Првата пресуда за закани на Фејсбук, падна во судот во Велес

Aрхива

Понеделник, 13 август 2012 –  Падна првата пресуда во Македонија за навреда на Фејсбук. Минимална казна од 100 евра, но со силна порака до илјадници корисници на оваа социјална мрежа дека не смееат да објавуваат навредливи и заканувачки пораки. Од судот во Велес велат дека направиле пионерски чекор за македонската судска пракса, одлучувајќи по 2 предмети кои се поврзани со закани и навреди на Фејсбук, пренесува Дневник.

Основен суд Велес

Младата судијка од Велес Тања Милева (1980), која работи со прекршочна и кривична материја ја донесе првата пресуда во историјата на македонското судство поврзана со социјалните мрежи. Во предметот се работи за навреда на автор на новинарски текст кој е напишан за животот и делото на Кочо Рацин. Осудениот на 13 јуни 2010 година како член на Организациониот одбор на „Рациновите средби“, незадоволен од текст на новинар, со навредливи зборови се нафрлил врз авторот. Навредливите коментари ги прочитале голем број пријатели на новинарот, токму тие биле клучни сведоци во судскиот процес. Иако судењето траело цели 2 години и се одржале 19 рочишта, сепак судскиот епилог завршил со изречена парична казна од 100 евра.

Во судскиот процес се вклучиле и администраторите на Фејсбук со цел полицијата да собере докази дека навредливите коментари биле пишувани од компјутерот на осудениот. Иако во текот на постапката тој тврдел дека станува збор за лажен Фејбук профил, сепак вештачењето го покажало спротивното.

Во другиот случај станува збор за закани врз членови на граѓанското здружение „Зелена коалиција“, кое се бори против рестартирањето на Топилницата на постојната локација во Велес. Обвинетиот чии родители работеле во топилницата, стравувајќи за егзистенцијата на своето семејство во пораки на Фејсбук профил на двајца членови им пишувал смртни закани. Вештачењето покажало дека обвинетиот ги пишувал заканите до тужителите. Тој сега на двајцата треба да им плати по 25.000 денари оштета за сторено кривично дело, загрозување на сигурноста.