/ Прочитано:

703

Првите луѓе на судството во СЕП: Со квалитетни акциски планови и повеќе пари за проекти до квалитетна правда

Четврток, 16 октомври 2014 – Заменик претседателот на Владата на Република Македонија задолжен за европски прашања, Фатмир Бесими, денес оствари работна средба со Министерот за правда, Аднан Јашари, Претседателот на Врховниот суд, Лидија Неделкова, Претседателот на Судскиот совет, Александра Зафироска и Директорот на Академијата за судии и јавни обвинители, Анета Арнаудoвска.

На почетокот на состанокот од страна на Вицепремиерот беше истакнато дека „Важна е заедничка заложба во адресирање на сите препораки од Извештајот во однос на судството, со цел зајакнување на независноста на судството како и подобрување на квалитетот и транспарентноста на судските процеси.

„Со тоа ќе се придонесе во зголемување на довербата во судскиот систем во Република Македонија … со денешната дискусија ниту започнува ниту ќе заврши реформскиот процес во судството, но значајна е во поглед на зајакнување на заедничката координација за преземање на конкретни активности кои ќе придонесат кон процесот “,  истакна Бесими.

За време на дискусијата фокусот беше ставен на наодите од Извештајот за напредокот на Република Македонија за 2014 година, во делот на судскиот систем особено од аспект на подобрување на независноста, професионалноста и транспарентноста на судството како и квалитетот и пристапот до правдата.

„Во наредниот период ќе се предложат соодветни мерки на секторските координации што ќе следат. Сите релеватни институции ќе бидат вклучени во овој процес и Македонија работи на секој збор што стои во Извештајот, да покаже дека е сериозен партнер за полноправно членство во ЕУ“, рече  Бесими.

Се дискутираше и за тековната експертска мисија ТАЕКС, која се реализира во соработка со Европската комисија, посветена на понатамошно унапредување на законската и институционалната рамка со која се уредува назначувањето, разрешувањето, постапката за дисциплинска одговорност на судиите и образложението на судските пресуди.

Покрај другото, беше потенцирано дека во насока на подобрување на судскиот систем во рамки на ИПА 1, во период од 2007 до 2013 година, подготвени се вкупно 15 проекти, во износ од околу 17 милиони евра.

Крајни корисници на овие средства освен Министерството за правда се и Управниот суд, Академијата за судии и јавни обвинители, Судскиот совет на Република Македонија, Советот на Јавните обвинители на РМ, Управата за извршување на санкции, Државната комисија за спречување на корупцијата, Јавните обвинителства и сите други правосудни институции.