/ Прочитано:

1.028

„ПУЧ“: Неизвесен старт на судењето

Среда, 5 август 2015 – За денеска во Основниот суд Скопје 1 е закажан стартот на судењето за случајот „Пуч“, во кој обвинети се поранешниот разузнавач, Зоран Верушевски, неговата сопруга Соња, општинскиот службеник од Струмица, Бранко Палифров, лидерот на СДСМ, Зоран Заев и Ѓорги Лазаревски, вработен во МВР. Сепак, неизвесно е дали ќе стартува процесот.

Заев, уште кога беше позитивно оценет обвинителниот акт, изјави дека не го признава судот и дека нема да присуствува на закажаните судски рочишта, ниту, пак, ќе ја почитува мерката, која му беше определена, да се јавува во Судот секој понеделник во 9.00 часот.

Основниот суд Скопје 1, пак, пред речиси еден месец информираше дека го примил известувањето на Основниот суд Струмица дека Заев не ја почитува мерката на претпазливост, дека известувањето е доставено до надлежниот судија на претходна постапка, кој ја издал мерката за претпазливост, но дека судијата користи денови на редовен, планиран годишен одмор поради што ќе постапува по известувањето по враќањето од годишен одмор.

Дополнително, нејасна е ситуацијата по потпишувањето на Договорот од Пржино, со кој се предвидува назначување на специјален обвинител кој ќе треба да ја расчисти целата афера со прислушувањето.

Во меѓувреме, Верушевски беше осуден на тригодишна казна затвор за службениот пиштол од МВР што го пронајде полицијата во неговиот дом. Заев, пак, го очекува почетокот и на вториот судски процес против него под обвинение за поткуп од 200 илјади евра од струмички бизнисмен.

Инаку, пред неколку дена со одлука на Кривичниот совет, Верушевска и Палифров беа пуштени да се бранат од слобода, со гаранција во одреден износ што се состои во хипотека на недвижен имот и мерка за претпазливост, односно одземање на патните исправи за преминување на државната граница.

Обвинетите во случајот „Пуч“ се товарат за шпионажа и насилство спрема претставници на највисоките државни органи.