/ Прочитано:

1.883

ПРОФЕСОРИ ОД „ЈУСТИНИЈАН ПРВИ“ ОБРАЗЛОЖУВААТ: Нема правна основа за врзани потписи и специјален обвинител

Договорот постигнат меѓу политичките лидери може да има психолошки ефект кај јавноста, но во реалноста тешко дека ќе смени нешто во однос на разни злоупотреби, како партиски вработувања или злоупотреби со социјалната помош, вели за Академик професорката по административно право, Ана Павловска – Данева. Нејзиниот колега од Правниот факултет „Јустинијан Први“, професорот Гордан Калајџиев за прашањето за специјален обвинител истакнува дека во македонскиот правен систем и законодавство нема правна основа за такво решение. Најдобро е да има нов обвинител за организиран криминал, категоричен е професорот.

Психолошки  ефект кај јавноста – во реалноста тешко дека нешто ќе се смени

Професорката по административно право на Правниот факултет „Јустинијан Први“, Ана Павловска – Данева, во врска со правните аспекти на популарно наречениот „Договор од Пржино“, потпишан од политичките лидери, вели дека правниците во двата тима повеќе се однесувале како политичари отколку како правници.

Професорката наведува бројни аргументи кои покажуваат дека прашањето за правото на вето на замениците на министрите и прашањето за специјалниот јавен обвинител потврдуваат дека на преговорите не се водело сметка дали одредени договорени решенија се компатибилни со македонското законодавство и со правниот систем. Иако можеби позитивни од политички аспект, тие се проблематични од правен аспект, што, пак, од друга страна мора да бидат основата врз која ќе се гради тој договор.

Врзаниот потпис и правото на вето на замениците  на министрите е спротивно на македонското законодавство

Во таа насока, професорката образложува дека прашањето за „врзаниот потпис и правото на вето на замениците  на министрите“ е спротивно на македонското законодавство и не постои во Законот за организацијата, надлежностите и работата на органите на државната управа.

„Такво нешто во нашето законодавство не постои. Заменик-министерот нема изворни овластувања.  Според Законот за организацијата, надлежностите и работата на органите на државната управа, под одредени услови, министерот може да му пренесе поединечни овластувања на заменик-министерот. Инаку, постојат компаративни светски примери со врзан потпис и право на вето, меѓутоа тоа се однесува за сите министерства. Според Договорот, предвидено е тоа да бидат неколку министерства, значи, не се однесува за сите. Во таква ситуација, и доколку би имало измена на Законот за организацијата, надлежностите и работата на органите на државната управа, за кој е потребно двотретинско мнозинство,  не би можело да се говори за регулирање со ваквото решение на долг рок бидејќи се работи за конкретни министерства. Номотехнички како би се извело тоа, не сум баш сигурна.  Би можело да се изведе, но тоа би било невообичаено и проблематично во смисла на целта и конзистентноста на правниот систем. Вториот начин би бил, врз основа на претходен договор, министерот да го овласти заменик-министерот, без да има законски измени и преку ваков начин да се изведе она што е предвидено во договорот.“

Професорката вели дека Договорот психолошки може да има ефект кај јавноста, но во реалноста тешко дека ќе смени нешто во однос на разни злоупотреби, како партиски вработувања или злоупотреби со социјалната помош.

„За вработувањата не е потребен потписот на министерот, додека, пак, за помошта можат да се искористат механизмите на локалната самоуправа“, вели Данева, која го елаборира и прашањето за воведувањето на т.н. специјален обвинител.

Правниците во тимовите повеќе се однесувале како политичари отколку како правници

„Воведување специјален обвинител би било преседан во светски размери. Ако има специјален обвинител, тогаш треба да има специјален суд. Потоа, како би функционирал овој специјален обвинител, каде би бил сместел, би бил ли дел од јавното обвинителство кое работи по принцип на хиерархија и субординација? Потоа, тој треба да соработува со полицијата, не може да биде изолиран. Тој би бил генерал без војска“, потенцира професорката.

„Имам впечаток дека правниците во тимовите повеќе се однесувале како политичари отколку како правници“, истакнува Данева.

Калајџиев: Нема правен основ за воведување специјален обвинител

„Не се гледа јасно, всушност, што се договориле, но од она што може да се прочита од Договорот, нема правен основ за воведување специјален обвинител. И не е само правниот основ, туку и системското прашање во однос на функционирањето на тој обвинител, во смисла на неговата екипираност, соработката со другите органи, како и формирањето на неговиот тим“, истакнува професорот Гордан Калајџиев.

Професорот Калајџиев смета дека се работи за прашање што треба да се гледа на подолг рок и дека најдобро е да не се менуваат законските прописи, туку да се оди кон поставување нов обвинител за организиран криминал.

„Кој би бил тој што би го работел тоа само три месеци? Во Договорот се вели ‘истраги’, тоа треба да биде решено на подолг рок, а не да се остави можност предметите да завршат во фиока. Исто така, многу е важно прашањето да постои и гаранција од страна на меѓународната заедница за безбедноста на обвинителот. Најдобро решение, без да има измени на закони, е да се постави нов обвинител за организиран криминал“, смета Калајџиев.

Предвремени избори и специјален обвинител за снимените разговори

М.В / veljanoskim@akademik.mk

15. 7. 2015