/ Прочитано:

1.665

Протести во светот поради одлуката на САД да се повлечат од Договорот за климатските промени

Протести на улиците во најголемите градови во светот поради повлекувањето на претседателот на Соединетите Американски Држави, Доналд Трамп од Договорот за климатските промени, кој беше потпишан во декември во Париз во 2015 година.  Договорот од Париз е еден од најголемите предизвици на современиот свет во 21 век и оваа спогодба ја вклучува целата меѓународна заедница во борбата против климатските промени.

Светскиот ден на животната средина, 5 јуни, во голем број градови во светот е проследен со протести на улиците, а причина за тоа е повлекувањето на претседателот на Соединетите Американски Држави, Доналд Трамп од Договорот за климатските промени, кој беше потпишан во декември во Париз во 2015 година.  

Договорот од Париз е еден од најголемите предизвици на современиот свет во 21 век и оваа спогодба ја вклучува целата меѓународна заедница во борбата против климатските промени.

Овој историски договор, како што беше наречен, беше потпишан од страна на 195 земји по сериозни преговори кои траеја цели три години. Меѓу потписниците се и најголемите загадувачи, Кина, Индија и САД. Спогодбата не е потпишана од страна на Русија и Турција. Инаку, Договорот за климатските промени стапи во сила во ноември минатата година, а процедурите за ратификација ги имаат поминато речиси 150 земји.  

Според договорот, секоја земја членка се согласува со индивидуалниот план за намалување на емисијата на штетни гасови и е согласна на редовни контроли на прогресот.

За разлика од договорот потпишан во Кјото во јули 2001 година, оваа спогодба не е обврзувачка, односно не постојат санкции за неисполнување на прифатените цели, што подразбира дека САД нема да подлежат на одредени санкции по повлекување од потпишаниот договор. Но, иако не постојат казни, повлекувањето од договорот е комплициран процес кој трае неколку години.

За да се повлече од спогодбата, една држава треба да го извести Секретаријатот на Конвенцијата на Обединетите нации за климата, но тоа може да се случи откако ќе истечат три години од стапување во сила на текстот, а потоа е потребно да помине уште една година додека земјата целосно не се повлече од спогодбата.

Доколку САД сакаат побргу да се повлечат од потпишаната спогодба, тоа може да го направат ако се повлечат од Конвенцијата на ОН за климата, која ја имаат потпишано 197 држави.

Инаку, целта на Договорот од Париз е да не се дозволи зголемување на глобалната просечна температура над два степена Целзиусови во споредба со прединдустриската епоха.

Според експертите на Меѓувладината експертска група за климатски промени, за да остане затоплувањето под два степена, до 2050 година емисијата на штетни гасови треба да се намали од 40 до 70 отсто. Во договорот, поранешниот претседател на Соединетите Американски Држави, Барак Обама, потпиша дека САД до 2025 ќе ги намалат издувните гасови на 26 до 28 проценти под нивоата од 2005 и дека ќе издвојат 3 милијарди долари за помош на сиромашните земји во борбата против загадувањето.

Во меѓувреме, по одлуката на Трамп да се повлече од Договорот за климатските промени, инвеститорите стравуваат дека нагло може да се зголеми производството, поради што во изминативе денови на светскиот пазар падна цената на нафтата.

„Ова може да го охрабри неконтролираното дупчење низ САД и може да доведе до отфрлање на другите обврски, потпишани од страна на САД. Таквиот развој ќе ја продолжи зголемената понуда од САД и ќе ги комплицира проекциите на Организацијата на земјите извознички на нафта (ОПЕК), така што тоа како сценарио не би било поволно за цените на нафтата”, изјави Џефри Халеј, претседател на American National Bankshares.

Во Лондон, цената на суровата нафта падна за 4,2 проценти и се задржа на ниво од 49,95 долари, додека на американската сурова нафта се намали за 4,3 отсто и беше на 47,66 долари.

А. Б.