/ Прочитано:

2.661

Работодавачите ќе мора да изготват изјава за безбедноста на секое работно место и да бараат синдикално мислење

Подготвени се нови предлог измени и дополнувања на Законот за безбедност и здравје при работа, кои се поддржани на Економско-социјалниот совет, велат од Министерството за труд и социјална политика. Поголема безбедност и заштита при работа е целта за креирање на новите законски измени, особено што според показателите бројот на загинати работници на работно место е во пораст, а поконкретно според последните податоци лани имало дури 16 смртни случаи на работното место, во 2012 година се случиле 13, а во 2004 година пет работници го загубиле животот.

Да се зајакне културата на превенција

Синдикатите и стручната јавност коментираат дека секоја инвестиција во мерки за безбедност и здравје при работа треба да се сфати како елементарна заштита на здравјето и животите на работниците, со што ќе се зацврсти свеста дека придобивките од тоа имаат хуман, социо-легислативен и економски бенефит бидејќи се несомнена корисна инвестиција на работодавачот, најмногу како нова филозофија на работа со која ќе се зајакне културата на превенција.

„Практично, самиот концепт на заштита при работа подразбира вмреженост на сите компоненти, но сепак најефективниот носител и именител за успешно остварување на концептот е прифаќањето од страна на работодавачите дека за успешно работење на една компанија најважно е да се креираат модалитети за избегнување на несаканите последици што пак е во директно влијание и на самата продуктивност на компанијата“, вели М-р Горан Поповски, кој ова прашања на систематично го обработува во „Прирачникот за безбедност и здравје при работа – со збирка на прописи“.

Изјава за безбедност и мислење

Според законскиот предлог, секој работодавач мора да изготви и спроведе изјава за безбедност за секое работно место, прецизирајќи го начинот, како и мерките кои треба да се преземат. По изготвената изјавата за безбедност, работодавачот е должен да обезбеди мислење од синдикатот или преставникот на вработените таму каде што нема синдикат.

Работодавачот е должен  да го обезбеди остварувањето на правото на вработените непосредно или преку претседателот на синдикалната организација, да учествуваат во утврдувањето на недостатоците и во подобрувањето на условите за работа и на работната средина кај работодавачот. Исто така при планирање, набавка на работна опрема и воведување на нова технологија, е должен да се консултира и соработува со вработените и со претседателот на синдикалната организација,  заради нивното влијание по безбедноста и здравјето при работа, работните услови и работната околина.

Права на синдикалниот претставник

Претседателот на синдикалната организација, односно синдикалниот претставник на репрезентативниот синдикат или претставникот на вработените таму каде што нема синдикат ќе ги имаат  следните права:

  • да ги обиколи работните места поради согледување на состојбата во врска со безбедноста при работа, најмалку два пати годишно, а по потреба и повеќе пати во годината,
  • да побара од работодавачот да преземе соодветни мерки и во таа насока да поднесува предлози со цел да се намалат опасностите за вработените и/или да се отстранат изворите на опасностите,
  • да ја извести инспекцијата на трудот за нејзино посредување, да присуствува, да ги даде своите согледувања и да има увид во записникот составен од страна на инспекторот,
  • ​да побара од работодавачот информации и да има пристап до изјавите за процена за безбедноста и извештаите што се обврска на работодавачот и други документи во врска со планирањето и уредувањето на безбедноста и здравјето при работа,
  • ​задолжително писмено да бидат известени од страна на работодавачот, веднаш, а  најдоцна во рок од 48 часа од настанот, за смртен случај, колективна несреќа и повреда при работа која предизвикува времена неспособност за работа во траење повеќе од три работни дена, како и за секоја појава која преставува непосредна опасност и ја загрозува безбедноста на вработените при работа.
  • ​Работодавачот мора на претставникот да му овозможи непречено вршење на неговата функција, преку обезбедување на соодветно време и потребни средства без намалување на платата, при што не смее да го стават во неповолна состојба поради неговите активности.

Во рамки на овие измени на  Законот,  а на предлог на бизнис заедницата кој беше прифатен од Економско-социјалниот совет се дефинира постапката за заштита на студентите при практична работа односно се создава систем за нивна безбедна пракса.

Заштита на студенти за време на практична работа во рудници

Со следниве предлог мерки, се дефинира заштитата на студенти за време на практична работа во рудници во рамки на образовната програма:

  • Право на безбедност и здравје при работа согласно одредбите од овој закон имаат студенти кога се наоѓаат на практична работа во рудниците во сите фази освен во подземни ископи, во рамки на образовната програма.
  • Работодавачот е должен пред започнување со практична работа студентите во рудниците да ги запознае со мерките за здравје и безбедност при работа.
  • Извршувањето на практичната работа во рудниците може да започне само по претходно одобрение од одговорното лице кај работодавачот за завршена обука за на учениците и студентите на практична работа.
  • Работодавачот е должен на студентите да им обезбеди лична заштитна опрема и да ги обучи за користење на истата.
  • За време на практичната работа работодавачот и организаторот на практичната работа назначуваат одговорни лица кои ќе присуствуваат за време на изведувањето на практичната работа.
  • Работодовачот во соработка со организаторот на практичната работа треба да изготват план за работните места кои се безбедни за извршување на практичната работа за учениците и студентите.

Заклучоци од одржана јавна дебата на тема „Предлог на Закон за изменување и дополнување на Законот за безбедност и здравје при работа

Во врска со најавените измени, Македонското здружение за заштита при работа ги објавува и заклучоците од јавната дебата за конкретната тема, во кое како забелешки и сугестии за законското решение се наведува:

„1. Се врши дополнително оптоварување на законската регулатива и задолжително  вклучување на претседателот на синдикалната организација, односно синдикалниот  претставник на мнозинскиот синдикат и претставникот на работниците за  безбедност и здравје при работа.

Улогата на Синдикатот во обезбедување на  правата на работниците, па и правото на безбедна работа е регулирано преку низа  одредби од друга законска регулатива.

2. Заради практична примена на веќе постоечките одредби од Законот, а кои се  однесуваат на учеството на работниците во унапредување на системот за БЗР, се  предлага промена во Законот за безбедност и здравје при работа – формирање на одбори на ниво на компании во зависност од бројот на вработени, кои во своите редови  ќе имаат претставници на работниците и работодавачите (број на членови на  одборот дополнително би се утврдил) и би имале состаноци на одреден временски период. Секако овој предлог се темели на позитивно искуство од други земји.

3. Националниот совет за безбедност и здравје при работа, како стручно советодавно  тело, мора да биде навремено вклучено во било каква иницијатива за промена во законските решенијата во областа на безбедност и здравје при работа. Со овој  предлог измена и дополнување на Законот за безбедност и здравје при работа, поголем  дел од социјалните партнери, односно од членовите на Националниот совет, не беа  известени и консултирани по однос на ова прашање.

4. Да се почека со усвојувањето на предложени измени на законот, додека не се добијат резултатите од работата на комисијата која работи на Работна група за оценка на  спроведувањето на Законот за безбедност и здравје при работа, бидејќи од истите  може да произлезат и други предлог измени.

5. Секако пред усвојувањето на предлог измените, треба да се земат во предвид и погоре  наведените прашања кои произлегоа од дискусијата на јавната дебата на присутните  лица, а кои потенцираме дека се релевантни учесници во практичната примена на  Законската легислатива.

6. На оваа јавна дебта произлезе и заклучокот од потребата за дополнително  доуредување на подзаконските акти кои произлегуваат од Законот за безбедност и  здравје при работа.

(M.В) 7.1o.2014