/ Прочитано:

2.095

Промени во Законот за семејство на Ел Салвадор

Пратениците во законодавната асамблеа на Ел Салвадор минатата  недела едногласно гласале за укинување на одредбите од законот кој дозволувал возрасни полнолетни мажи да стапуваат во брак со малолетни девојчиња кои останале бремени од нив. Минималната возраст за стапување во брак во државата пред промената на законот била 18 години, па сепак со согласност на родителите на малолетната невеста, таа можела да стапи во брак и пред да наполни 18 години.

Поради овој исклучок се случувале бројни злоупотреби, особено во руралните средини каде што малолетни девојки присилно стапувале во брак со маж со кој имале сексуален однос или биле присилени на тоа, под превезот да се заштити семејната чест на фамилијата и на тој начин девојката да не мора да се грижи сама за своето дете.

Од друга страна, тој закон ги штител и силувачите кои на тој начин избегнувале кривично гонење, а според податоците на Владата на Ел Салвадор, во државата има повеќе од 22 000 малолетни девојчиња кои стапиле во брак на овој начин. Од УНИЦЕФ веќе ја поздравија оваа одлука на асамблејата за измена на законот, истакнувајќи дека оваа реформа е значаен елемент во заштитата на правата на луѓето и исто така, значаен момент кој во иднина ќе ја искорени ваквата присилна традиција во државата.

Вакви слични присилни бракови постојат и во Бангладеш каде што се дозволува склучување брак под 18-годишна возраст под одредени околности, но тоа важи од случај до случај. Во јули 2016 година, во Гамбија и Танзанија било забрането склучување брак во кој барем еден од учесниците е малолетен, а во 2015 година Конгресот на Гватемала одредил дека 18-годишната возраст е минималната возраст кога бракот може да биде склучен.

С.М.