/ Прочитано:

1.578

ПРОМЕНИ БЕЗ РЕФОРМИ ВО СУДСТВОТО: Отсуствува точна детекција на проблемите во судството

Покрај високите очекувања и поддршката во јавноста за суштински промени, сепак, се добива впечаток дека пристапот заземен во Стратегијата за реформа во правосудниот сектор за периодот 2017 – 2022 година нема значително да ги подобри состојбите во овој сектор, се истакнува во трудот „Реформа на судството во Република Македонија: Промени без реформи?“, чијшто автор е м-р Денис Прешова, соработник во ИДСЦС и асистент по Уставно право и Политички систем на Правниот Факултет „Јустинијан Први“ – Скопје, Универзитет „Св. Кирил и Методиј“.

Иако е сосема легитимно од политички аспект, се посочува понатаму во трудот, да се инсистира преку брзи реформи од помал обем веднаш да се издејствува добивање на „чиста“ препорака од ЕК за отпочнување на преговори за членство во ЕУ, од стручен и од суштински аспект тешко може да се оправда отсуството на точна детекција на проблемите во судството и недостигот на јасна визија – како да се решат тие и во која насока треба да се реформира судството во наредните пет години. Ваквата констатација најдобро може да се потврди преку деловите на овој документ кои се однесуваат на независноста на судството и Судскиот совет.

Анализирајќи ја Стратегијата се добива впечаток дека акцентот упорно се става на составот на Судскиот совет. Па така, потребата од постоење на критериуми и постапка за индивидуална одговорност на членовите на СС се истакнува четири пати, додека потребата од прецизирање на поимот „истакнат правник“ три пати. Покрај ова, се истакнуваат уште депрофесионализацијата, условите за избор на членовите на СС од редот на судиите и утврдување на учеството на претседателот на Врховниот суд без право на глас. Од ова се заклучува дека основните проблеми во однос на судската независност се лоцираат во составот, без притоа да се постави прашањето дали можеби моделот на управување со судството преку силен Судски совет, кој РМ го имплементираше преку уставните амандмани, страда од суштински недостатоци и слабости кои не можат да бидат лоцирани исклучиво во составот на Судскиот совет, туку во неговата поставеност и надлежност.

Поточно, Стратегијата не нуди одговор дали е можно и со нов состав да се јавуваат истите недостатоци во функционирањето, а со тоа и загрозување на независноста на судството. Ваквите заклучоци уште повеќе загрижуваат доколку се знае дека ниту еден член на Судскиот совет не учествувал ниту бил консултиран во изготвувањето на Стратегијата.

Поради постоење јасни индиции и сомнежи за несоодветното работење на Судскиот совет во изминатиот период, се истакнува понатаму во трудот, очекувано би било најпрвин да се преиспита дали во основа оваа институција е (не)соодветно конципирана, без оглед на тоа што е заснована на т.н. европски стандарди за судска независност. Судскиот совет треба да биде гарант на судската независност, а тој не успева да го обезбеди тоа во континуитет. Оваа институција функционира повеќе од десет години и затоа мора да се направи сериозна анализа на нејзиното работење, а не единствено фокусирање на нејзиниот состав или пак на некои споредни, иако значајни детали

При разгледувањето на реформите во судството, се нагласува во трудот, не треба да се заборави дека судството преставува само еден сегмент на уставниот и политичкиот систем и тоа ги споделува општите проблеми кои го контаминираат системот. Судство и судиите не се некаков чуден исклучок туку само уште една потврда за аномалиите на системот. Па така, успешноста на реформите во судството секако во голема мера ќе зависат од политичката култура, но и од (не)постоењето на култура за судска независност.

Сепак, за воспоставување на таква култура секако неопходна е соодветна институционална и правна рамка која ќе ги создаде предусловите. Оваа анализа, преку ставање акцент на независноста на судството, ги посочи слабостите на Стратегијата и опстојувањето на досегашниот модел за заштита на независноста на судството преку кратка анализа на три аспекти на судските реформи.

Прво, анализата на Стратегијата укажа на отсуството на јасна визија за тоа што и на кој начин треба да се реформира за да се постигнат суштински резултати. Второ, критички осврт на наводно европските стандарди за независност на судството и модел на силни судски совети кои воопшто не ја рефлектираат генералната пракса во земјите на ЕУ ниту директно произлегуваат од правото на ЕУ.

Поради ова, се вели во трудот, инсистирањето на некаква униформност во однос на институционалните стандарди од страна на ЕК мора да биде земено со резерва, имајќи го предвид локалниот контекст во кој функционира и опстојува судството. Притоа, поголеми напори треба да бидат вложени во креирање и искористување на домашниот капацитет во преговорите со претставници на ЕУ во однос на судските реформи и потребите на судството во Македонија.

Трето, посочување на негативните последици од воведување и инсистирање на силни судски совети и како тие добиваат своја манифестација во РМ, а особено прашањето на загрозувањето на индивидуалната независност на судиите.

Врз основа на оваа анализа јасно се утврдува дека потребата од потемелен пристап во реформата на судството е повеќе од неопходна со цел остварување на одржливи реформи на подолг период, а не нивно сведување на промени без реформи. Во оваа смисла, потребно е да се изнајде начин преку пошироко читање на Стратегијата да се внесат наведените забелешки со цел нивното спроведување за да се обезбеди поголема независност на судството во Македонија.

Целосниот текст на трудот може да се прочита на следниот линк.

Промовирани трудовите „Реформа на судството во Република Македонија: Промена без реформи?“ и „Уставниот суд изгубен во судските реформи“

М.В