/ Прочитано:

7.890

ПРВА ОБУКА ОД ПРВИОТ ЦИКЛУС ОБУКИ „ПИШУВАЊЕ НА ПРАВНИ ПОДНЕСОЦИ“: Студентите по право се едуцираа за формата, содржината и начинот на подготовка на тужба

Започна серијата обуки во организација на Академик, посветени на практичната едукација на студентите по право и младите правници,а кои, почнувајќи од денес, ќе се одржуваат во најсовремениот едукативен и тренинг центар на Академик.

На денешната прва обука од првиот циклус обуки насловен „Пишување на правни поднесоци“ се говореше за формата, содржината и начинот на подготовка на тужба. Предавач на денешната обука беше судијата Антоанета Димовска  од Основниот суд Скопје 2.

„Како идни правни практичари секогаш треба да имате на ум дека добро подготвената тужба е исклучително важна за една постапка. Добро подготвената тужба значи дека 70 проценти од работата е завршена. Од тие причини мора да бидете добро подготвени во тој поглед“, им порача судијката Димовска на присутните студенти по право и млади правници кои со огромен интерес ја проследија денешната обука.

Посочувајќи на член 98 од Законот за парничната постапка, судијката Димовска истакна дека тужбата, одговорот на тужбата, правните лекови и другите изјави, предлози и соопштенија што се даваат надвор од расправата се поднесуваат писмено, или по електронски пат до приемното одделение на надлежниот суд.

Поднесоците задолжително треба да содржат адвокатски печат, освен оние што се составени од страна на полномошници определени во Законот за парничната постапка.

Поднесоците, нагласи судијката Димовска, морада бидат разбирливи и мора да го содржат сето она што е потребно за да може да се постапи по нив.

Поднесоците особено треба да содржат означување на судот, име и презиме поткрепени со доказ за лична идентификација, живеалиште, односно престојувалиште на странките, односно фирмата и седиштето на правното лице запишани во Централниот регистар на Република Македонија или друг регистар поткрепени со доказ од соодветниот регистар, нивните законски застапници и полномошници, ако ги имаат.

Исто така, поднесоците особено треба да содржат и означување на предметот на спорот, вредноста на спорот, содржина на изјавата и потпис на подносителот, односно електронски потпис, е-мејладреса и контакт телефон.предмет на спорот, вредноста на спорот, содржина на изјавата и потпис на подносителот, односно електронски потпис, е-мејл адреса и контакт телефон.

Странката во поднесокот, образложи судијката Димовска, е должна да го наведе својот единствен матичен број на граѓанинот, односно единствен матичен број на субјектот на уписот (ЕМБС) за правните лица.

Ако изјавата содржи некое барање, странката треба во поднесокот да ги наведе фактите врз кои се заснова барањето, како и докази кога тоа е потребно.

Изјавата што се дава со поднесокот може, наместо со поднесок, да се даде усно на записник, односно тонски запис кај парничниот суд.

Поднесокот од адвокат задолжително содржи печат, односно електронски потпис од адвокатот и адвокатска маркичка предвидена со посебен закон. Во спротивно, поднесокот се смета за неуреден и судот ќе го отфрли.

Судијката Димовска нагласи дека подготвувањето на тужбата не претставува само формализам туку и суштина.

Најважни се, истакна судијката, историјат на тужбата преку кој се разјаснува што е суштината на спорот и доказите што имаат клучна улога во понатамошната постапка.

Исто така, додаде судијката Димовска, од голема важност не е само предметот на спорот, туку и видотна спорот. Од видот на спорот зависат:составот на судот, ревизијата, и судската такса.

Тужбата треба да содржи определено барање во поглед на главната работа и на споредните барања, факти врз кои тужителот го заснова барањето, докази со кои се утврдуваат овие факти, како и други податоци што мора да ги има секој поднесок.

Кога составот на судот или правото на изјавување ревизија зависи од вредноста на предметот на спорот, а предмет на тужбеното барање не е паричен износ, тужителот е должен во тужбата да ја назначи вредноста на предметот на спорот.

Покрај законските и практичните објаснувања за формата, содржината и начинот на подготовка на тужба, на денешната обука се реализираа и практични вежби за подготовка на тужба, за што беа презентирани и хипотетички спорни случаи.

Поделени во три групи, студентите по право, согледувајќи ги хипотетичките случаи, подготвија тужби, кои судијката Димовска ги оцени како одлично конципирани од формално-правен и од суштински аспект.

„На овие едукативни настани од практичен аспект доследно може да биде елаборирана подготовката на правните акти и нивното значење во една постапка и да се презентираат разни искуства од судската практика, со што на јасен начин ќе се дава осврт на практичната примена на законодавството, но и на теоријата“, вели судијката Антоанета Димовска.

Во правното образование, практиката има голема улога. Затоа и е потребна практична едукација која ќе им даде основа на студентите. Не е само да се има просек десет, а студентот кога ќе заврши студии да не знае да напише тужба, коментираат студентите што учествуваа на денешниот едукативен настан.

„Обуката беше одлична, предавањето на судијката Димовска беше одлично, навистина се говореше за најпрактичните, но и за најсуштинските аспекти на формата, содржината и начинот на подготовка на тужба“ – Џемиле Мехмеди Сејдини.

„Супер беше реализирана обуката и многу е корисна за нас како студенти. Навистина ни недостасува ваков тип образование, практична едукација што ќе го надгради нашето теоретско знаење“ – Стефан Павловиќ.

„Баш беше одлична обуката, ја оценувам многу позитивно. Ваквиот тип обуки нас како студенти многу нѐ мотивираат бидејќи значат голем придонес за нашето образование како идни правници и правни практичари“ – Иван Дургутов.

„Одлична и супер обука. Потребно е вакво образование. Факултетското образование е многу сувопарно и од големо значење е да се има вакво практично образование, особено во поглед на подготовката на правните акти“ – Емир Демировиќ.

„Прекрасна обука, многу корисна. Ми се допаднаа предавањето и концепцијата. Исто така, изборот на темата е одличен, тоа е токму она што им е потребно на студентите по правни студии“ – Ангел Пулев.

„Многу ми се допадна обуката, многу работи ни се разјаснија, судијката ни даде многу корисни насоки како да се подготви тужба. Покрај тоа, имавме и практична работа да подготвиме тужба што исто така е за поздрав“ – Кирил Иваноски.

„Обуката беше одлична! Тоа што ние како студенти по право треба да го учиме на студиите го учиме овде. Многу е корисна оваа практична едукација за нас. И ви благодариме на шансата за тоа“ – Ивана Крстевска

(Деталите за практичните обуки за студенти можете да ги погледнете и на следниов линк.)

СТУДЕНТИТЕ ПО ПРАВО ЌЕ СЕ ОБУЧУВААТ ПРАКТИЧНО: Надградување на академското знаење и подобрување на практичните вештини

Академик започнува нов циклус обуки посветени на практичната едукација на студентите по право