/ Прочитано:

1.336

Проговорија српските правници за пресудата на Харадинај: Обвинителството имаше тенки докази

Четврток, 29 ноември 2012 – Српските адвокати со долгогодишно искуство низ хашките судници, застапувајќи обвинети команданти и офицери од поранешна Југославија, сметаат дека ослободителната пресуда за Рамуш Харадинај не е изненадување. Наспроти политичките препукувања и силните емоции кај страните што војуваа, адвокатите се потпираат на нивната стручност земајки ги во предвид доказите на двете страни. Тврдат, постапката била заснована на тенки докази на обвинителството и контроверзии што ги прателе сведоците во текот на целата судска постапка.

Адвокатот Новак Лучиќ, бранител на поранешниот командир на ЈНА, Веселин Шљиванчанин, смета дека хашкото обвинителство имало тенки докази и обезбедило сведочење за да ги поткрепи обвинувањата.

Појаснил дека во овој случај е применето „класично англосанксонско размислување“ дека нема чисти докази и врска меѓу доказите и лицата и затоа се оди на ослободувањето на обвинетите.

Познатиот српски адвокат, Тома Фила за српските медиуми коментира дека пресудата е очекувана. Тој се запрашува дали некој помислил дека Харадинај ќе биде осуден со оглед на обвинението и фактот дека еден од сведоците се обесил, а другиот не сакал да зборува.

Адвокат Тома Фила

Фила тврди дека истите докази што се изведени во случајот на Анте Готовина, треба да се изведат и во судењето за Ратко Младиќ и Радован Караџиќ.

„Истиот принцип на ослободителната пресуда во случајот на хрватските генерали треба да се применува и во случај на Ратко Младиќ и Радован Караџиќ, но тоа веројатно нема да биде така бидејќи Хашкиот трибунал покажа дека не е праведен, вели познатиот српски адвокат Тома Фила.

Адвокатот Бранислав Тапушковиќ кој го брани лидерот на Српската радикална партија (СРС), Воислав Шешељ пред Трибуналот, смета дека во Хаг од самото основање на судот во 1993 година се бара само еден виновник за воениот конфликт од 1992-1995 година меѓу поранешните југословенски земји. Според него Трибуналот со прст ја посочува Србија како единствен виновник.

Адвокат Владимир Тапушковиќ

„Јасно е дека тој суд е стратешки измислен инструмент за прогласување на само една страна како виновник во конфликтите. Но, од друга страна нејасно е како однапред се знае пресудата“, рекол Тапушковиќ алудирајќи на подготовките во Косово за дочек на Харадинај кои траат веќе една недела.