/ Прочитано:

1.616

Проф. д-р Љупчо Арнаудовски предлага: Внесете одредба во Устав или закон што е тоа независно судство и како се штити!

Среда, 8 октомври 2014 – Независноста на судството е слоевито прашање кое не треба да се анализира само од аспект на дневната политика, туку тоа значи и градење на вредносен и личен став на судиите кон судската практика и правосудство, сметаат кривичарите кои расправаа денеска во МАНУ за судската заштита на човековите права во Република Македонија.

Лоцирањето на проблемите во однос на независноста на судството бараат пометодичен пристап со што надминувањето на проблемите ќе биде предмет на посеопфатно детектирање и расправа со која ќе се подобри судскиот систем, заклучуваат кривичарите, помеѓу кои и професорот Љупчо Арнаудовски и академик Владо Камбовски. Според нив, ова е проблем кој со години постои, но и заради пасивноста по ова прашање се заканува дека и понатаму ќе постои се додека судството подлежи на политички и какви било влијанија. Според Камбовски, самата природа на човековата слобода и права на поединецот од самата таа природа произлегува како елементарно право, правото на судска заштита на поединецот пред независен и непристрасен суд во спроведлива и со закон уредена постапка со определување на сите гаранции што се утврдени со ЕК за човекови права и другите меѓународни документи за човекови права. „Прашањето за независноста има повеќе аспекти и тоа е послоевито прашање. Непристрасноста на судиите значи и лична непристрасност на судиите, не само на односите на извршната, законодавната и судската власт“, смета академик Владо Камбовски, кој во таа насока го потенцира и аспектот на Европскиот суд за човекови права. Според професорот Аранаудовски, положбата на судскиот систем кој ги обединува сите органи мора да добие одредена позиција визави другите власти. На второто ниво на независноста на судството е судијата кој мора независноста во вршењето на неговата функција да си ја обезбеди самиот. „Третиот елемент на независноста е судскиот совет. Судскиот совет кај нас е единствен орган во чие составување учествуваат трите власти“, вели Арнаудовски. Тој предложи во наредните измени на законот претседателот на врховниот суд и министерот за правда да не се членови на судскиот совет. Потенцира дека и членовите на законодавната и извршната власт што учествуваат во тој совет можат негативно да влијаат на неговата работа Професорот , исто така, предлага конкретни решенија од уставен, законодавен и номотехнички карактер. Тој вели дека за да се заштити судството од влијанија неопходно е да постои одредба со која таа независност ќе се дефинира, регулира и применува. „Да се внесе одредба во Устав или закон со која ќе се одреди што е тоа независно судство!“, децидно нагласува професорот Арнаудовски, додавајќи дека со тоа ќе се детерминира и како независноста на судството ќе се штити и заштити од влијанијата на другите власти. М.В