/ Прочитано:

1.017

Психијатриски преглед, па службено оружје

Четврток, 29 јануари 2015 – Службените лица што поседуваат оружје освен на редовните систематски прегледи ќе бидат подложени и на дополнителни психолошки и психијатриски прегледи. Доколку за одредено лице е констатирано или доколку има започнато постапка за кривично дело или прекршок со елементи на насилство, привремено ќе му биде одземено оружјето со кое располага во рамките на службата и времено ќе се распореди на работно место за кое не е предвидено ракување со оружје.

Ова се дел од пакетот законски измени што ги усвоила Владата на последната седница, за унапредување на системот за превенција од семејно насилство во делот на постапување со службено оружје од страна на службени лица.  Измени се предложени во Законот за внатрешни работи, за служба во Армијата на Република Македонија, за судска, затворска, шумска, финансиска полиција, и во законите за безбедност и здравје при работата и други закони.

Како што информираше владиниот портпарол, Александар Ѓорѓиев, на денешната прес-конференција, со законските решенија се воедначува постапувањето на сите институции во кои има службени лица кои, во рамките на своето постапување во вршење на делокругот на своите работни задачи, имаат допир, односно ракуваат со службено оружје. На овој начин,  како што рече, се создава можност и механизам за рано дејствување и за рана детекција на вакви случаи, а воедно се создава систем со кој ќе се превенираат случаите на семејно насилство.

„МВР, односно полицијата, како и центрите за социјална работа ќе бидат должни во рок не подолг од 24 часа од моментот на констатирање или започнување официјална постапка, во која едно службено лице е осомничено дека сторило кривично дело или прекршок со елементи на насилство, да ги известат надлежните во институциите во кои работи тоа лице. Надлежните во институциите, пак, се должни да побараат раздолжување на муниција и оружје од страна на службените лица што ракуваат со тоа оружје, како привремена мерка сè до натамошните процесни дејства“, појасни Ѓорѓиев.

Додаде дека по одземањето на оружјето и муницијата, лицето, кое е осомничено дека сторило кривично дело или, пак, прекршок со елементи на насилство, треба да биде упатено на вонреден психијатриски и психолошки преглед каде што стручни лица, лекари треба да дадат свое мислење дали лицето во натамошниот период може да има пристап до оружје и да ракува со него.

„Како последен чекор во оваа мини процедура, старешината на лицето што е осомничено за вакво дело е должен привремено да го прераспредели на работно место за вршење задачи каде што нема допир со оружје или потреба за ракување со оружје“, истакна владиниот портпарол.

Информира дека дополнително е внесена и процесна претпоставка во Законот за здравје и безбедност при работа, која се однесува на лицата што ракуваат со службено оружје, кои, покрај редовниот систематски физички преглед, ќе треба да одат и на психолошки и психијатриски прегледи на кои стручните лица ќе треба да им дадат оцена и мислење дали може да ракуваат со оружје.

„На овој начин, покрај тоа што се воспоставува координиран систем каде што сите институции имаат процедури што треба да ги почитуваат и да постапуваат по нив, се овозможуваат значајни услови, можности и права за институциите да можат рано да реагираат, да дејствуваат, да преземат привремени мерки, со што ќе го сведат на минимум можното постоење на кривично или прекршочно дело кое во иднина би можело да биде сторено од лицето кое во тој момент е осомничено за прекршок со елементи на насилство или за кривично дело со елементи на насилство“, рече портпаролот на Владата.

Законските измени се пратени во собраниска процедура.