/ Прочитано:

1.876

Проф. д-р Љубомир Фрчкоски: Западните земји на некој начин го потценуваат Путин, во Украина ќе има второ продолжение

Проблемот не е само Крим кој на некој начин е отпишан, туку  проблемот е ако Украина тргне во еден процес, како што тргнува, а е последица на арогантноста на отцепувањето, во зближувањето кон НАТО и Европската Унија. Тоа може да доведе, и тука мислам дека западните земји на некој начин го потценуваат Путин, до дополнителни немири во источна Украина каде има руско малцинство и тоа да биде елемент на дополнителна руска уцена во процесот на приближување на Украина кон НАТО и ЕУ. Значи процесот може да има второ, трето продолжение, смета професорот по меѓународно право Љубомир Фрчкоски во политичко-правната анализа на состојбата во Украина и актите со кои беше прогласена кримската и косовската независност.

Сецесијата и во кримскиот и во косовскиот случај не е меѓународноправен легален инструмент кој е поддржан во меѓународното право

„И во едниот и во другиот случај се повикува на принципот на самоопределување како воспоставен, револуционерен и значаен принцип во меѓународното право. Самоопределувањето може да се реализира со сецесија или со интерно самоопределување. Интерното самоопределување се реализира со облици на автономија до граници на федерализација внатре во една држава,  или облици на поделба на власта, која не се врзува за територијални поделби. Значи тоа е унитарна држава со културна автономја на групите, какви елементи има и во Македонија. Сецесијата и во двата случаи не е меѓународноправен легален инструмент кој е поддржан во меѓународното право“, смета професорот.

Тој истакнува дека денес постојат доктрини и теоретски дабати кога сецесијата може да биде дозволена а кога не, но дека не постои право на сецесија, иако се проследува со со носење на акти за независност.

„Не може да се повикате на него и во едниот и во другиот случај. Она што постои меѓутоа е т.н. теорија, има повеќе теории, односно има серии или видови на сецесии, историски, како последица на дадена фактичката состојба на човековите права. И она што постои е  нешто што се нарекува де факто полуприфатена ситуација во врска со сецесијата, а тоа се неколку услови кои се однесуваат на состојбите на човековите права на таа етничката група која бара сецесија или која оди на тој пат во однос на централниот режим. И сега тука постои склоност не да се прифати нивното право на сецесија, туку да се гледа благонаклоно на процесите кои де факто се одвиваат во конкретниот случај“, вели Фрчкоски, додавајќи дека состојбата на Косово и на Крим се разликува фундаментално.

„Значи не во актот на референдум па сецесија, на оној формален акт на кој повикува актот за независност на автономната област Крим, туку на состојбата на човековите права на граѓаните на Крим, односно руското мнозинство, Кримски Татари и Украинци. Значи во тој дел е најголемиот проблем“, ја посочува Фрчкоски состојабата на човековите права како најважна за дистинкција на двата слуаи.

Тој смета дека разликата на состојбата во Крим и на Косово била во репресијата на човековите слободи и права, но исклучиво за репресијата на фундаменталните човекови права.

Меѓународната заедница гледа со благонаклоност кон етничката група со влошени човекови права која бара сецесија

„Репресијата  треба да биде  на подолг рок и систематски кон фундаменталните права, не правото на брак како пример, туку да се во постојана репресија фундаменталните права како живот, тортура, негирање на образование и култура, тие клучни права за етничката заедница“, посочува тој.

Според него репресијата врз човековите права треба да биде поддржана со системски став и континуитет на репресија, односно да не биде инцидентна.

„Таа да не биде направена инцидетно во еден случај на немири, туку да биде систематски став, политика на режимот во тој дел. И тоа со режимот на Милошевиќ како услов генерално се задоволуваше до екстрем и тука немаше дилеми во меѓународната заедница, немаше некој да го поддржуваше ставот на Милошевиќ и српскиот режим, освен Грција можеби. Спрема тоа, тие услови беа долго време, условно кажано, ферментирани во односите Косово – Белград, а тоа прашање беше потиснато во преговорите во Хаг за време на распадот на Бивша Југославија, поради желбата на ЕУ тој распад да се одвива по мирен пат. Главен проблем беше режимот во Србија и не сакаа да го нервираат Милошевиќ уште со уште едно прашање. Меѓутоа, после тоа, во краток период од десетина години еруптира тоа прашање, најпрво во бегалска криза, па воена криза и репресија, имено и до ден денешен се откриваат масовни гробнци. Значи, таа состојба на човековите права битно ги разликува двата случаи и затоа односот на меѓународната заедница е битно различен“, вели тој, напоменувајќи дека и дополнително национални интереси кои се врзани за регионот играат улога во овој контекст.

„Во таа смисла состојбата е суштествено искрено различна и тоа ја дава разликата дали кон определна постапка за сецеција, која повторувам не е меѓународноправно призната како процедура, ќе се гледа со беневолентност и добри очи или ќе се сврти по тврда линија на негирање. Тука се разликуваат двата случаи. Во таа смисла се разликува Косово, не во друга смисла. И тоа е единствената смисла. Процедура, референдум, тоа може се да биде одржано“, додава тој.

Разликата во двата процеси професорот Фрчкоски ја гледа и во процесот до  резултирање со сецесија и самата процедура.

Западните земји на некој начин го потценуваат Путин

Во Крим одеше еднострано до крај референдум, одлука и здраво! Од друга страна, Косово одеше низ еден процес на меѓународни преговори или т.н.план наАхтисари. Значи, во самата постапката која дојде до сецесија – меѓународната заедница беше вклучена кај Косово, а кај  Крим  беше изолирана, односно не постоеше, таа беше во позиција од  големиот ментор на приказната, а тоа е Русија. Значи во Косово имаше план Ахтисари, па долготрајни преговори, па притисок, на едни па на други, значи тој план беше основата на процесот. ИДекларацијата за независност на Косово на тој план се повикува како на процедура на остварување на тој процес. И тоа е втората разлика, значи вклученоста на меѓународната заедница во процесот. Овде тоа не се случи, во Крим се работи за  арогантно до крај под уцена на интервенција на воената сила на Русија и тука немаше никакви преговори. Сега поради тоа Крим е ставен и ќе биде веројатно ставен во изолација, но она што ме плаши мене не е само проблемот на Крим кој на некој начин е веќе отпишан,  туку проблемот е ако Украина тргне во еден процес, како што тргнува, како последица на арогантноста на отцепувањето, во зближувањето со НАТО и Европската Унија и тоа може да доведе и тука мислам дека западните земји на некој начин го потценуваат Путин, до дополнителни немири во источна Украина каде што има руско малцинство и тие да бидат елемент на дополнителна руска уцена во процесот на приближување на Украина кон НАТО и ЕУ. Значи процесот може да има второ, трето продолжение. Сега е прилично затегнато, 40 илјади руски војници на граница, од друга страна вежби на НАТО силите во Југоисточна Европа, некакви ралации на НАТО со Украина со отвораат и активираат. Во таа смисла, има еден политички  тунел кој треба да се оди, ама треба да се оди внимателно“,  на мение е професорот.

Украина да ја зајакне економијата и одржливата демократија

Фрчкоски смета дека најдобро за Украина е првенствено да ја зајакне економијата и да има одржлива демократија, бидејќи тоа е суштетствено за земјата во овој момент и за самата неа и за односите со соседите.

„Имаше една анализа во „Економист за Украина  и јас горе долу се согласувам со тој поглед, дека Украина во оваа позиција во која е сега, треба  да се обиде да ја развие економијата и да развие, условно кажано, одржлива демократија и во таа смисла таа демократија, и затоа голем дел од Американците и Европјаните се обидуваат да да ја компензират и неутрализираат блокадата на Русија, да се овоможи едно функционирање на украинската демократија, која само на подолг рок може да се стабилизара и да претставува една енергија на смирување на односите и партнерска релација со своите источни соседи“, истакнува тој, додавајќи можни солуции за решение, но предупредувајќи за можност од нови тензии.

„Она што може да биде посеризно е гестови на некое некое брзо и демонстративно  приближување и внесување на Украина во НАТО, и потоа „играње“ на Путин со ова руско малцинството па да се затегнат односите таму што ќе ја направи состојбата ненормално затегната. Затоа е добро да се имаат добри процеси на  ибори, да се стабилизра системот, па потоа можеби да се разгледа можноста да се федерализира Украина и враќање на Крим како федерална едника – но тоа е една вака –  попесимистичка оценка. Но, можеби! А другата е да остане и да се стабилизира вака како што е. Гестот, јас би рекол овој случај на иредентизам, остава лоши последици, тоа е една арогантна реакција на Русија, несомнено на Путин тоа на внатрешен план му одговара, рејтингот и популарноста му се дуплирани до 85% и постои мотив тоа понатаму  да се вози и на внатрешен план“, вели Фрчкоски.

За него нема дилема даека сецесијата е спротивна на принципот на територијален суверенитет на државите и затоа правото „отпосле“ ја покрива политичката волја низ легислативни акции.

Сите операции на сецесија правото  ги „покрива“ откако ќе се случат

„Не знам дали на Русите им одговора некакво воено затегнување или резултирање со жртви во Источна Украина, не знам дали тоа е во интерес на Русија, но во секој случај сметам дека ситуацијата ваква каква што е не може да се спореди директно Косово – поради овој суштествен начин,  инаку е точно е дека двете операции на сецесија и сите операции на сецесија во светот се дефинираат откако ќе случат кога се покриваат со право. Никогаш нема процедура што упатува примарно, затоа што тоа е во спротивност со територијалниот суверенитет и интегритет на државите и обидите преку интерно самоопределување и облици на поделби на власт да се задоволат правата на етничките заедници, а да не се оди на физичка поделба на државите“, дециден е професорот, кој ги истакнува и новите случаи во Европа поврзани со барања за независност.

Ако помине референдумот во Шкотска –  ќе се подготвува за одвојување

„Сега тука има два дополнителна примери кои одат спротивно на  оваа насока – но, се неспоредливи со ароганцијата и воената закана која висеше над Крим, а тоа е примерот со Шкотска и еден дел од шпанските републики. Кај нив интересно е што, исто така, не се задоволени критериумите од аспект на кршење на човековите права, и постојат правни механизми во кои тие ги остваруваат своите права, но сепак имаат еден процес на на деволуција. Тој пак сега процес, не може ни со објаснувањето за кримската состојба да се покрие, значи нема кршење на човекови права и нема закана од воена сила односно нема нема воена закана, сосема е трета ситуацијата и се одвива во развиениот дел на светот – Европа. Единствена точка на која тие се повикуваат на таа опција за независност, надвор од федерациите во кои се вклучени е што историски постојат како држави. Значи не се нови региони или држави туку дека историски постои Шкотска како држава, постои Баскија или постои Каталонија, која сега е посебно активна и кај нив процедурата е низ референдум. Реакцијата на шпанскиот суд е дека каталонскиот референдум е неуставен. Тие го спречија, но немаше таква реакција се уште,  6 месеци е до референдумот во Шкотска во Британија и мислам дека тие ќе го дозволат – ако помине референдумот тие ќе се подготвуваат за одвојување. Значи, таму постоеле историски држави и ентитети, па сега тие во еден деволутивен процес, а во рамките на една стабилна состојба во ЕУ, се обидуваат да се вратат назад на некакви историски спомени за сопствената независност и етнички идентитет“, објаснува Фрчкоски.

Тој потенцира дека случајот со Крим според неговото мислење е иредентизам под воена закана кој е неприфатлив во меѓународното право, предвидувајќи дека на Крим во такви околности ќе му биде тешко да се етаблира.

„Ова е состојба на иредентизам и ароганција која е покриена под закана за употреба на сила во кримскиот случај и таа сенка ќе ја следи Кримската сецесија постојано. Крим ќе има проблем да се и етаблира на било кај начин, бидејќи нема преговори низ меѓународен процес, немало кршење на човекови права во однос на руското малцинство, некаде тоа било и привилегирано, а не потценето и трето, заканата од сила е неприфатлив начин за она „баш што сакам ќе направам“, заклучува Фрчкоски.


Разговараше: Милчо Велјаноски

Објавено: 07. 04. 2014