/ Прочитано:

2.483

Професорот Калајџиев казнет со 50 евра поради прекршок од Законот за јавна чистота

Професорот Калајџиев вели дека ја прифатил казната од 50 евра, но не го признава делото кое му се става на товар бидејќи неговиот протест во рамки на движењето Протестирам и Шарената револуција претставува нужна одбрана на правната држава и против, како што вели, беззаконието кое владее во државата.

Гордан Калајџиев, професор

Професорот по Кривично право на Правниот факултет „Јустинијан Први“ и претседател на Хелсиншкиот комитет, Гордан Калајџиев, утрово бил повикан на разговор во полициската станица „Центар“.

Како што потврдуваат од МВР, по извршениот разговор, во 10:20 часот на Калајџиев му бил издаден мандатен платен налог за прекршок од членот 33 од Законот за јавна чистота.

Од полицијата не даваат повеќе детали поврзани со пријавата против Калајџиев, но се претпоставува дека казната е поради фрлање боја врз објекти за време на протестите.

Членот 33 гласи:

„Глоба во износ од 50 евра во денарска противвредност во мандатна постапка со издавање на мандатен платен налог ќе му се изрече на физичко лице, ако:

– постапува спротивно на одредбите од членот 14 на овој закон,

– фрла отпадоци, отпушоци, мастики и други предмети, плука или внесува домашни миленичиња без одобрение на надлежен орган во внатрешноста, односно во ходниците на јавните објекти (член 16),

– на јавни објекти испишува графити, црта или лепи плакати (член 17),

– постапува спротивно на одредбите од членот 19 на овој закон и

– постапува спротивно на одредбите од членовите 20 став 2 и 21 на овој закон.“

Професорот Калајџиев вели дека ја прифатил казната од 50 евра, но не го признава делото кое му се става на товар бидејќи неговиот протест во рамки на движењето Протестирам и Шарената револуција претставува нужна одбрана на правната држава и против, како што вели, беззаконието кое владее во државата.

„’Ова некогаш беше парк’ е паролата која ме поттикна на тој начин да го изразам револтот и кон аболицијата, но и кон уништувањето на секоја зелена површина во градот. Тоа беше единствениот пат да фрлам боја на протестите“, вели Калајџиев.