/Прочитано:

760

Прва од третиот циклус студентски обуки – практични вежби од кривичното право

Во најсовремениот едукативен и тренинг центар на Академик вчера се одржа првата од третиот циклус студентски обуки посветени на прашања од кривичното право.

На практичната обука од областа на кривичното право  пред големиот број учесници се говореше за казненото право како поим, заштитната функција на казненото право, текот на постапката, посебните истражни мерки и процесните марки и дејствија за обезбедување на лица и докази.

Предавач на обуката беше судијата Огнен Ставрев од Основниот суд Скопје 1 – Скопје, кој има долгогодишно искуство во кривичната област, работејќи на значајни и тешки случаи од организираниот криминал.

Судијата Ставрев на почетокот од своето предавање истакна дека казненото право како гранка на позитивното право се дефинира како систем од законски норми со кои одредени човечки поведенија се прогласуваат за казнени дела.

За тие дела, образложи судијата Ставрев, секоја држава пропишува казни и други присилни санкции, но и ги одредува условите за примената на казните и казнено-правните санкции.

Во таа насока, судијата подвлече дека функцијата на казненото право е заштитата на поединецот и општеството од нападите на важни индивидуални слободи и права, додека, пак, целта на ЗКП е да се утврдат правилата за правично водење на кривичната постапка.

Во ЗКП се регулирани и прашањата за предистражната постапка, истражната постапка, посебните истражни мерки и процесните дејствија за обезбедување на лица и докази.

Целта на практичните обуки за студентите по право е да се надгради академското знаење на студентите и да се подобрат нивните практични вештини, како услов за нивно подобро профилирање во правничката професија.

Студентите и младите правници што присуствуваа на обуката велат дека се презадоволни од начинот на предавањето, особено што судијата Огнен Ставрев, како што појаснуваат, детално образложуваше конкретни примери од својата работна практика.

„На обуката што ја организираше Академик имавме можност да слушнеме за реални или конкретни судски процеси кои се водат во судот, со што нашето теоретско знаење кое го стекнуваме на Правниот факултет го надополнуваме со практични знаења на обуката. Воодушевени сме од начинот на предавањето кое постојано е интерактивно, бидејќи прашањата што ги поставуваме веднаш ни се одговорени. Овој начин на едукација, односно на надополнување на теоретските знаења е многу корисен во нашето понатамошно градење како правници, адвокати, судии…“, истакнуваат студентите и младите правници.

(Деталите за практичните обуки за студенти можете да ги погледнете и на следниов линк)