голем број вработувања од сериозни корпорации за високо-образовани кадри

„Примарно, и нешто што ја засега општата јавност, е што ќе има голем број вработувања од сериозни корпорации за високо-образовани кадри кои со сигурност можам да ви гарантирам, земајќи ги во предвид општите правила за корпоративна култура и корпоративна етика коишто ги имаат овие корпорации, ќе бидат платени и наградувани на завидливо ниво за наши услови“, наведува професорот.

Професорот е сигурен дека покрај конкретниот бенефит за секој нов вработен, којшто, по негово мислење, со сигурност ќе го носат овие зони, присуството на таквите корпорации, коишто се најчесто глобални брендови, ќе придонесе за развој на технолошко-индустриските развојни зони.

Не би било изненадување овие корпорации, вели професорот, дека доколку имаат позитивно искуство во нашата земја, тие да служат како квалитетна препорака за нивни клиенти, чијшто капитал истите го управуваат.

„Би спомнал само дека сите градови/региони кои успеале да се наметнат како центри за финасиски корпорации во светот доживуваат голем раст во своите локални економии и оттука општиот животен стандард. Такви центри денес се Њујорк, Лондон, Луксембург и Дубаи, меѓу другите“, објаснува тој.

Регулирањето на оваа материја со уставна норма не е само прерогатив, туку претставува нужна потреба

Климовски се осврнува и на прашањето дали финансиската зона треба да биде предмет на уставната норматива, и децидно нагласува дека потребата од регулирањето на оваа материја со уставна норма не е само прерогатив, туку претствува нужна потреба.

„Тоа е така бидејќи за реализација на овој проект, како што претходно спомнав, постои потреба од создавање на паралелно закондавство во повеќе правни подрачја. Ова во правната практика значи дека кај овие зони ќе постои некоја форма на квази-екстериторјалност, и оттука потребата од уставна нормираност во оваа ситуација е за да се определи посебното место на овие норми во законската хиерархија. Оваа потреба според мое видување е апсолутно оправдана и уште еднаш, преку посебниот статус коишто оваа зони ќе ја добие во нашиот највисок правен акт, Владата на Република Македонија ја потврдува својата искрена намера за реализација на една крупна проектна активност којашто треба да придонесе за понатамошниот развој  на нашата земја“, резимира професорот Д-р Александар Климовски.


Разговараше: Милчо Велјаноски Објавено: 29. 08. 2014