/ Прочитано:

2.228

ПРВА МЕЃУНАРОДНА СУДСКА КОНФЕРЕНЦИЈА „НЕЗАВИСНО СУДСТВО“ – интервју со д-р Лазар Нанев, судија и професор

Во соработка со Институтот за централно- и источноевропски иницијативи од Прага (CEELI Institute Prague) и со поддршка на Амбасадата на САД во Република Македонија, Врховниот суд на Република Македонија и Здружението на судии на Република Македонија ја организираат Првата меѓународна судска конференција на тема „Независно судство“, која ќе се одржи во Охрид, од 28 до 29 октомври 2016 година. Независноста, непристрасноста и интегритетот на судството се клучните теми на конференцијата. Учесниците ќе говорат за предизвиците за независноста на судството во земјите учеснички, за клучната улога за економската независност на судството и за условите кои се потребни за ефикасна работа на судиите, како и за прашањата како да се зајакне независноста на судството од политичко влијание, вели д-р Лазар Нанев, судија и универзитетски професор, во интервјуто за Академик.

akademik foto 1

Судија Нанев, оваа недела во Охрид ќе се одржи Првата меѓународна судска конференција „Независно судство“. Која е целта на оваа конференција?

Целта на конференцијата е да бидат анализирани извештаите на Поглавјето 23 и Извештајот на Прибе, како и да бидат споделени најдобрите практики и искуства од страна на учесниците во поглед на законодавната, финансиската и функционалната независност, детектирањето на клучните жаришта во обезбедувањето на квалитетот на правдата со цел да се понудат соодветни предлози и решенија преку предлози за измени и дополнувања на законите, за евaлуирање и за рестартирање  на судскиот систем во Република Македонија.  Исто така, една од целите на конференцијата е судиите да разменат податоци и да стекнат знаења за потребите на интегритетот на судиите и за обезбедување на суштинска транспарентност. На судството му е потребна нова моторна сила која ќе ги придвижи интелектуалните вредности и која ќе ја промени конзервативната матрица во охрабрувачка и мотивирачка сила, со јасна мисија дека да се биде судија не е само привилегија, туку напротив одговорност кон општеството, кон генерациите и иднината. Конференцијата има цел да воспостави нова димензија и свртување кон потребите на граѓаните и гаранциите за остварување на владеење на правото. На конференцијата ќе присуствуваат претседателот на Врховниот суд на Република Македонија и судии на Врховниот суд на Република Македонија, претседатели и судии на апелационите и основните судови, претседателот на Здружението на судии на Република Македонија и судии членови на Здружението, претседатели и судии на врховни судови, здруженија на судии, судии од судската мрежа на Институтот за централно- и источноевропски иницијативи од Прага, како и претставници на Институтот и претставници на Амбасадата на САД во Република Македонија.

Што значи одржувањето на овој настан за македонското судство и какво е воопшто неговото значење за македонското правосудство, за правната мисла и едукација?

Имајќи го предвид фактот дека  Институтот за централно- и источноевропски иницијативи од Прага долги години работи на подобрување на состојбите со судството во земјите од Средна и Југоисточна Европа со давање помош и логистика, а од пред некоја година судската мрежа е вклучена исто така и во креирање на нови политики кои ќе ја подобрат состојбата, одржувањето на овој настан за македонското судство преставува еден нов почеток, предизвик за  потреба од суштински промени во формата и содржината на  практикувањето на судската власт, со понуда на решенија од самите судии. Сериозноста на проблемот со независноста на судството, сериозните индиции кои постојат кај јавноста за влијанието врз судството и врз судиите на сите нивоа, несомнено укажува на потребата за мобилизација и за едуцирање на судиите за потребата за сериозен пристап во промената на состојбите кои би ја вратиле изгубената доверба и владеење на правото. Оваа е единствена можност судиите да ги покажат своите знаења и вештини во креирањето на практиките за независно судство,  да фатат чекор со европското судство и истовремено суштински да ги имплементираат европските практики. Научната мисла ќе добие практични искуства кои ќе бидат појдовна основа за новите процеси на едукација кај нас.

Кои теми ќе бидат опфатени на Конференцијата?

Независноста, непристрасноста и интегритетот на судството се клучните теми на конференцијата. Учесниците ќе говорат за предизвиците за независноста на судството во земјите учеснички, за клучната улога за економската независност на судството и за условите потребни за ефикасна работа на судиите, како и за прашањата како да се зајакне независноста на судството од политичко влијание.

Потоа, учесниците ќе продолжат да разговараат за поддршката на позитивната перцепција за судството и за почитување на неговата независност и за балансирање помеѓу судската независност и одговорност на судиите, за претпоставки за судски интегритет.

Судиска одговорност и етика е исто така една од темите на конференцијата, како и прашањето за наоѓање на вистинска рамнотежа меѓу независноста и одговорноста, за континуирана едукација и за судиска етика, а посебно ќе се разговара и за спречување на корупцијата во судството, со посебен осврт на препораките на ГРЕКО.

Учесниците на конференцијата ќе разменат искуства за предизвиците во имплементацијата на Кодексот на етика и конфликт на интереси, а ќе говорат и за прашањата кои се поврзани со евалуацијата на судиите  и критериумите за објективност и транспарентност при изборот и оценувањето на судиите.

Една од темите на конференцијата е и односот помеѓу медиумите и судството, со посебен осврт на  транспарентноста на судството кон медиумите со соодветно почитување на принципите на независно судство, правата на поединецот и заштитата на јавниот интерес (постои ли можност да се воспостави редовен систем на комуникација помеѓу судовите и медиумите преку подготовка на извештаи и соопштенија за јавноста, прес-конференции, интервјуа, присуство на медиуми во судниците, активни односи со јавноста во судовите, да се подготвуваат неделни и месечни билтени за активностите на судот и важни судски процеси), како и прашањето за важноста на комуникација со медиумите и јавноста, комуникацијата како основа за градење доверба и модели за комуникација.

На крајот на конференцијата ќе биде направена презентација на Прирачникот за независност, непристрасност и интегритет на правдата, подготвен од членовите на судската мрежа на Институтот од Прага.

На Конференцијата ќе се говори и за предизвиците за независно судство. Според вас, како судија и универзитетски професор, кои се предизвиците за независното судство?

 Владеењето на правото и суштинската  индивидуална и институционална независност се  клучните предизвици за независно судство. Денес повеќе од кога било во Република Македонија е особено важно да се оспособи  судството да постапува независно и непристрасно, без селективен пристап, да се промени  атмосферата што владее кај јавноста дека постои притисок и недоверба и дека унапредувањето на судии е резервирано само за одредени судии, дека мора со сите случаи да се постапува на ист начин, ефикасно и независно, едноставно, применувајќи го правото, како суштински така и процедурално, на јасен и правилен начин, да се создаде транспарентен модел со објективни критериуми за избор на судии со оглед на дефектот во системот на управување со учинок за судиите, кој е слаб и на кого му недостасува кредибилност. Да се изгради судство за потребите на граѓаните. Довербата во судството мора да се врати, тој пат е тежок, а тоа мора да го направат самите судии.

M.B / veljanoskim@akademik.mk