/ Прочитано:

1.804

„ПУЧ“: Заев не се појави во судница – судењето одложено за септември

Среда, 5 август 2015 – Стартот на судскиот процес за случајот „Пуч“, во кој четвртообвинет е лидерот на опозицијата, Зоран Заев, се одложи за 7 септември, поради тоа што, иако бил уредно поканет, тој не се појави денеска во судница.

Судијката Љубинка Башевска исто така прочита известување од Основниот суд Струмица, според кое Заев не се јавил во судот на 11, на 20 и на 27 јули, и покрај обврската да го стори тоа. По нејавувањето, како што беше посочено, судот се обидел да контактира со него и му испратил нова покана за 4 август, на која исто така не било одговорено. Адвокатот на Зоран Заев, Филип Медарски, пак, истакна дека Заев бил вчера во судот во Струмица, но само за да каже дека нема да ја почитува обврската што му е издадена со мерката на претпазливост.

Башевска, откако констатираше дека е Заев неоправдано отсутен,  следното рочиште сакаше да го закаже за крајот на август, по што одбраната побара судењето да биде одложено на подолг рок.

„Знаете дека е постигнат политички договор и оти случајот ќе го води специјален обвинител“, рече адвокатот Медарски.

На ова судијката реплицираше дека судот работи со факти, а не со политички договори, како и тоа дека мора да се има предвид дека во предметот има обвинети кои се во притвор и дека треба да води сметка за нив.

„Не работам со политички договори, работам само според закон и имам двајца луѓе во притвор“, рече Башевска.

Сепак, со согласност на двајцата притворени, поранешниот разузнавач, Зоран Верушевски, и Ѓорги Лазаревски, вработен во МВР, и поради годишните одмори, судењето  се одложи за септември.

Судијката Башевска нагласи дека доколку Заев не се појави и на следното судско рочиште таа ќе наложи негово стражарно спроведување. 

Пред  Судот, пак, група поддржувачи на Заев, со транспарент со фотографија на Заев, се собраа да му дадат поддршка на лидерот на СДСМ.

Заев, уште кога беше позитивно оценет обвинителниот акт, изјави дека не го признава судот и дека нема да присуствува на закажаните судски рочишта, ниту, пак, ќе ја почитува мерката, која му беше определена, да се јавува во Судот секој понеделник во 9.00 часот.

Во судскиот процес „Пуч“ обвинети се и сопругата на Верушевски,  Соња Верушевска, како и Бранко Палифров, функционер од Општина Струмица. Тие неодамна со одлука на Кривичниот совет беа пуштени да се бранат од слобода, со гаранција во одреден износ што се состои во хипотека на недвижен имот и мерка за претпазливост, односно одземање на патните исправи за преминување на државната граница.

Инаку, ексразузнавачот Верушевски минатиот месец беше осуден на тригодишна казна затвор за службениот пиштол од МВР што го пронајде полицијата во неговиот дом. Заев, пак, го очекува почетокот и на вториот судски процес против него под обвинение за поткуп од 200 илјади евра од струмички бизнисмен.

Во  „Пуч“ тие се товарат за шпионажа и за насилство спрема претставници на највисоките државни органи.

Е. П. / pavlovskae@akademik.com.mk

фото: Наке Батев