/ Прочитано:

3.230

ПРОФ. Д-Р ГОРДАНА БУЖАРОВСКА: Имаме „независни“ судски тела – ништо не зависи од нив

Недоречени и неусогласени закони кои се носат пречесто, политичко влијание врз судството, Судски совет кој е независен затоа што од него не зависи ништо, време во кое незнаењето царува и кога незнаењето е сила – ова се причините кои професорката на Правниот факултет „Јустинијан Први“, д-р Гордана Лажетиќ – Бужаровска, ги издвојува за нотираните критики во Извештајот на ЕК за напредокот на Република Македонија.

„Престанете да носите нови закони“

„Од Извештајот произлегува дека јасно ни велат: „Престанете да носите нови закони“. Подготвеноста за европската агенда, не значи само да се штиклира кои се закони ги имаме донесено. Законите немаме време да ги прочитаме, ниту пак ги читаат тие што ги гласаат. Законите не се ниту усогласени, ниту пак има репер за тоа што значи успех на законот и што е она што го очекуваме од еден таков закон. Мониторинг никаков, ни „е“ од евалуација. И затоа имаме ваков извештај. Колку и да сум тажна, јас воопшто не сум изненадена. Дури мислам дека на некои места во Извештајот – биле и преблаги“, вели професорката Гордана Лажетиќ – Бужаровска.

Според професорката, извештајот на Европската комисија потврдил дека има назадување во поделбата на власта, односно зголемено политичко влијание на извршната врз судската власт. Во таа насока, професорката посочи кон Судскиот совет, кој го оцени како тело кое, како што рече, е независно, но само затоа што ништо не зависи од него, туку од Владата.

„Независни судски  тела затоа што ништо не зависи од нив“

„Во однос на Извештајот, во 2012 имаше мал напредок, додека пак во 2013 имаше одреден напредок. Потоа во 2014 имаше влошување, а сега имаме назадување. Значи, не може да биде појасно и поедноставно кажано. Дека немаме разлика меѓу државата и партијата, тоа ни е сосема јасно. Еве, сега гледаме дека и во делот на поделбата на власта прилично сме се уназадиле. Ние го сменивме системот на избор на судии, се со цел, да се обезбеди ново тело, кое ќе биде „независно“.  Да ви кажам искрено, долго време наназад говорам дека имаме такви независни тела што ништо не зависи од нив. И дефиницијава функционира – тие се толку независни што ништо не зависи од нив. Таков е случајот и со Судскиот совет и со Советот на јавните обвинители. Гледаме во што се претворија кутриве луѓе кои не се кадарни  и не знаат како до крај да ја изведат функцијата на која се нафатиле“, истакна професорката Бужаровска.

Професорката со жалење констатира дека во Македонија дојдено е време кога, како што вели, царува незнаењето, а како репрезент на таквото незнаење, повторно го посочува Судскиот совет, за кој истакнува дека и според сите истражувања за правосудството бил оценет како еден од најголемите проблеми во судството.

„Царува незнаењето, а во незнаењето е силата“

„Сфатив дека во нашата држава во незнаењето е силата. Кога ќе прочитате нешто и ќе ги отворите хоризонтите, мислите и сфаќате дека тоа е целата мудрост и целиот ум на светот е собран таму, но, за жал, тука сфаќате дека незнаењето царува. Е, токму таков е случајот со Судскиот совет. Тој, наместо да им помогне на судиите и да биде главната алка во таа насока, тој е продолжена рака на власта“, вели Бужаровска.

Професорката укажува дека најголемиот притисок судиите го чувствуваат  токму од Судскиот совет, иако тој бил замислен како тело кое ќе се грижи и ќе ги заштитува судиите. Таа образложува дека судиите дури и имале своја изрека: „Не дај Боже да ти го споменат името во Судскиот совет“.

„Судскиот совет за да го заштити своето незнаење –  ги укина и јавните седници“

„Најголемиот притисок судиите го чувствуваат токму од Судскиот совет, имено од телото кое требаше нив да ги заштити. Тие вршат притисок, не медиумите, како што рече претседателот на Судскиот совет на една стручна расправа. Но, како да му кажат дека тие се тие кои вршат притисок, а не медиумите. Очигледно тој не разбира што е судството. Судииве велат – Не дај Боже да ти го спомнат името во судскиот совет. Tолку е со судијата. Замислете, за да се заштити Судскиот совет и за да го заштити своето незнаење, тој дури ги укина и јавните седници. Тоа е бегање од реалноста, но бегањето од реалноста е доказ дека критиката е на правиот пат“, нагласи Бужаровска.

Своите забелешки во контекст на носењето на законите и улогата на судскиот совет, професорката Бужаровска ги произнесе денеска на дебатата „Има ли излез од безизлезот“, организирана од Македонскиот центар за европско образование и ФООМ, на која се анализираа забелешките од последниот извештај на Европската комисија за напредокот на Република Македонија.

„Извештај за напредок или уназадување?“

Андреја Стојковски од Македонскиот центар за европско образование, анализирајќи ги клучните препораки во Извештајот, подвлече дека споредено со други години Извештајот содржи бројни критики и запраша дали всушност се работи за извештај за напредокот на државата или за нејзиното назадувањето, со оглед на тоа што и самиот извештај пречесто, како поим, го нотира назадувањето во многу области кои се предмет на оценка од страна на Европската комисија.

„Дали вчера воопшто добивме препорака од Европската комисија? Или пак дали е извештај за напредокот или за назадувањето? Извештајот на Европската комисија за Македонија е за нејзиното назадување, а не напредок и покажува дека Европа ја загубила довербата која потоа тешко се стекнува“, нагласи Стојковски.

„Се изразува само подготвеност на Европската комисија да ја даде препораката“

Бојан Маричиќ од МЦЕО, извештајот го оцени како многу критички и додаде дека препораката за преговори, всушност, е суспендрирана. Тој смета дека Европската комисија изразила само подготвеност да даде препорака.

„Ова е најкритичкиот извештај на ЕК во последните седум години откако Македонија ја има добиено препораката за преговори. Препораката дефинитивно суспендирана и условена, бидејќи се изразува само подготвеност на Европската комисија да ја даде препораката, но на тоа прашање кон средината на идната година, по изборите, со нов извештај“, подвлече Маричиќ.

СТРУЧНАТА ЈАВНОСТ БАРА РЕВИЗИЈА НА ЗАКОНИТЕ ЗА СУДСТВОТО: Инфлацијата на неконзистентни закони го руши правниот систем!

М.В / veljanoskim@akademik.mk

11.11.2015