/ Прочитано:

1.152

РАБОТОДАВАЧИ ОД ПРИВАТЕН СЕКТОР: Постапка за издавање потврда од УЈП заради користење на ослободување од придонеси и персонален данок

Вторник, 8 април 2015 – Со последните измени на Законот за вработување и осигурување во случај на невработеност, денеска oбјавени на akademika.com.mk, предвидена е можност работодавачи од приватниот сектор да користат ослободување од плаќање придонеси од задолжително социјално осигурување и/или персонален данок на доход за одредени категории на лица, со исполнување на одредени услови пропишани со Законот.

Работодавачите, кои сакаат да го остварат ова право, до Агенцијата за вработување на РМ, помеѓу другото, треба да достават и Потврда издадена од УЈП како доказ дека немаат неисплатени плати, придонеси од задолжително социјално осигурување и даноци повеќе од два последователни месеци. 

За издавање на Потврдата, работодавачот треба да достави Барање за издавање потврда за состојба на неплатени даноци и придонеси (образец УЈП-УН-3.2-25) кое може да се преземе преку веб-страницата на УЈП (види http://www.ujp.gov.mk/mk/obrasci/opis/111).

Пополнетото барање УЈП-УН-3.2-25 во хартиена форма се поднесува до надлежната даночна канцеларија на УЈП, според местото на седиштето на барателот – работодавач од приватниот сектор.

Барањето УЈП-УН-3.2-25 може да се поднесе и по електронски пат преку системот е-даноци http://etax.ujp.gov.mk, доколку барателот е регистриран корисник.

Напомена: При пополнување на барањето УЈП-УН-3.2-25, во полето „описот на барањето“ задолжително треба да се внесе основот кој треба да гласи: „За ослободување од плаќање придонеси за задолжително социјално осигурување и/или персонален данок на доход во согласност со членот 98-г од Законот за вработување и осигурување во случај на невработеност.“

Барањето УЈП-УН-3.2-25 се таксира со административни такси во вкупен износ од 50 денари. 

Административната такса може да се плати на уплатница налог „ПП 50“ или преку мобилен телефон со праќање на СМС порака (систем eNAPSYS) на бројот 144 166 со текст „TM Ime Prezime Iznos“. По праќањето на пораката повратно се добива трансакциски код кој се состои од 10 бројки.

Со цел барањето УЈП-УН-3.2-25 да не содржи формални недостатоци, потребно е да биде уредно пополнето. Задолжително треба да бидат пополнети податоците за идентификација и да биде приложена уплатница за извршена уплата на административна такса или да биде наведен трансакцискиот код за плаќање со СМС порака и барањето да биде потпишано.

По уредно пополнетото барање, УЈП на обврзникот ќе му издаде потврда за состојба на неплатени даноци и придонеси.