/ Прочитано:

1.750

Протерувањето на илегални имигранти во САД ќе ја чини земјата повеќе од 400 милијарди долари

Странците во САД што немаат документи за легален престој и за работа се подготвуваат за најлошото сценарио, откако официјален Вашингтон пред неколку дена најави масовни депортации, што за нив практично ќе значи враќање во Мексико, Салвадор, Гватемала, Хондурас и други јужноамерикански држави. Проценките на економските аналитичари во САД се дека земјата најверојатно ќе потроши повеќе од 400 милијарди долари во процесот на депортација на околу 11 милиони Латиноамериканци и други илегални мигранти.

„Мигра“, мексиканскиот жаргон за американската Служба за имиграција, оваа недела внесе невиден страв меѓу милионите мигранти кои во Соединетите Американски Држави работат на „црно“. Но, не помалку стравуваат и нивните работодавци, особено во сојузната држава Калифорнија, кои во најголема мера се потпираат врз работната сила што доаѓа од соседно Мексико.

Странците во САД што немаат документи за легален престој и за работа се подготвуваат за најлошото сценарио, откако официјален Вашингтон пред неколку дена најави масовни депортации, што за нив практично ќе значи враќање во Мексико, Салвадор, Гватемала, Хондурас и други јужноамерикански држави.

Според пишувањата на „Лос Анџелес тајмс“, Латиноамериканците што немаат регулиран статус во Соединетите Американски Држави, во последниве неколку дена, избегнуваат собирање на јавни простори, а многумина од нив го одложуваат купувањето автомобили или мебел, бидејќи знаат дека ќе изгубат сѐ што поседуваат доколку „Мигра“, односно доколку Службата за имиграција на САД им спроведе контрола и ги протера од земјата.

Овој проблем станува многу посложен за мигрантите кои со години или децении живеат во САД и за нив веќе не постои друг дом освен Америка. Стравуваат дека доколку се вратат во земјата од каде што потекнуваат, ќе треба својот живот повторно да го градат од нула.

Од друга страна, голем притисок чувствува и американската индустрија, односно работодавците, бидејќи најголемиот број вработени во индустриските компании се токму мигрантите. Според нив, во САД дури и сега се чувствува недостаток на работна сила, па ја прашуваат администрацијата на Трамп, што би било доколку од земјата бидат протерани милиони мигранти. Предупредуваат дека тоа би значело вистински колапс за американската индустрија.

Во меѓувреме, американскиот министер за државна безбедност, Џон Кели, при својата посета на Мексико Сити уверуваше дека САД нема да спроведуваат масовна депортација и дека нема да бидат употребувани воени сили во реализирањето на строгите прописи за мигрантите што ги воведе актуелниот претседател Доналд Трамп.

„Сѐ што е поврзано со прашањето околу имиграцијата, Соединетите Американски Држави ќе направат сѐ тој процес да биде легален и со крајно почитување на човековите права. Сите акции ќе бидат спроведувани во блиска координација со Владата на Мексико. Нема да бидат употребувани воени сили ниту, пак, ќе се случи масовна депортација“, порача министерот Кели од Мексико Сити.

Истовремено, проценките на економските аналитичари во САД се дека земјата најверојатно ќе потроши повеќе од 400 милијарди долари во процесот на депортација на околу 11 милиони Латиноамериканци и други илегални мигранти. Почетната цена на изградба на ѕидот на границата со Мексико, како што пишува неделникот „Њузвик“, е проценета на 21 милијарди долари, а сумата ќе биде повеќекратно зголемена кога ќе се додадат трошоците за персоналот неопходен за акцијата за протерување на илегалните имигранти.

„Ваквиот агресивен план на претседателот Трамп, кој се однесува на протерување на сите оние што немаат документи и регулиран статус во САД, создаде и паника меѓу надлежните за буџет, кои имаат сериозна задача да пронајдат пари за плаќање на луѓето што ќе бидат вклучени во изградбата на ѕидот“, наведува реномираниот неделник.

Покрај тоа, се планира 15.000 луѓе да бидат вработени во имиграциската служба и граничните патроли, па во оваа насока експертите проценуваат дека акцијата на Трамп вкупно ќе ги чини САД од 400 до 600 милијарди долари.

А. Б.