/ Прочитано:

1.312

Промовиран и достапен Регистарот на вештаци – 900 вештаци од преку 60 области на вештачење

Петок, 25 јули 2014 – На веб страницата на Министерството за правда од денеска за сите судови во Република Македонија и за надлежните институции е достапен Регистарот на вештаци, кој содржи речиси 900 вештаци од преку 60 различни области на вештачење.

Министерот за правда Д-р Аднан Јашари на денешната прес-конференција рече дека во Регистарот се содржани и голем број лица кои биле запишани на списоците на постојани судски вештаци кои ги водеа судовите и кои имаат долгогодишно искуство во изготвување на вештачењата.

 Со измените на Законот за вештачење донесен во јануари годинава, како што истакна министерот, се овозможи овие лица да продолжат да вршат вештачења преку стекнување лиценца за вештачење.

Регистарот на вештаци ќе се води во електронска форма со што е подноставена постапката за евидентирање на сите промени и негово навремено ажурирање, осбено од аспект на лицата кои ќе се стекнат со лиценца за вештачење од соодветна област издадена од Министерството за правда.

„На почетокот на овој месец Министерството за правда донесе и Правилник за пресметување на наградата за извршеното вештачење или супер вештачење и надоместок за реално потребните трошоци, согласно кој подзаконски акт висината на наградата се утврдува според висината на паричната вредност на предметот за вештачење, сложеноста на вештачењето, како и потребното време за прибирање на податоците и изработка на вештачењето“, рече Јашари.

Претседателот на Комората на вештаци Васе Доневски истакна дека вештаци има скоро од сите области.

„Најмногу вештаци има од областа на економијата, машинството и сообраќајот, а најмала бројка е од градежништвото“, додаде тој.

>> Регистар на вештаци