/ Прочитано:

1.652

Промовирана новата алатка на УЈП за електронското поднесување пресметки за персонален данок на доход

УЈП ја промовираше новата алатка „е-персонален данок на доход“. Од 1 јануари 2018 година почнува електронското поднесување пресметки за персонален данок на доход, а од 2019 година треба да почне издавањето пополнета годишна даночна пријава од страна на УЈП, истакна на денешната промоција директорката на УЈП, Сања Лукаревска.

Проектот „Поедноставување на процедурите за пријавување и плаќање на персонален данок на доход за даночни обврзници – физички лица, којшто успешно се имплементираше во изминатата година, е финансиран од ЕУ, во вредност од 98.530 евра, и овозможи поедноставување на процедурите за пријавување и плаќање на персоналниот данок на доход за фирмите и за граѓаните.

Исто така, фокусот на проектот беше намалување на административниот товар и трошоците за пресметка и плаќање на даноците, зголемување на даночната ефикасност и следењето на наплатата на персоналниот данок на доход.
Во рамките на проектот развиени се нови даночни услуги, базирани на веб и кориснички ориентирани, „е-персонален данок на доход“ за пријавување и плаќање на персонален данок на доход од страна на граѓаните и фирмите и зајакнати се капацитетите на Управата за јавни приходи за одржување и за понатамошен развој на системот.
Со новиот софтверски систем „е-персонален данок на доход“ ќе се овозможи следење во реално време на пресметките и плаќањето на персоналниот данок на доход за физички лица, од аспект на приходите остварени врз сите основи, како и подобро планирање на јавните финансии за државните органи, што се планира да се имплементира во јануари 2018 година (по усвојувањето на измените на Законот за персонален данок на доход).

Преку системот e-pdd.ujp.gov.mk ќе се овозможи издавање на пополнета годишна даночна пријава од страна на УЈП во 2019 година за приходите кои граѓаните ги оствариле во 2018 година.

„Ги вградивме најдобрите европски практики по македонски рецепт и развивме услуги со кои можеме да се носиме рамо до рамо со модерните даночни администрации. Реформите во УЈП драстично ќе го намалат досегашното чекање пред шалтерите“ , истакна Лукаревска.

На денешниот завршен настан од едногодишниот проект кој овозможи креирање на новата електронска алатка на УЈП – „е-персонален данок на доход“, министерот за финансии, Драган Тевдовски, рече дека неопходните законски измени за овие реформи во УЈП се веќе изготвени и до крајот на годинава треба да бидат донесени.

„Реформите на јавните финансии се клучен чекор за подготовка на Македонија за членство во ЕУ. Фискалната транспарентност и зајакнатите јавни внатрешни контроли треба да бидат приоритет за националните власти“, истакна раководителот за соработка при Делегацијата на ЕУ во Скопје, Никола Бертолини.

М.В